На месечно ниво минимална инфлација, но на годишно повторно раст на трошоците на живот за повеќе од 4%. Новите статистички мерења за трендот на инфлацијата во август покажаа дека во однос на јули трошоците на живот се зголемиле за 0,2% додека во однос на август лани порастот изнесувал 4,4%.Во услови кога се соочуваме со “нарушена рамнотежа“ и меѓу понудата и побарувачката и во однос на „уфрлување“ на пари во оптег, очекувано е ценовниот притисок да расте, коментираат економистите.
„Сосема очекувано е да се соочуваме со раст на стапката на инфлација од причина што домашната понуда е недоволна за да ги покрие потребите на потрошувачката, од една страна, како и поради зголемените куповни фондови, односно уфрлување на дополнителни пари во оптек по пат на т.н. монетаризација на долгот. Сето ова ја нарушува пазарната рамнотежа. Увозната инфлација е дополнителен фактор за подгревање на домашната инфлација, особено што ние сме високо зависна увозна зеемја“ – вели за „Локално“ економистот, професор Сами Бислими.

Сами Бислими
Владата пак оценува дека инфлацијата „стагнира“ и дека состојбата будно се следи.
„Тоа е добар индикатор дека имаме полека стагнирање и намалување на базичната инфлација која што беше главен драјвер, двигател на генералната инфлација. Мерките не се така интензивни кои што ги правевме, ние се одлучивме и покрај критиката што ги добивавме од одредени невладини, синдикални здруженија и така натаму да водиме многу внимателна макроекономска политика, да направиме баланс меѓу растот на платите и на инфлацијата“, изјави премиерот Христијан Мицкоски по објавување на новите августовски податоци за трошоците на живот.
Неодамна беа најавени и „непоплурани“ мерки за среднорочно и долгорочно зауздувањена инфлацијата. Едниствен начин за борба со ценовниот притисок се инвестициите кои не носта до повисок економски раст а не „адинистративното“ зголемување на пензии, плати, коментираат економистите.
„Жалосно е што после 34 години независност не успеавме да создадеме доволни производни капацитети што би овозможиле раст на домашната понуда. Ние уште долго ќе се соочуваме со зголемена стапка на инфлација, оти, без економски развој, не можеме да очекуваме одржлив економски раст, зголемена ценовна конкурентност и доходовност“ – вели професорот Бислими.
Ценовниот притисок стана „континуирана“ тема за меѓупартски обвинувања. Додека од владата тврдат дека инфлацијата забавува, од опозициската СДСМ повикаа да се преземат итни мерки за заштита на стандардот.
„Ова е реалноста која ја живеат Македонските граѓани – животот станува сѐ поскап, инфлацијата ја јаде куповната моќ. Колку и да сака премиерот Мицкоски да прикаже дека во државата добро се живее, статистиката не лаже, граѓаните ја чувствуваат сиромаштијата на свој грб. Сега повторно бараме Владата да преземе итни мерки за заштита на животниот стандард, граѓаните не смеат да бидат жртва на погубните политики на оваа власт“ – повикаа од СДСМ.
Д.А.