Им подлегна на притисоците: Премиерот на Хаити поднесе оставка

Претходно во понеделникот, Блинкен најави дополнителни 100 милиони долари за финансирање на распоредувањето на мултинационални сили на Хаити и уште 33 милиони долари хуманитарна помош.

од Бети Божиноска

Премиерот на Хаити, Ариел Анри, поднесе оставка по повеќенеделниот притисок и се поголемото насилство во таа карипска земја, соопшти претседателот на Групата карипски земји и лидер на Гвајана, Ифран Али, пренесува „Еуроњуз“.

Оставката на Анри доаѓа по понеделничката средба на регионалните лидери со американскиотѕ државен секретар Ентони Блинкен во Јамајка за да разговараат за политичката транзиција на Хаити.

Претходно во понеделникот, Блинкен најави дополнителни 100 милиони долари за финансирање на распоредувањето на мултинационални сили на Хаити и уште 33 милиони долари хуманитарна помош.

„Ја прифаќаме оставката на премиерот Анри по формирањето на преоден претседателски совет и назначувањето привремен премиер“, рече Али.

Тој додаде дека Преодниот претседателски совет ќе биде составен од двајца набљудувачи и седум члена со право на глас, вклучувајќи претставници на неколку коалиции, приватниот сектор и граѓанското општество и верски лидер.

Според Али, никој што има намера да се кандидира на следните избори на Хаити нема да има право да стане привремен премиер.

Анри претходно беше во Кенија за да потпише договор за распоредување меѓународни безбедносни сили кои ќе помогнат во борбата против насилството што се разгоре откако бандите нападнаа полициски станици и упаднаа во двата најголеми затвори на Хаити.

За потсетување, пукањето во центарот на главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и во областа околу меѓународниот аеродром во градот почна на 29 февруари во отсуство на премиерот Анри.

Криминалните групи го парализираа животот во Порт-о-Пренс, објавувајќи дека имаат намера да го спречат Анри да се врати на чело на земјата во која, во меѓувреме, е е прогласена вонредна состојба.

Хаити поминува низ повеќедецениска општествено-политичка криза која се влоши по атентатот на претседателот Жовенел Моис во јули 2021 година. Владината неактивност оттогаш доведе до невиден пораст на криминалот под влијание на бандите кои се занимаваат со изнуда и  киднапирање за откуп и контролира цели области на земјата, меѓу кои и терминалите за гориво.

Слични содржини