Имавме среќа да стигнеме до реми, изјави Рангник по дербито со Челси

од Vladimir Zorba
302 прегледи

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник, призна дека неговиот тим имал среќа да дојде до реми 1-1 со Челси на „Олд Трафорд“. Гостите доминираа во поголемиот дел од натпреварот и први дојдоа до резултат, но Кристијано Роналдо многу брзо изедначи, резултат кој остана до крајот.

„Имавме среќа во првото полувреме. Повторно моравме да се потпреме на одличните одбрани на Де Хеа. Во вториот дел бевме подобри. Имаше моменти кога подобро игравме со топката. Иако примивме гол во 60-тата минута, реагиравме одлично по голот на Роналдо. Во последните 20 минути натпреварот беше отворен, тие можеа да постигнат гол бидејќи Рис Џејмс ја погоди гредата, но ние имавме свои моменти и Кристијано можеше да постигне повеќе гола. Но генерално, признавам дека имавме среќа да дојдеме до поен. Не сакам никого да обвинувам. Јасно беше дека сме далеку од контрола на играта додека Челси имаше поголема контрола на топката“, изјави Рангник.

Германецот ја коментираше и веста дека ќе ја преземе австриската репрезентација, а притоа останува консултант на „Олд Трафорд“.

„Ви кажав дека сакам да зборувам само за натпреварот. Единствено што можам да потврдам е дека ќе продолжам со мојата консултантска улога во клубот по крајот на сезоната и ќе бидам на оваа позиција во следните две години. Не сум разговарал за тоа со Ерик (Тен Хаг), но разговарав со бордот на директори за мојата идна позиција и конкретната работа што се очекува од мене. Затоа, можам да потврдам дека ќе продолжам во оваа улога, додаде стручњакот.

Слични содржини