Грција усвојува закон за истополови бракови со право на посвојување деца

од Stefanija Kuzmanovska
277 прегледи

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави дека неговата земја, како една од последните членки на ЕУ што го стори тоа, во наредните месеци ќе ги легализира истополовите бракови и ќе им дозволи на тие парови да посвојуваат деца.

Мицотакис, лидер на конзервативната Нова демократија, во средата вечерта изјави дека дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација мора конечно да престане и дека хомосексуалните парови треба да ги имаат истите права и обврски како и хетеросексуалните брачни парови.

Мицотакис нагласи дека се работи за брак склопен во матично, а не во црква, која остро се противи на вакви бракови во Грција.

Тој додаде дека не сака темата да го подели грчкото општество и дека ги почитува оние кои имаат поинакво мислење, но дека тоа е прашање што веќе е легализирано кај огромното мнозинство од членките на Европската унија.

Неговата објава секако ќе предизвика бура од негодувања, особено во црковните кругови, кои се многу влијателни во Грција. Сепак, иако Грчката православна црква е уставно официјална црква на државата, таа нема моќ директно да влијае на одлуките на владата и парламентот.

Аналитичарите, сепак, очекуваат жестоки дискусии за правните аспекти на ваквата одлука.

„Дваесет земји во Европа веќе ги легализираа истополовите бракови. Ние не измислуваме топла вода“, изјави Мицотакис за државната телевизија ЕРТ.

Тој исто така рече дека со новиот закон ќе се прошират правата на хомосексуалните парови на родителство, дека тие ќе имаат право да посвојуваат, но нема да им биде дозволено да добиваат деца од сурогат мајки, или гестациски носители, пишува весникот „Екатимерини“.

Нагласувајќи дека владиниот предлог-закон се разликува од предлогот на опозициската левичарска партија Сириза, Мицотакис рече дека законот ќе гарантира дека децата од истополовите бракови имаат исти права како и оние од хетеросексуалните.

Грчкиот премиер првпат ги објави плановите за продолжување на брачните права на истополовите парови во јули 2023 година.

Грција ги легализираше граѓанските врски на истополови двојки во 2015 година.

На прашањето колку долго ќе трае јавната расправа за законот, Мицотакис одговори дека нема да биде долго и дека партиската дисциплина нема да биде потребна за време на гласањето.

Слични содржини