Иднината на државата не може да трпи повеќе расчекор помеѓу тесните и променливи, интереси на опозициската партија и интересот на граѓаните. Отворена е вратата на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во националниот консензус за ЕУ и да постапи одговорно. Мора да ни е јасно кон што се движиме, за кои цели политички се бориме, во спротивност нема да постигнеме резултати, вели во интервју за Локално вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Кога станува збор за стратешки одлуки од кои зависи иднината на државата, според вицепремиерот, политичкото калкулирање или одмерување е симптом на неодговорно политичко однесување.
-Нашите аспирации се кон ЕУ, а тоа подразбира дека партиите и политичарите треба да развиваат и политичка култура во која одлуките не секогаш ќе се донесуваат низ перспектива на изборни резултати, односно порази или победи, порача Битиќи.
За тоа дали во моментов иднината за Македонија зависи токму од лидерот на опозицијата, Битиќи смета дека Мицкоски вовел еден нов „квалитет“ во политичкиот простор, а тоа е неконзистентност и нејасност во јавното изнесување на политички ставови кога станува збор за стратешки интереси на државата.
-Својата политичка неодговорност се обидува да ја компензира и со политички наратив кој посејува страв, недоверба во општеството, кој разгорува национализам. Зборува за некакво обединување, а упатува пораки на разединување. Вели дека целта е „опстанување на земјата.“ ЕУ нам не ни е егзистенцијален непријател па да се „обединуваме“ против неа. Напротив, евроинтерацијата може да даде дополнителна политички витална енергија на државата, истакна тој во интервјуто.
На прашањето дали би застанал на премиерската позиција, според последниот договор меѓу ДУИ и СДСМ за премиер Албанец, доколку не се направат уставните измени, Битиќи е дециден дека „да се служи подразбира и достапност и храброст за предизвик на кој твојата држава те повикува“.
– Би било чест да им служам на сите мои граѓани од премиерската функција, секако доколку тоа биде побарано од мене, како што тоа го правам и од оваа функција, додаде вицепремиерот задолжен за економски прашања.
Колку СДСМ добива, а колку губи од евентуалното влегување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во Владата и дали „наведувањето“ на опозицијата да гласа за уставни измени значи и тргање од иста позиција за двете најголеми македонски партии при евентуални предвремени избори?
-Најмалку е важно колку добива СДСМ или колку губи бидејќи совесните и одговорни политичари размислуваат за идните генерации, а популистите за идните избори.
Кога станува збор за стратешки одлуки од кои зависи иднината на државата политичкото калкулирање или одмерување е симптом на неодговорно политичко однесување. Нашите аспирации се кон ЕУ, а тоа подразбира дека партиите и политичарите треба да развиваат и политичка култура во која одлуките не секогаш ќе се донесуваат низ перспектива на изборни резултати, односно порази или победи.
Затоа никој овде никого не „наведува“, туку како владејачка партија го артикулираме историското и стратешкото значење на уставните измени, со кои само државата добива. Второстепено е прашањето дали со тоа некој од партиите ќе има повеќе или помалку гласови на парламентарни избори. Мора да ја надминеме аномалијата која политичкото одлучување го подведува само под тесни партиски интереси. Постојат политички околности, како овие, во кои одлуките треба да се засноваат на интересите и перспективите на граѓаните.
„Мицкоски може да се коцка со својата иднина, но не со иднината на Македонија“, беше вашата прва реакција откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се „премисли“ за уставни измени со одредени услови. Зависи ли иднината на Македонија од Мицкоски во моментов, откако претходно самиот тој повика на „обединување со цел опстанување на земјава“?
-Лидерот на опозициската партија воведе еден нов „квалитет“ во политичкиот простор, а тоа е неконзистентност и нејасност во јавното изнесување на политички ставови кога станува збор за стратешки интереси на државата. Оваа негова променливост повремено се обидува да ја камуфлира со изјави за поставување на некакви услови, односно градење на перцепција дека тој има капацитет да дефинира или влијае на одредена политичка ситуација или процеси во државата. Својата политичка неодговорност се обидува да ја компензира и со политички наратив кој посејува страв, недоверба во општеството, кој разгорува национализам. Зборува за некакво обединување, а упатува пораки на разединување. Вели дека целта е „опстанување на земјата.“ ЕУ нам не ни е егзистенцијален непријател па да се „обединуваме“ против неа. Напротив, евроинтерацијата може да даде дополнителна политички витална енергија на државата.
ВМРО-ДПМНЕ е чинител на политичката сцена и мора одговорно да постапува во однос на еден од условите на преговарачката рамка, пратениците од нејзините редови треба да се надминат себеси и тесноградоста на нивната политичка партија. Мора да го променат своето политичко однесување кога станува збор за едни пошироки и поголеми интереси на општеството. Ништо поразличен не беше ниту мојот повик од пред три години, кога во пикот на економската и енергетската криза опозициската партија ги блокираше антикризните мерки. Наместо да дадат директна поддршка за зачувување на животниот стандард на граѓаните и зајакнување на капацитетите на домашното стопанство за одговор на кризниот удар, тие си спроведуваа некаква, нејасна, тесно партиска агенда на блокирање.
