Растот на БДП е сублимат на добрите економски и фискални политики кои се водат. Фискалната политика која ја водиме како влада е во насока на поддршка на приватниот сектор за развој на неговата конкуретност, преку поддршка на инвестициите во нови технологии, поддршка на извозно ориентираните, поддршка за задржување на квалитетни кадри, вели во интервју за „Локално“ министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Првата жена – чувар на државната каса во историјата на независна Македонија посочува дека преку преку инвестициите во човечки капитал се дава поддршка на долг рок за раст на продуктивноста, за поголема искористеност на потенцијалот и креирање на поголема нова вредност.
Намалувањето на стапката на невработеност, вели таа, е придружена со раст на вработеноста, а воедно и со раст на активното население кое во последниве три години е зголемено за околу 20.000 лица на пазарот на труд. Според министерката, тоа е показател дека не држи тезата дека невработеноста се намалила бидејќи невработените ја напуштиле земјава.
Обвинувањата од страна на дополнителната заменик-министерка, според Ангеловска се контрадикторно, бидејќи во едни изјави вели дека има превработување, додека пак во други изјави посочува дека 160 луѓе заминале од Министерството за финансии во изминативе две години.
„Се нафатив на оваа исклучително одговорна функција речиси на крајот на мандатот на оваа влада, на помалку од една година пред изборите – некои тоа го нарекоа “храбра” некои “луда” одлука. Но, како што вели Стив Џобс, тој што е доволно луд да мисли дека може да ги смени работите – е најчесто оној кој ги менува. Без разлика од која позиција, без разлика дали од владиниот, невладиниот или реалниот сектор, јас се додека сметам дека можам да придонесам, дека има “слух”, но и дека имам можност да ги менувам работите во земјава – ќе го правам тоа. Постојат многу “ако” и “доколку” за да ви одговорам на прашањето. На крајот на денот, важно е земјава да се движи напред“, истакнува министерката за финансии.
Локално: Државната статистика измери повисок БДП од проекциите на Министерството за финансии и изнесува 3,6%. Што е бенефитот за граѓаните конкретно од овој раст?
Ангеловска: Растот на бруто домашниот производ во 2019 година изнесува 3,6%, што е над проекцијата на Министерството за финансии, како и над проекциите на меѓународните финансиски институции. Бруто домашниот производ ни ја покажува сликата за целокупната економија односно колку се движиме напред, колку создаваме повеќе – а ако создаваме повеќе бенефит ќе имаме сите. Пред се со растот на економијата, расте и бројот на работните места и платата на вработените. Така, пред неколку дена објавена е стапката на вработеност која изнесува 47,9% и е на највисоко ниво досега. Просечната нето-плата минатата година е зголемена за 3,9%.
Со растот на економијата се создаваат подобри услови за живот во сите сфери. Пред сѐ, поради тоа што минатогодишниот економски резултат е широко базиран и има подобрување во сите сектори и сегменти. Расте градежништво во 2019 за 5,9%, расте трговијата за 4,7%, земјоделството за 3,8%, како и индустријата за 3,1%. Гледано според расходната страна се бележи и раст на домашната побарувачка, со раст на приватната потрошувачка од 3.5% на годишно ниво. Растат и инвестициите – забележаа висок раст во четвртото тримесечје од 11,5% или 6,6% годишно. Значи, секаде има додадена вредност.
Растот на БДП е сублимат на добрите економски и фискални политики кои се водат. Фискалната политика која ја водиме како влада е во насока на поддршка на приватниот сектор за развој на неговата конкуретност, преку поддршка на инвестициите во нови технологии, поддршка на извозно ориентираните, поддршка за задржување на квалитетни кадри. Исто така, преку инвестициите во човечки капитал даваме поддршка на долг рок за раст на продуктивноста, да има поголема искористеност на потенцијалот и креирање на поголема нова вредност.
Она што е од исклучителна важност е што овој резултат е постигнат со водење на прудентна политика на јавен долг, односно со стабилизирање на јавниот долг. Порано јавниот долг бил брзорастечки, до 2008 до 2016 се удвоил од 23% на 48,8% од БДП а не продуцирал високи стапки на раст. Сега, јавниот долг е стабилизиран, а економскиот раст е поголем, што значи дека со стабилизиран јавен долг не се нарушила развојната компоненета и се продуцирале здрави стапки на раст.
