Хоџиќ: Денес за нас никој не зборува ниту во ЕУ ниту во САД – креваат раце затоа што Македонија се одлучи на „самоубиствена изолација“

-Никој од нас не бара да водиме политика „или САД или ЕУ“, а како резултат на многу наши компромиси во минатото имавме кредит за политиката „и САД и ЕУ“, вели за „Локално“ претседателот на СДА Македонија

од Nikola Popovski
76 прегледи

„Стратешките цели на Р. Северна Македонија се јасни од независноста па до денес, а и усвоени во разни документи. Наша цел е нашата држава да е демократска, економски развиена, членка на НАТО и ЕУ. По ова е јасно дека нашиот пат е на Западот. Посебно ако се има во предвид и дека нашата економија е зависна од соработката со државите во ЕУ, тука не се остава простор за дилеми. Да, Северна Македонија треба да има добра соработка со што повеќе земји, па и оние од Истокот, но кога се однесува за нашето геополитичко позиционирање, тука не би требало да има дилема“, вели во анализа за „Локално“, претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ за надворешната политика на земјава и како треба да се насочиме откако се погласно се зборува дека се руши стариот светски поредок.

Сепак, за жал, вели дека гледаме како имаме Влада, која води политика на заладување на односите со ЕУ, создавајќи перцепција, преку својата пропаганда, дека Македонија е жртва на некаков заговор и непријателско однесување на ЕУ.

-Нашата власт гради регионални партнерства со два авторитарни лидери, како што се Орбан и Вучиќ, за кои на цел свет им е јасно дека се прокси на Русија во ЕУ и на Западен Балкан. Сметам дека за позиционирањето во геополитичка смисла, стратешките партнерства треба да ги градиме со центрите во Вашингтон, Брисел, Берлин и Лондон, оценува Хоџиќ.

Соговорникот согледува дека по доаѓањето на Трамп на чело на САД, гледаме дека се развива сериозно несогласување помѓу САД од една страна и ЕУ од друга страна, по разни прашања, најмногу видливи на прашањата околу Гренланд и Украина. Во оваа ситуација, вели Хоџиќ, ќе беше попаметно Северна Македонија да не зазема страна во „новото нормално“, од повеќе причини.

-Прво од нас тоа никој не го бара. Второ, ние како држава уште ја немаме заокружено втората стратешка цел – членство во ЕУ. Иако, за жал, имаме Влада која прави буквално се тоа да не се случи. Трето, самата позиција на САД, покрај сите несогласувања со ЕУ, е дека местото на Северна Македонија е во ЕУ и дека треба да направиме се што е до нас за тој процес да се заокружи. А знаеме, дека нашата домашна задача се Уставните измени. Четврто, и САД и ЕУ се заинтересирани да се намали овде политичкото влијание на Русија и Кина.

Да ја потсетиме јавноста, дека во последниот извешатј на ЕУ за Северна Македонија јасно е наведено негативното влијание на “српскиот свет“ кај нас. Исто така, во Законот за Западен Балкан, кој е усвоен во САД, јасно се наведени проблемите кои Србија ги има со демократијата и организирањето на фер и демократски избори, а се тоа под авторитарното владеење на Александар Вучиќ. Како што гледате, плановите за нас се исти и на ЕУ и на САД. Ние немаме потреба да бираме “или САД, или ЕУ“, ние имаме комотна позиција да играме на картата “и САД и ЕУ“, а за тоа никој да не ни замери. За жал со оваа неодговорна политика на “новото нормално“, во која нашата држава комплетно застана само зад САД, секако дека кога-тогаш ќе ни биде “фактурирано“ од страна на ЕУ. А таа фактура ќе ја плати државата и граѓаните, а не актуелната неодговорна владеачка елита, која место од македонските се води од интересите на “српскиот свет“, посочува претседателот на СДА Македонија.

Околу дилемата дали и Македонија може да „седи на две столчиња“, нешто што го гледаме од српскиот претседател Александар Вучиќ со години, Хоџиќ вели дека такво нешто веќе не може ниту Вучиќ.

