Гардијан: Српската полиција соблече мигранти во долна облека и во мракот ги избрка во С. Македонија

од Stefanija Kuzmanovska
372 прегледи

Британскиот весник „Гардијан“ објави видео за кое тврди дека покажува група мигранти во долна облека како се движат во близина на границата меѓу Србија и Северна Македонија.

Видеото, кое весникот го добил од македонската невладина организација Легис, наводно прикажува ситуација во која српската полиција ги соголува мигрантите и ги принудува да се вратат во Северна Македонија.

„Гардијан“ посочува дека не може да ја потврди автентичноста на снимките, но според информациите на организацијата Легис, настанот се случил во близина на селото Лојане во близина на границата со Србија, а инцидентите наводно се случиле на 10 февруари.

Невладината организација тврди дека тој ден се случиле два понижувачки инцидента, каде што повеќе од 50 луѓе биле принудени да се соблечат во долна облека пред да бидат вратени во Северна Македонија, од каде илегално влегле во Србија.

Според изјавите на еден од мажите на видеото, за кој е наведено дека е Сириец, ваквите настани станале пракса на границата.

Јасмин Реџепи, претседател на Легис, посочува дека овие инциденти се случиле непосредно по самитот на Европската унија и Србија за граничната соработка со цел зајакнување на безбедноста на српската граница против шверцот на луѓе.

Радош Ѓуровиќ, извршен директор на Центарот за заштита и помош на барателите на азил во Србија, потврдува дека неговиот персонал бележи зголемување на бројот на мигранти кои се враќаат од Србија во Северна Македонија од почетокот на годината.

Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, изрази загриженост и повика на итна истрага на овие извештаи за наводната политика што ја применува српската полиција на границата. Таа нагласува дека овие инциденти ја прекршуваат Европската конвенција за човекови права и другите меѓународни стандарди.

Реџепи повикува на независна истрага за случајот и во Северна Македонија и во Србија и ја нагласува важноста да се дозволи присуство на независни набљудувачи за време на полициските операции со цел да се спречи насилство и дехуманизација.

„Гардијан“ објави дека српската полиција не одговорила на барањето за коментар за случајот.

Слични содржини