Главната опозициска партија во Британија ќе бара гласање за недоверба на Џонсон

од Stefanija Kuzmanovska

Најголемата британска опозициска Лабуристичка партија денеска во парламентот ќе претстави предлог за гласање недоверба на владата на премиерот Борис Џонсон, што се очекува да се одржи во среда, изјави партиски извор за „Ројтерс“.

Иницијативата за гласање недоверба им дава можност на пратениците од сите партии застапени во парламентот да гласаат дали владата, која моментално е под раководство на Џонсон, ќе продолжи да работи.

Ако владата го изгуби гласањето, тоа би можело да предизвика национални избори, но предлогот на лабуристите веројатно нема да биде широко поддржан, наведува британската агенција.

Конзервативната партија заостанува во анкетите и во тек се изборите за нејзино раководство, па не се очекува пратениците од владејачката партија да го поддржат предлогот што би можел да ги доведе гласачите на гласање, јавува „Танјуг“.

Џонсон минатата недела најави дека ќе се повлече откако повеќе од 50 високи владини функционери поднесоа оставки во знак на протест поради неговото останување на функцијата, но исто така најави дека ќе остане на функцијата премиер додека не се избере замена на почетокот на септември.

Лабуристите соопштија дека ќе предложат гласање доколку Конзервативната партија не преземе чекори за отстранување на Џонсон порано, пренесе „Ројтерс“.

Слични содржини