Гиговска нема да биде дел од концертот за годишнината од Рамковниот договор

од Nikola Popovski

Пејачката Антониа Гиговска го откажа настапот на музичкиот хепенинг на плоштадот Скендербег во Скопје, со што ќе се обележи 21 година од Рамковниот договор и започнувањето на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

Таа се огласи на својот Инстаграм профил по повод настанот:

-За мене е одговорен менаџерски тим кој прифати ангажман за кој ниту јас, ниту тие знaеле дека има или би имало политичка конотација. Па оттаму, бев приморана да го откажам мојот ангажман, се разбира со секоја почит према организаторот и према било која политичка страна, напиша Гиговска и додаде дека „не сака да биде дел од манифестација поврзана со политика“.

-Ниту некогаш ќе бидам. Мојата работа е да правам музика и на фановите да им го дадам најдоброто од мене, појасни Гиговска.

Таа ги замоли сите портали да не даваат лажни изјави.

-Навистина нема потреба да ми правите непријатели со тоа што ќе испревртувате мои зборови и нешто што лично јас сум дала како изјава иако воопшто не сум ни морала да одговорам на било каква порака или повик од истите, прецизира пејачката.

На официјалната фејсбук страна на Министерството за политички систем е тргната објавата во која беше најавена Гиговска и има нова објава со Владо Јаневски.

-Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците во рамките на одбележувањето на Охридскиот рамковен договор годинава организира „PEACE FESTIVAL“, како и Школа за млади лидери „Peace Forum Dialogue”. Првото издание на фестивалот кој се стреми да стане традиционален, ќе се одржи на плоштадот Скендербег во Скопје со настап на познати музички звезди. Заедно одбележуваме 21 годишнина од Охридскиот рамковен договор како и започнување на преговори за полноправно членство во Европската Унија, објавено е на страницата на министерството.

Музичкиот настан ќе се одржи на 13-ти август, во сабота, со почеток од 21 часот.

Слични содржини