Кон тензиите меѓу партнерите на власт во Германија придонесе и ситуацијата во државата, односно истражувањата на јавното мислење кои покажуваат дека ЦДУ/ЦСУ, но и СПД, се изразито непопуларни.
Тоа е посебен проблем за Мерц, чија задача е да ја одржи коалицијата заедно, но тој истовремено е оптоварен и со лошите лични резултати во анкетите.
Покрај тоа, СПД и ЦДУ од самиот почеток на соработката се во константен судир поради различните погледи и решенија за проблемите во Германија.
Како што пишува „Билд“, ова резултираше со интерни дискусии за потенцијално покренување гласање за недоверба на Мерц и неговата влада.
Германскиот медиум тврди дека во два наврати самиот Мерц размислувал да ја покрене оваа иницијатива, а причината била ставот на СПД за измените на законот за пензии и за субвенциите за гориво, каде што дури пред самото усвојување на овие решенија беше постигнат договор.
Мерц има проблеми и внатре во својата партија. ЦДУ и ЦСУ му замеруваат, како што пишува „Билд“, на попустливоста во преговорите. Ситуацијата ја опишаа како Мерц да влегува на преговори со свои, а излегува со ставовите на Ларс Клингбејл, еден од лидерите на СПД и вицеканцелар.
Од друга страна, СПД му префрла дека не може да ги контролира сопствените партиски колеги, односно дека на време не им ги соопштува деталите од договорот и дека поради тоа доаѓа до застој во спроведувањето на она што е договорено.
Доколку дојде до гласање за недоверба и доколку Мерц навистина не добие мнозинство во Бундестагот, тој би останал на функцијата канцелар во својство на вршител на должност, а на претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, би била одлуката дали ќе го распушти парламентот.
Во случај тој да одлучи да го распушти Бундестагот, Германија оди на предвремени избори, при што во најдобра позиција ќе биде радикално десничарската партија АфД, која во моментов е најпопуларна во државата.