Има ли лек за оваа душевно болна нација?!

од Vladimir Zorba

Кога го напишав ФБ статусот за страотната несреќа во соседна Бугарија, во која 45 наши сограѓани трагично го загубија својот живот, нагласив дека „секое чудо е за три дена, кај нас е еден“, познавајќи го класичниот менталитет на просечниот Македонец.

И таа моја „прогноза“ се овистини, бидејќи хистеризираната јавност веднаш се префрли на коментирање на едно вирално видео од малиот извидник Петар, во еден национален транс, каде што се поделивме кој го поддржува и се воодушевува (повеќемина) и кој го критикува, поради „размазеност“ (ги обвинува неговите родители за таквиот начин на воспитување).

Капак на се, беше објавеното видео од една скопска градинка во која на дечињата, воспитувачката им ја пуштила турбофолкерската кичерајска песна „Жена од султана“, на која играат, па јавноста жедна за скандали, данок во „крв“ и осуда на ѕидот на срамот се префрли национално да ја коментира и оваа „тема“.

Еднаш еден поранешен министер за финансии, во една аудио објавена снимка, на својата тогашна колешка министерка за внатрешни работи, и вели дека се лудаци, во оригинал „ние сме лудаци“, алудирајќи на нив и нивниот начин на владеење, но веројатно оваа негова најточна констатација се однесува колективно на цела една нација, во случајот нашата.

Ние сме лудаци, за кои спас нема

Па постојат ли поголеми лудаци, од луѓе кои се занимаваат и трошат енергија за расправање на вакви теми (не дека се општествено неважни), но во држава во која најголем дел од населението преживува со плата од околу 300 евра, со најголема невработеност на Балканот и во Европа, ужасен низок животен стандарт, катастрофална национална слика на населението во однос на заразени и починати од Ковид-19 пандемијата, енергетска и инфлациска криза која ни тропа на портите, како што насекаде низ светот е најавена и веќе се дебатира за излезните решенија, и ред други животно сериозни проблеми кои не мачат три децении како држава и општество, вие да се занимавате со овие теми и уште повеќе да се делите во два спротиставени табори, и за тоа да се дебатира, дискутира, полемизира со денови на социјалните мрежи, сериозно треба нешто да ви фали колективно.

Македонецот во суштина, во овој дваесет и први век е мува ѕунѕара, изгубена во времето и просторот, без ориентациски компас, кој ниту знае што сака да направи со себе и своето државно организирано живеење, ниту пак има знаење и капацитет тоа да го направи. Фејбук социјалната мрежа на Македонците им доаѓа како платформа во која тие на најхистеризиран начин, ги лечат своите индивидуални/лични, но и национално/колективни фрустрации и комплекси, на која истураат гнев, жолч и ја исфрлаат сета негативна енергија натрупана во нивното животно битие.

Исто така, оваа популарна социјална мрежа, претставува и мелем за кревката и исплашена душа на Македонецот во која тој се чувствува моќен, супериорен, може да критикува, навредува, да се спротиставува, дури и заканува, односно да се чувствува јак. Бидејќи на практика, секогаш, кога ќе се тргнете од позади тастатурата, вие се соочувате со еден институционален хаос од (не)ред и поредок, во кој не можете ниту да се снајдете, ниту пак да егзистирате.

Оттаму доаѓаат фрустрациите, а во комбинација со најголемиот македонски спорт и занает, а тоа е подмазувањето, умилкувањето, веднењето пред повисоки авторитети, и болното лицемерие кое се практикува према нив, за некој мизерен личен интерес (најчесто вработување за себе, или свој близок), тогаш Фејсбукот е лој, во кој македонскиот гној се чувствува најудобно.

Невидени феномени на хистеризираното живеење

Јас не знам друга нација и друг народ, кој после цели триесет години независност, седум и пол децении државност, да не знае се уште кој пат да го фати, односно се уште да живее како „мува без глава“, без трасиран пат на општествен развој со кој ќе се подигне општествениот стандарт на живеење и ќе им се обезбеди на граѓаните стабилна, просперитетна и иднина која ветува исполнет, реализиран и среќен живот.

После три децении, нашата главна национална преокупација ни стана виралното видео на малиот Петар, кое требаше да биде навидум едно обично видео во кое детската чиста мисла, на најискрен, типично својствен начин за децата, ги кажува своите мисли, потреби, желби и ставови по односна храна, токму карактеристично за неговата возраст. Ние влеговме во потешка поделба за ова и караници од тие меѓу најжестоките симпатизери на левицата и десницата кај нас. Толку од нас. Нека ни е наздравје.

Само да не лелекаме и да се чудиме зошто сме до ова дереџе. Да не се секираме, ние можеме и тоа како, да копаме уште надолу, бидејќи и под дното, Македонецот може да нурне уште подлабоко откривајќи нова дна.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини