Газпром: Кина ќе го плати рускиот гас во јуани и рубљи

од Nikola Popovski

Во вторникот руски Газпром објави дека потпишал договор со кинеската „CNPC“ со кој се предвидува постепена транзиција на плаќање на рускиот гас во јуани и рубљи наместо во долари.

Способноста за плаќање во рубљи и јуани ќе биде корисна и за Газпром и за кинеската национална нафтена корпорација (CNPC), изјави извршниот директор на руската компанија Алексеј Милер.

„Тоа ќе ги поедностави пресметките, ќе стане одличен пример за другите компании и ќе обезбеди дополнителен поттик за развој на нашите економии“, рече Милер.

„Газпром“ не даде дополнителни детали за програмата или не кажа кога плаќањата ќе бидат префрлени од долари на рубли и јуани, напоменува Ројтерс.

Кон крајот на март, рускиот претседател Владимир Путин им нареди на европските клиенти да плаќаат гас во рубљи, откако Западот воведе големи санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина, исклучувајќи голем број руски банки од глобалниот систем за пораки SWIFT.

Русија веќе подолго време се обидува да ја намали употребата на долари, евра и други валути во својот банкарски систем и во трговијата, а процесот е забрзан откако западните земји и воведоа санкции поради војната во Украина.

Москва сака да изгради блиски економски врски со Кина и други незападни земји, особено нови пазари за нејзините јаглеводороди.

Во февруари, пред инвазијата на Украина, таа договори со Кина значително проширување на договорот за испорака на гас за Кина, вреден 37,5 милијарди долари.

На крајот на 2019 година, рускиот гас почна да пристигнува во Кина преку гасоводот Силата на Сибир долг 3.000 километри. Рускиот претседател го окарактеризира тој потег како „вистински историски настан, не само за глобалниот енергетски пазар, туку пред се за нас, за Русија и Кина“.

Слични содржини