Германската министерка се засолнила во бункер за време на руските напади во Киев

Таа денеска на прес-конференција изјавила дека било вознемирувачко искуство, но за жал тоа е тажен дел од секојдневниот живот за Украинците.

од Бисера Трајковска
103 прегледи

Германската министерка за економија Катерина Рајхе се засолнила во бункер за време на руските воздушни напади врз украинскиот главен град Киев во текот на ноќта, објави ДПА.

Таа денеска на прес-конференција изјавила дека било вознемирувачко искуство, но за жал тоа е тажен дел од секојдневниот живот за Украинците.

-Оваа ноќ уште еднаш многу јасно ми покажа дека нападите на Русија имаат за цел да го исцрпат украинското население, изјави Рајхе.

Рајхе пристигна во Украина вчера со економска делегација во посета што ќе трае неколку дена.

– Нападите врз енергетскиот систем на Украина, вклучително и капацитетите за снабдување со електрична енергија и греење пред почетокот на зимата претставуваат сериозна закана, посочи германската министерка за економија.

Најмалку две лица беа убиени, а 12 повредени во ноќешниот руски напад врз Киев.

Украинскиот ретседател Володимир Зеленски објави дека Русија употребила девет балистички ракети и десетици беспилотни летала.