-Да потсетиме, само пред некој ден, Србија беше принудена, дури и со санкции, да од НИС го избрка мнозиснскиот руски газда. Унгарски МОЛ мораше да го превземе контролниот пакет од руските газди во НИС. Србија на разни начини и денес плаќа цена затоа што режимот на Вучиќ во многу слуачи се водеше од руските наместо интересите на Србија.

Немојте да заборавите, Македонија е многу мала држава. Притоа економскиот стандард е насјлаб и во слабата конкренција на државите од Западен Балкан. Денеска во Скопје се живее полошо и од Сараево, и од Приштина, и од Тирана, и од Подгорица… тоа е цената која ние ја плаќаме од долгогодишанта изолација, прво во спорот со Грција, а сега и во спорот со Бугарија.

Едноставен е одговорот на прашањето “Што мислите, кој губи затоа што Северна Македонија нема да влезе во ЕУ, до 2029 година, заедно со Црна Гора и Албанија, граѓаните на Северна Македонија или Бугарија?“. Ниту можеме да седиме на две столчиња, ниту ароганцијата и ставањето на проблемите под тепих можат да помогнат за подобро утре на државата и граѓаните, смета Хоџиќ.

Претседателот на СДА Македонија е дециден дека ние треба да ги вградиме нашите интереси со интересите на САД. Дециден е дека нашата држава има преземено обврска, на својот европски пат, да ја усогласи својата надворешна политика со ЕУ.

-Трето, ние сме сведоци дека администрацијата на Трамп на голема врата ја враќа политиката на интервенционизам, но ние како мала држава немаме луксуз да бидиме на позиции кои се спротивни на меѓународното право. Малите држави немаат комоција геополитиката да ја водат на аргументот на силата, туку за нас важни се принципите, како и поизиицте на САД и ЕУ. Кажав и погоре, никој од нас не бара да водиме политика “Или САД или ЕУ“, а како резултат на многу наши компромиси во минатото имавме кредит за политиката “и САД и ЕУ“, укажува Хоџиќ и додава дека со актуелната власт немаме капацитет за никакви нови поуки. Напротив, вели тој, ако ги анализирате потезите на претседателката Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и министерот Тимчо Муцунски, „се чини дека сите одат по паметот на вицепремиерот Иван Стоиловиќ“.

Фото: Вештачка интелигенција

-Тоа со други зборови значи не дека ќе научиме нови, ние намерно ги игнорираме веќе научените лекции во минатото. Како на друг начин да го толкувате молкот на претседателката на државата, премиерот и министерот за надворешни на активностите и заклучоците кои јавно ги изнесува Стоилковиќ, објаснува Хоџиќ.

За фактот дека од САД се уште, барем засега не добивме покана за членство во Одборот за мир во Газа и каква порака се испраќа со тоа од нашиот стратешки партнер, претседателот на СДА Македонија вели дека сето тоа е резултат на една дилетантска политика. Потсетува дека ние само пред пар години бевме место каде што светот на маса во Охрид ги седуваше претставниците на Приштина и Белград да најдат решение за проблемите во нивните меѓусебни односи.

-Денес за нас никој не зборува ниту во ЕУ, ниту во САД, едноставно креваат раце од нашата држава. Во светот кој е полуден, од геноцидот на Израел во Газа, преку агресијата на Русија во Украина, па сега разните конфликти во другите делови од светот, никој нема намера да троши време и ресурси затоа што Македонија се одлучила на „самоубиствена изолација“.

На почетокот на 90-тите, ние како држава имавме стартна позиција која беше децениски пред позицијата на Албанија, да речеме за пример. Денес ако Гордна Силјановска Давкова и Христијан Мицкоски ги споредите со Еди Рама, тоа ви е како да споредувате „Застава 101“ со “Голф“. Албанија не само што не стигна, сега е толку пред нас, што ги има отворено сите поглавја во преговорите со ЕУ, а кога ќе влезат 2029-та година, а ние ќе останеме надвор, по некое време нема да може да се прави никаква споредба. Како што некогаш сме можеле да правиме споредба меѓу нас и Бугарија, а денес тоа е неспоредливо. Тешко ќе биде отрезнувањето од заблудите кои на граѓаните им ги продава оваа неодговорна власт, објаснува политичарот.

