Генералот кој го одбрани Киев откри каква е тактиката за одбрана на Бахмут

од Stefanija Kuzmanovska

Командантот на украинските копнени сили, Олександр Сирски, изјави дека нивната цел е да ги исцрпат и да нанесат големи загуби на руските сили кои се обидуваат да го заземат градот Бахмут во источна Украина.

Во видеото на кое се гледа како им се обраќа на војниците во нешто што изгледа како голем индустриски магацин, генерал-полковник Сирски рече дека Русите сè уште се фокусирани на заземањето на Бахмут по неколкумесечни борби.

Москва го смета заземањето на Бахмут како клучен предуслов за воспоставување целосна контрола врз регионот Доњецк во источна Украина.

„Тие не престануваат да се обидуваат да го опкружат и заземат градот. Од денес, наша главна задача е да ги исцрпиме супериорните сили на непријателот и да му нанесеме големи загуби. Ова ќе ги создаде потребните услови за помош во ослободувањето на украинската земја и да се забрза нашата победа“, рече Сирски во видеото објавено на Телеграм.

Бахмут имал околу 70.000 жители пред војната, но градот практично бил уништен за време на околу осум месеци интензивни борби. Сирски ги посетува силите во близина на линиите на фронтот додека Украина се подготвува за потенцијална пролетна контраофанзива по 13 месеци војна.

Сирски истакна дека одбраната на Бахмут е воена неопходност. Тој додаде дека неговите посети на војниците на линијата на фронтот се потребни за тој и другите команданти да се договорат за плановите кои ќе овозможат „реални резултати на бојното поле“, пренесува „Гардијан“.

Да потсетиме, Сирски ја организираше и водеше одбраната на Киев, а украинската армија под негово раководство успешно ги потисна руските сили кои речиси целосно го опколија главниот град на почетокот на руската инвазија во февруари минатата година.

Слични содржини