Локално: Објавен е и податокот за намалување на невработеноста, според кој таа е на историско најниско ниво од 16,6%. Се креираат работни места или се иселуваат невработените од државава?
Ангеловска: Намалувањето на стапката на невработеност е придружена со раст на вработеноста, а воедно и со раст на активното население кое во последниве три години е зголемено за околу 20.000 лица на пазарот на труд. Следствено, не држи тезата дека невработеноста се намалила, бидејќи невработените ја напуштиле земјава.
Стапката на вработеност од 47,9% во четвртото тримесечје од 2019 е највисока досега, додека стапката на невработеност од 16,6% е најниска од кога се спроведува Анкетата на работна сила. Само во текот на минатата година, бројот на вработените е поголем за 38.597 лица, бројот на невработени е намален за 32.206 лица, додека активното население е побројно за 6.400 лица споредено со минатата година.
Она што е особено позитивно е што кај најмладата возрасна група од 15-24 години, каде има и најголема стапка на невработеност, невработеноста значително е намалена на годишно ниво, за околу 14 процентни поени и сега изнесува 35,1%. Иако, повторно станува збор за висока стапка и работиме да ја намалиме, сепак охрабрувачки е тоа што имаме значајни резултати во пребродување на овој проблем.
Намалувањето на стапката на невработеноста, особено кај младата популација, како и зголемувањето на стапката на вработеноста, се постигнува преку премостување на јазот на понудата и побарувачката на пазарот на труд. На ова се делува преку инвестиции во човечкиот капитал, во образованието – на долг рок, а преку активните мерки за вработување на среден рок. Годинава се издвоени 1.3 милијарди денари за активни мерки за вработување, што е за два пати повеќе во однос на 2016 година, или трикратно повеќе во однос на 2015 година.
Локално: Министерке за првпат во историјата на Северна Македонија, добивме алатка преку која Министерството за финансии го прикажува јавниот долг прегледно за секој граѓанин во земјава. Како сте задоволна со исходот досега, имајќи предвид дека алатката е презентирана пред две недели?
Ангеловска: Оваа алатка за транспарентност има повеќе намени. Таа ги информира точно и детално граѓаните, разјаснувајќи ги дилемите и лажните вести. Истовремено е добра аналитичка алатка за студентите и новиинарите. Трето, таа има функција и во финансиската едукација, бидејќи освен да информира има улога и да ги објаснува поимите и состојбите во врска со долгот.
Со оглед на сите овие функции, алатката има добар прием во јавноста, а со тек на време, колку подолго време ќе се користи и колку повеќе луѓе ќе слушнат за неа, толку поголема вредност ќе има.
Мора да се истакне дека јавните финансии не секогаш се едноставни за објаснување. Можеби и затоа се злоупотребуваат за политичко поентирање преку непотполни вести, па и лажни вести. Најчесто се злоупотребуваат вестите за аукциите на државните хартии од вредност. Често ќе чуете – државата на аукција се задолжи определена сума. Но малку веројатно е да слушнете дека државата веќе следниот ден по однос на стари долгови се раздолжила за истата сума. Со тоа нето задолжувањето е еднакво на нула.
Така всушност и се роди идејата за оваа платформа. Наместо да губиме време во деманти, направивме една корисна алатка која на граѓаните ќе им ја испорачува само вистината. Најдобрите идеи се раѓаат од решавање на реален проблем. Отсега кога ќе слушнете Министерката ја задолжи државата, а министерството мора да сервисира стари долгови меѓу другото, ќе може да отворите на javendolg.open.finance.gov.mk и ќе видите дали е за сервисирање или враќање на стари долгови и колку е ново задолжување. Инаку само за годинава имаме околу 700 милиони евра стари долгови за покривање.
Локално: Отворените финансии беа претходник на алатката за јавен долг. Има ли министерството подготвено уште некоја друга алатка во насока на повисока транспарентност?
