Грчкиот остров со најскапо ноќевање: Нема кревет без 130 евра, лежалките одат и до 700

од Vladimir Zorba

По две години од пандемијата на коронавирусот и строгите мерки, се чини дека целиот свет, барем што се однесува до оние познатите, е на грчкиот остров Миконос. Сезоната ја отвори сопственикот на SpaceX и Tesla, Елон Маск, а многу познати личности моментално уживаат на островот.

Сепак, за голем број – и за грчки и светски познати личности не е ништо невообичаено за Миконос, но тоа е случај за „обичните смртници“, односно туристите кои во бранови пристигнуваат од целиот свет. Згора на тоа, податоците покажуваат дека побарувачката на островот е зголемена за цели 46 отсто во однос на минатата година, па затоа се бара кревет повеќе.

„Веќе напролет предвидовме дека резервациите за оваа сезона веројатно ќе ги надминат дури и оние од 2019 година, рекордна година за грчкиот туризам во целина“, вели претседателот на Здружението на компании за краткорочен лизинг на недвижности (STAMA) Насос Гавалас во изјава за Атинско-македонската новинска агенција (ANA-MPA).

Зголемениот број на гости кои следеа по две години од пандемијата, од една страна, и желбата за профит на угостителите, од друга страна, предизвикаа враќање на цените на повисоки нивоа од пред 2019 година.

Нема ноќевања под 100 евра

Според податоците на Здружението, најголема зафатеност на сместувачки капацитети има токму на островите Крит, Родос, Крф, Миконос и Санторини. Миконос, пак, има најскапа просечна цена за ноќевање во Грција во износ од 742 евра, а исполнетоста на капацитетот е 75 отсто.

STAMA појаснува дека сместувачки капацитет значи секаков вид сместување, кое си го нашло своето место на онлајн платформите за резервации AirBnb, Booking, VRBO и Trip Advisor, односно хотели, апартмани, полупансиони, вили, соби и хостели.

Годинава во самиот град речиси е невозможно да се најде сместување под 400 евра од ноќ. Иако цените се повисоки од кога било, во средината на август исполнетоста беше дури 85 отсто, па немаше премногу слободни сместувачки единици.

Оние кои ќе резервираат за Миконос преку Booking можат да најдат ноќевање за околу 130 евра само за две лица и исклучиво надвор од градот и најверојатно од другата страна на островот, кој за среќа не е голем и превозот функционира совршено.

На AirBnb нема ни опции за ноќевање под 100 евра во средината на август.

А кога станува збор за категориите на луксузни вили, Миконос и оваа година доминира со просечна цена од 12.967 евра дневно за приближно 250 квадратни метри. Споредено со лани, ова е раст од 3,8 отсто.

Лежалки од 50 до 700 евра

Цените на лежалките на Миконос варираат исто како и сместувачките единици – се зависи од локацијата и угледот на местото. Имено, Псару е една од најпопуларните и најпознатите плажи на островот, дом на светски познатиот ресторан „Намос“, па се уште ја држи титулата за најскапа плажа на островот.

Според официјалните податоци, „Намос“ секоја сезона дава 86.000 евра за користење на илјада квадратни метри плажа. Но, таа сума им ја враќаат речиси за еден ден, бидејќи приходите од сезоната изнесуваат околу 20 милиони евра, пренесе „Прото тема“.

Така, оние кои би сакале да уживаат во првиот ред лежалки покрај море во Намос, за тоа задоволство треба да потрошат 700 евра за две лежалки и чадор за сонце.

Paradise важи за втората најскапа плажа, барем кога се во прашање лежалките, а потоа следат Плиндри, Платис Џалос и Еља.

Една од најпристапните плажи е Калафатис, омилена меѓу љубителите на водените спортови. Изнајмувањето на пар лежалки и чадори на оваа плажа чини 50 евра и, иако можеби е премногу, таа всушност е едно од поевтините места на островот. Исто така, има дел од плажата што е јавно добро и не бара изнајмување лежалки.

И богатите плачат

Меѓутоа, каде што има многу пари, има и организиран криминал. Имено, крадците дознаваат од своите доушници, претежно возачи, вработени во вилата и консиержи каде ќе престојуваат богаташите со накит, злато и готовина. Внимателно ги следат кога ги напуштаат своите вили и хотелски соби, а потоа напаѓаат и грабаат сè на повидок, од злато до готовина, па дури и пасоши и возачки дозволи.

Последни жртви на кражба биле туристите од Албанија кои резервирале апартман во луксузен хотел на Плиндра. Минатата недела во раните утрински часови непознати лица упаднале во нивната соба со дупчалка низ балконската врата.

На првата албанска туристка, која случајот го пријавила во полиција, одземено и е злато во вкупна вредност од 17.100 евра, пасош и возачка дозвола. Украден е накитот и на нејзината сестра од 18.400 евра, а нејзиното момче имало злато и предмети од 10.000, како и пасош.

Пасошите што крадците им ги земаат на туристите завршуваат на црниот пазар, каде што ги купуваат групите за криумчарење мигранти и ги препродаваат.

Цените на пасошите потоа варираат на црниот пазар во зависност од потеклото. Според „Прото тема“, американски пасош може да се продава на црниот пазар од три до пет илјади евра. Пасошот на ЕУ чини 1.000 евра, а пасошите од трети земји како Египет и Турција чинат 500 евра.

Слични содржини