Сето ова „менување на граници“, „правила на посилниот“, „газење на меѓународното право“, па и дебатите за крај на НАТО, нешто што може да се случи ако Трамп се предомисли и сепак испрати војска на Гренланд, покренува прашања за нашиот опстанок во форма во која сега постои земјата, најмногу поради искрите со Бугарија. На прашањето дали е загрозена безбедноста, Хоџиќ истакнува дека би била загрозена ако не бевме во НАТО, додавајќи дека тоа е нешто на кое ВМРО- ДПМНЕ суштински се противеше преку противењето на Преспанскиот договор.

-Сега наша најголема закана е економското заостанување. Замислете како реагира економијата на гласните најави од власта со кои се убива европската перспектива. Нашата држава ниту има знаење, ниту има ресурси да ја реформира структурата на нашата економија, која е толку импотентна да нејзиниот раст почесто е помал и од стапката на инфлацијата. Во овој момент самоизолацијата е нашата најголема закана, а таа во иднина може да произведе и разни безбедносни ризици, вели соговорникот.

Околу тоа како би се позиционирале како партија во целата ситуација, доколку се на власт, Хоџиќ посочува дека политиката ја сфаќа како алатка преку која треба да се гради демократска и економски развиена држава.

-Дел од другите политичари политиката ја разбираат како потреба од екстремен популизам, со цел на добивање и одржување на власт по секоја цена. Наша цел е сите граѓани да се еднакви, па така и припадниците на бошњачкиот народ да се интегрирани во институциите. Би работеле сериозно на негување на меѓуетничките односи, како предуслов за секаков понатамошен развој на државата. Кога би имале можност, мандатот би го почнале со Уставни измени со цел одблокирање на европскиот пат. Би се труделе со сите соседи да градиме одлични релации. Како и со земјите во регионот.

Ние би направиле буквално се што знаеме и умееме Северна Македонија да биде држава на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка и верска припадност. Сакаме да создадеме здрави и транспарентни институции, во корист на сите граѓани. Бескомпромисна битка со криминалот и корупцијата која би ги наполнила буџетите на институциите. Да се направат сите можни чекори државата што побрзо да влезе во ЕУ. Геополитички би се позиционирале на овие адреси: Вашингтон, Брисел, Лондон и Берлин. Би се бореле против негативните политички влијанија од Русија и Кина. Посебен акцент би ставиле во инклузија на сите ранливи категории на граѓани, а во економскиот дел повеќе акцент би ставиле на развој на мали и средни претпријатија, за разлика од сегашната власт која е слуга на крупниот капитал. Она што треба да се каже, нам ни е потребна и суштинска реформа, преку која младите спремно ќе ги дочекаат технолошките промени. Администрацијата треба да се реформира и да биде вистински и брз сервис на граѓаните, укажува претседателот на СДА Македонија, додавајќи дека факт е како се создава нов поредок, а дилемата е дали новиот свет ќе биде биполарен или мултиполарен.

-Јас мислам дека повторно на крај ова ќе заврши како биполарен свет, во кој САД ќе бидат водечки во овој дел од цивилизацијата, а Кина во другиот дел од цивилизацијата. Дел од аналитичарите потезите на Трамп ги читаат како прегрупирање за да САД во што подобра позиција го доечкаат судирот со растечката Кина. Аналитичарите коментираат и дека Трамп има за цел да ја извлече Русија од сојузништвото со Кина. Сепак, главен фундамент на супериорната САД ќе мора да остане во соработката со ЕУ. Па затоа немам сомнеж дека ќе има сериозни обиди на било кој следен претседател на САД, без разлика републиканец или демократ, да ги поправа односите на САД со ЕУ, заклучува Хоџиќ во интервјуто.

Н.П.