Ангеловска: Транспарентноста во Министерството за финансии е врвен приоритет. Таа е најобјективен степен на контрола врз јавните финансии и демократска алатка која ја ограничува манифестацијата на моќ и поттикнува поодговорно и поправедно дејствување.
Во моментов работиме на платформа за сива економија, која исто така ќе има функција во транспарентноста, но во овој случај главна цел е зголемување на свеста и борбата против сивата економија.
За овие шест месеци, откако сум во Министерството за финансии, за јавноста го отворивме Трезорот, ја отворивме реализацијата на капиталните инвестиции на буџетските корисници, а неодамна го отвораме и јавниот долг. Секоја од овие алатки во својот домен дава резултати и адресира конкретен проблем.
Капитални расходи по буџетски корисник – беше поттикната од слабата реализација на капиталните расходи, односно објавувајќи ја јавно реализацијата на капитални расходи по буџетски корисник сакавме да ја поттикнеме реализацијата. Дотогаш јавноста ги гледаше и коментираше само резултатите на агрегатно ниво, а имаше институции кои имаа навистина добри остварувања, како и институции кои имаа потфрлања. Со оваа веб апликација за јавноста дадовме преглед по буџетски корисници, а со тоа поттикнавме подобрување на реализацијата кај најголем дел од нив.
Отворени финансии – претставува највисок степен на транспарентност и со неа јавноста има увид во секоја исплата од трезорот, односно која институција извршила исплата, која сума е исплатена, кон кого и со која цел. За три месеци од пуштањето на оваа платформа има над 220.000 посети од преку 20.000 корисници кои просечно се задржуваат по 7 минути на страната.
Јавен долг – неодамна ја пуштивме во употреба и таа освен основната функција – отчетност и информација, има функција и на финансиска едукација, како и добра аналитичка алатка.
Силно се залагам за фискалната транспарентност и едукација на даночните обврзници и граѓаните за јавните финансии, клучните буџетски документи, што сметам дека е особено важно за млади демократии како нас. Затоа, ние остро се спротивставуваме на мислењето „ако нема побарувачка за фискална транспарентност, не треба да даваме информации“. Сметам дека јавноста треба да ги има сите информации за да направи целосна слика за нештата.
Локално: Колку МојДДВ дава резултати против сивата економија? Ги дава ли оваа мерка очекуваните резултати?
Ангеловска: МојДДВ, како и МојДДВ #МојаНаграда, како надградба на мерката, даваат одлични резултати. Секој граѓанин со секоја земена фискална сметка трикратно добива – помага во борбата против сивата економија и со тоа придонесува за подобри јавни услуги во иднина, добива поврат на ДДВ и добива можност да добие парична награда од 1.000, 2.000, 3.000, 100.000, па и 3.000.000 денари.
Најдобро мерило за тоа колку оваа мерка дава резултати во подигањето на даночната свест и плаќањето на својот фер дел на давачките е подобрената наплата на ДДВ за 11% во првото полугодие од реализацијата на мерките (јули-декември 2019, споредено со истиот период од 2018). Ако гледате колку сте вложиле со мерката и колкава е придобивката од истата, односно ако се направи cost-benefit анализа, покажува дека резултатите на мерката се мултиплицирале трикратно. Имено, околу 260.000 граѓани скенираат сметки, или дејствуваат како контролори за наплата на данокот на додадена вредност. Тие за две тримесечја оствариле поврат од 7 милиони евра. Ако, без мерката нормален раст на ДДВ би бил околу 5-6% – што е оптимистичко ако имаме предвид дека просечниот раст бил околу 3,5% во изминатите 10 години, со мерката растот е 11%. Тоа значи дополнителни наплатени 23 милиони евра за едно полугодие како резултат на МојДДВ. Ако се споредат вложените 7 милиони евра, со покачената наплата од 23 милиони евра, јасно е дека мерката трикратно го мултиплицира вложеното.
