Град Скопје го отвори зелениот покрив на Домот на градежници (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Градот Скопје во соработка со УНДП го уреди вториот зелен покрив во строгиот центар на градот – покривот на Домот на културата „Кочо Рацин“, попознат како Домот на градежници. Според проектот, на површина од речиси 400 квадратни метри се засадени над 30 различни видови садници – дрвја, средно и ниско зеленило кое е функционално распоредено, има тревна површина и вертикално зеленило на ѕидовите, а поставени се и клупи и канделабри.

– По фантастичното искуство што го имавме со отворањето на зелениот покрив на Градскиот трговски центар ова е втора ваква површина што како јавен простор ја ставаме на користење за граѓаните. Таа се наоѓа во Малиот ринг, онаму каде што и тоа како ни е потребно зеленило. Постарите генерации скопјани се сеќаваат дека токму на овој простор се наоѓало летно кино, а граѓаните од околината можеле да уживаат во кино-претстави. Тоа е всушност и идејата на Градот, на оваа површина во текот на летниот период да организираме мини отворено кино, таканаречено „немо“ кино во кое со слушалки ќе се гледа претставата, за да не пречиме на соседството. Ем ќе ги вратиме спомените, ем ќе го облагородиме овој простор – рече денеска градоначалникот Шилегов.

Проектот за изградба за зелениот покрив на Домот на градежници е финансиран од буџетот на Град Скопје во вредност од околу 18,5 милиони денари, а имплементиран е во соработка и со поддршка на УНДП.

Според постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, сè повеќе луѓе во светот живеат во градовите, тоа создава голем притисок врз животната средина и отвора предизвици за локалната самоуправа, па затоа УНДП секогаш се обидува да помогне.

„Поканете што повеќе луѓе да го посетат овој простор, да организираат настани, да дојдат со семејствата особено во овој период на ковид кога сите сакаме да излеземе на отворено“, рече Сахакјан.

Слични содржини