Форум на демократска Македонија: Владата да испорача резултати во борбата со корупцијата во јавниот сектор

„Годинешниот индекс на перцепција на корупцијата, според Транспаренси интернешнл, односно нивните податоци, дава мрачна слика за состојбата на корупцијата ширум светот. Големиот дел земји, односно две третини од нив имаат резултат под 50, додека генералната слика е дека не е постигнат никаков напредок во справувањето со корупцијата речиси една деценија. Нашата анализа покажува дека корупцијата не само што го поткопува глобалниот здравствен одговор на COVID-19, туку придонесува за продолжување на кризата на демократијата“, информираше Форумот за демократска Македонија.

„Република Северна Македонија постигна 35 според индексот, рангирајќи ја на 111-то место во светот, што ја става во групацијата на две третини од земјите со резултат под 50. Споредбено, во 2012 година РС Македонија имаше резултат 43 и беше рангирана на 69-то место во светот според тогашниот ЦПИ.

Ова сугерира дека од 2012 година, РС Македонија не е во можност успешно да ја ограничи и контролира корупцијата во јавниот сектор и дека состојбата со корупцијата е значително влошена.
Извештајот дава голем број препораки за борба против Ковид-19 и за спречување на корупцијата, меѓу кои се истакнуваат зајакнатиот надзор и контрола на работењето на јавните институции, овозможување на лесно достапни информации околу јавните набавки, одбрана на демократијата и промовирање на граѓанското општество и објавување на точни податоци достапни за сите.
Корупцијата ги менува правилата на однесување и креира сосема нов вредносен систем кај луѓето.

Одлуките на власта имаат многу големо влијание во секој сегмент од секојдневниот живот, а како области со најмногу корупција граѓаните ги истакнуваат:

1. Образованието каде партиските вработувања носат ризик за формирање на функционално неписмени генерации.

2. Судството каде за бројни судски случаи кои предизвикаа милионски штети сеуште нема разрешница.

3. Градежништвото преку прекројувањето на урбанистичките планови за остварување на нечиј личен интерес наместо здрава животна средина.

4. Здравството преку ограничената конкуренција за набавка на лекови, медицинска опрема и бескурпулозното барање на мито,

5. Медиумите преку политизирање и ограничување на слободата на говорот.

6. Јавните набавки и тендери преку фаворизирање на фирми блиски до власта.

7. Непотизмот и клиентелизмот при вработување и напредување во државната администрација.

Во таа насока, форумот ја охрабрува Владата на Република Северна Македонија внимателно да ги разгледа наодите и препораките на извештајот и конечно да испорача резултати со мерливи индикатори од борбата со корупцијата во јавниот сектор и подобрување на состојбата во државата во однос на пандемијата.

Со нетрпение очекуваме да видиме подобрување на рангирањето на Република Северна Македонија во индексот следната година“, велат оттаму.

Слични содржини