Грција одобри примена на лек за срце за лекување на ковид

од Stefanija Kuzmanovska
749 прегледи

Грција даде „зелено светло“ за употреба на ефтиниот срцев препарат колхицин во третманот на пациенти со корона. Ова не е лек против корона, но е значајна помош во борбата против вирусот бидејќи ја намалува смртноста, бројот на пациенти на кои им е потребна хоспитализација, ги ублажува воспалителните процеси …

Грчкото Министерство за здравство ја одобри неговата употреба по студија во Канада, во која учествуваа и грчки експерти, и која покажа дека по давањето колхицин на пациенти со ковид, смртноста се намалува за 44 проценти, хоспитализацијата за 25 проценти и потребата за респиратор за 50 проценти.

Според координаторот на грчкиот истражувачки тим, професорот по кардиологија Спирос Дефтераиос, ова откритие е значајно во време кога има проблеми со обезбедување на потребните количини на вакцина.

„Колхицинот ја намалува стапката на смртност, но тоа не е лек против корона. Тоа е препарат кој ја намалува понатамошната прогресија на болеста кај пациенти заболено со корона и не може да се даде на сите пациенти. Во секој случај, ако нема други сериозни болести кои се контраиндицирани со овој препарат, и помладите и постарите луѓе можат да го добијат. Неговата употреба е дозволена само со одлука на лекарот и на рецепт“, рече во интервју за ТВ Скај Панајотис Гаргалијанос, директор на патолошко-инфективната клиника на Атинскиот медицински центар и подвлече дека лекарот мора да одлучи кој смее да го прими лекот.

Во секој случај, колхицин се дава само на пациенти заразени со корона, во идеален случај 24 или 48 часа по позитивниот молекуларен тест на корона.

Слични содржини