Што се однесува до #МојаНаграда, таа значително го зголеми бројот на скенирани сметки и бројот на корисници и влијае на кревање на свеста за сивата економија- што и беше цел на наградната игра. Оваа наградна игра требаше да ги поттикне граѓаните да продолжат да скенираат и откако ќе го надминат лимитот за поврат на ДДВ, како и да ги земаат сметките каде има помала наплатена сума на ДДВ. Мерката веднаш даде резултати ако се земе предвид дека во февруари во просек дневно се скенирани над 600.000 сметки, додека пред почетокот на наградната игра, бројот на скенирани сметки е во просек околу 260 илјади. Дополнително бројот на корисници сега е над 265.000 што е за 80.000 повеќе споредено со бројот на корисници пред почетокот на #МојаНаграда, додека во декември кога започна наградната игра, наплатата на ДДВ порасна за над 40%.
Наградните игри и примената на гејмификација се препознани како успешна мерка за борба против сивата економија и во извештаите на Европската комисија. Се надевам дека #МојаНаграда ќе се најде како пример и најдобра практика во извештаите и анализите, уште повеќе што во себе инкорпорира и едукативна компонента со пораките кои се појавуваат при скенирање на секоја сметка, а кои се во насока на јакнење на даночниот морал и свеста за штетноста од сивата економија.
Локално: Дополнителната заменик-министерка од опозицијата обвини дека во Министерството во 2019 година имало 90% повеќе вработувања од планираното, а обвинува и за задолжувањето на земјата. Се работи ли за реални бројки или пак предизборно за наводни трошења во Министерството за финансии?
Ангеловска: Во Министерството за финансии во 2019 година биле реализирани 19 вработувања, додека 34 лица се пензионирале или им престанал работниот однос по друг основ (преземање од друг државен орган, истекување на договор или спогодбено). Овие податоци покажуваат дека двојно помалку лица се примени од испразнетите работни места.
Второ, дополнителната заменик министерка посочуваше дека 160 луѓе заминале од Министерството за финансии во изминативе две години. Тоа се две прилично контрадикторни ијзави – или има превработеност или си одат луѓето.
Сметам дека ако целата енергија која се троши на дневно политички меѓупартиски препирки, препукувања и обвинувања се насочи кон барање на решенија, солуции, конструктивна дебата, замислете како може да се движи нашата земја и да се менува нашиот ментален склоп. Јас би повикала на тоа – со позитивна енергија со желба за работа да се обидеме да ја насочиме енергијата онаму каде што е потребно за доброто на нашата земја и за доброто на граѓаните
Јас нема да се вклучувам во политички и меѓупартиски поентирања, туку енергијата ќе ја насочам кон креирање на мерки, алатки, солуции кои ќе имаат конкретна корист за граѓаните, транспарентноста и во подобрување на состојбите. Нецелосните вести и обвинувањата за задолжувањето беа всушност поттик/инспирација за алатката за јавен долг – да и ги дадме сите информаци на јавноста за да може да направи точна и целосна слика за нешатата. Еве можеби некои нови неосновани обвинувања ќе бидат инспирација за нови алатки за транспарентност.
Локално: Со оглед на тоа што вашето именување е прв случај во земјава непартиски кадар да биде чуварот на државната каса, може ли да очекуваме понатамошна соработка со СДСМ, односно доколку партијата ги добие изборите, да прифатите цел, четиригодишен мандат да бидете на чело на Министерството за финансии?
Ангеловска: Пред нас како земја е амбициозен сет на реформи, на кои мора да се работи со многу посветеност, волја, знаење и енергија, ако сакаме брзо да се движиме напред. Мораме да работиме на промена на мајндсетот и на имплементација на технологиите во сите сфери за да ги искористиме придобивките и да ги забрзаме промените кои ни се потребни. Се нафатив на оваа исклучително одговорна функција речиси на крајот на мандатот на оваа влада, на помалку од една година пред изборите – некои тоа го нарекоа “храбра” некои “луда” одлука. Но, како што вели Стив Џобс, тој што е доволно луд да мисли дека може да ги смени работите – е најчесто оној кој ги менува.
Без разлика од која позиција, без разлика дали од владиниот, невладиниот или реалниот сектор, јас се додека сметам дека можам да придонесам, дека има “слух”, но и дека имам можност да ги менувам работите во земјава – ќе го правам тоа. Постојат многу “ако” и “доколку” за да ви одговорам на прашањето. На крајот на денот, важно е земјава да се движи напред.
Александар Тодески