Хоџа: Винарските визби се задолжени да покажат извештај за потребите

Сите винарски визби треба да достават извештај за тоа колкави ќе бидат нивните потреби од реколтата на грозјето. Истовремено, од нив се бараат сугестии во делот на тоа како треба да се оддржуваат лозјата за годинава да има подобар квалитет, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

„Денеска воспоставуваме дијалог меѓу лозарите и винарските визби за тоа каква година сакаме да имаме. Како што најавив по завршувањето на исплатата на средствата за лозарите, ја одржавме првата средба пред отпочнување на сезоната на грозјето на која ги искажавме нашите ставови дека во текот на минатата година ги исполнивме сите ветувања во делот на финансиската поддршка, во годината која беше лоша за лозарството“, посочи Хоџа по денешната средба во Скопје со претставници на лозарите и винарските визби.

Исто така, тој потенцираше и дека денеска се одржува првичниот состанок и најави уште неколку состаноци меѓу кои првиот ќе биде наредниот петок кога, како што рече, верува дека ќе има конкретни чекори како постепено до почетокот на откупот на грозјето од годинашната реколта Министерството за земјоделство да учествува и во советодавните тела, но и во менаџирањето како најдобро може да помине годинава во делот на лозарството, односно грозјето, виното и производите од вино.

„Верувам дека ваквиот однос на Министерството и партнерското поставување е решение и другите гранки да отпочнат дијалог во делот на откупот и производството и во таа насока очекувам дека ќе имаме добри и позитивни резултати и да не се повтори лошата година што е зад нас, посебно за лозарите заради лошите временски услови“, заклучи Хоџа.

Слични содржини