Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски на СДК:
![goran-mihajlovski[1]](http://libertas.mk/wp-content/uploads/2016/04/goran-mihajlovski1.jpg)
Знае ли Иванов што значи кога ќе се извади војска на улица? Како се вика таа состојба? Зошто воопшто би ја вадел војската? Против кого да се бори? Против својот народ? Против чаталот и Здравко Савевски? Против Уранија Пировска и Мирјана Најчевска? Против студентот Борјан? Против возачот на комбето со чаталот? Едни насилни ликови, што да ти кажам. Или против оние што играат мајтап со градоначалникот на Битола, па малку им се 27 кривични пријави, па уште и војска ќе им праќа да ги собере разлетаните пари „владимирки“? Што треба да прави војската? Да го елиминира непријателот што со платно на кое се испишани политички пораки сака да му го зафркне роденденот на ВМРО-ДПМНЕ и да ја преземе славата од славеничкиот говор на Никола Груевски? Оти платното е поголема закана од заканите што ги изрече Груевски во говорот. Или војската ќе поведе жестока офанзива со сите оружја против Катица и Фатиме оти му ги вознемируваат тие што го донесоа на власт.
Па уште, лут, па неразбран, па навреден, па љубоморен… На другите претседатели им правеле атентати, гинеле по авионски несреќи и никому ништо, а за него – најдобриот од сите до сега му гласале недоверба во Собранието. Зошто? За една обична аболиција на политичка елита осомничена за тежок криминал. Е па стварно нема правда, нема мир. И сега ќе видите вие. Не само странски служби, не комбиња што шетале, не терористички групи, не само мигранти што ќе ја преплавеле Македонија, не туѓи наметнати игри, не меѓумакедонски судир, не крвопролевања по улиците, криминални мрежи, море закани за атентат… туку на Врховниот командант му текна и на војската. На истата војска, која под негова команда спиеше на земја и јадеше конзерви од месен нарезак бранејќи ја границата на Европа од тие опасни мигранти, што на Ѓорге му беа изговор за неговото херојско дело.
И во МВР отиде да му се заблагодари на министерот Митко Чавков. Дека успеал да ја сочува зградата на ВМРО-ДПМНЕ од боење. Оти државата може да падне, ама ВМРО-ДПМНЕ не смее. Што мислите, ако за боење на Министерството за правда, Собранието, Триумфалната порта, општина Битола, судовите и зградата на Владата се добива притвор, како ли ќе го казнат тој што ќе се осмели да фрли боја врз зградата на ВМРО? Ќе му пресудат по куса постапка. Ќе го обесат среде плоштад за мадето на Букефал.
Целата колумна на СДК на следниот линк.