Иднината на државата не може да трпи повеќе расчекор помеѓу тесните и променливи, интереси на опозициската партија и интересот на граѓаните. Отворена е вратата на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи во националниот консензус за ЕУ и да постапи одговорно. Мора да ни е јасно кон што се движиме, за кои цели политички се бориме, во спротивност нема да постигнеме резултати.
ДУИ надвор од влада до избори, но по избори може да се врати веднаш на своите стари позиции. Дали е ова само „трик“ на Ахмети со цел да се изгласаат уставните измени, па на голема врата да се врати на следните избори? Има ли, според вас, сила албанскиот блок да ги испрати ДУИ во политичка пензија?
-Граѓаните се тие кои одлучуваат кој оди во политичка пензија, секое различно толкување е спротивно на нашиот демократски парламентарен систем и моите уверувања.
Но, дали може прашањето да се постави и во спротивна насока, колку ДУИ е подготвено да соработува со ВМРО-ДПМНЕ, и не само ДУИ, кога целиот албански политички блок веќе се има јасно произнесено дека за нив е неприфатливо влегувањето во една влада во која ќе биде и ВМРО-ДПМНЕ. Овој контекст може да го протолкуваме и како препознавање на СДСМ како водечка локомотива на евроинтегративниот процес.
Економијата секогаш страда при политичка несигурност, а тоа уште позасилено значи кога сме во економска криза и кога инфлацијата буквално ги гази граѓаните. Очекувате ли подобрување на состојбите при завршување на целиот овој процес на уставни измени и евентуални избори?
–Процесот на уставните измени е поврзан со евроинтегративните процеси на државата и нивното забрзување, на што не смееме да му додаваме доза на политичка несигурност. Ова е шанса и како држава да излеземе од нашето политичко минато кога националните политички одлуки беа проследувани трауматично од страна на бизнис сектор. Ние ќе влеземе и во процес преку која отпорноста на економијата на политички шокови ќе биде засилена со поддршка на Брисел.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во нејзиното обраќање на форумот ГЛОБСЕК, ја најави новата иницијатива приближување на Западен Балкан до ЕУ, која е заснована на четири столба, и тоа, приближување кон единствениот европски пазар, продлабочување на регионалната економска интеграција, независно судство и борба против корупцијата, капитал за реформи и инвестиции. Преку оваа иницијатива се воведува до одреден степен нов пристап во приближувањето на Западен Балкан, со кој не се бара само од нас да преземеме одредени чекори, туку и ЕУ прави исчекор. На овој начин придобивките од членството во ЕУ ќе бидат достапни за компаниите и граѓаните од регионот и пред заокружување на евроинтегративниот процес.
Трошоците за живот во мај 2023-та во однос на април се зголемени за 0,4 отсто. Дали конечно можеме да очекуваме стабилизирање на цените и инфлацијата? Какви се вашите очекувања на тој план до крајот на годината?
-Растот на трошоците за живот од 0,4% во мај во однос на претходниот месец април ни даваат знак дека ситуацијата се смирува, но секако ние остануваме максимално концентрирани во имплементација на мерките за намалување на трошоците на живот.
Дека инфлацијата паѓа го потврдуваат и официјалните податоци од Државниот завод за статистика каде за месец мај 2023 година е измерена инфлација на ниво од 11,3% споредено со истиот месец од 2022 година, но трендот на намалување е очигледен, од 19,8% во октомври 2022 година на 11,3 % за претходниот месец. Од друга страна го имаме и растот на платите кој за првите три месеци се движи во интервалот од 12,4% до 13,2% повисока просечна плата споредено со истиот период од 2022. Овој тренд на намалување на инфлацијата очекувам да продолжи до крајот на годината, што е на линија на проекциите на НБРМ и владините проекции според кои инфлацијата за цела 2023 би изнесувала околу 8%.
Од друга страна очекувањата за раст на платите со двоцифрени стапки е реалност со оглед на фактот што успеавме да создадеме атрактивен економски амбиент за прилив на нови како домашни така и странски директни инвестиции кои креираат многу повисока додадена вредност, а воедно ќе ја зголемат продуктивноста на целокупната економија и ќе резултира со реален раст на просечната плата во целокупната економија.
Во однос на очекувањата за движењето на инфлацијата, треба да имаме во предвид дека нашата национална економија не е изолирана, затворена. Ние сме изложени на економски сили кои не препознаваат граници и кои влијаат во дефинирањето на нашиот перформанс. Економската криза сè уште не е завршена, енергетските прашање се сè уште отворени. Не постоеше економија која не почуствува последици од руската агресија врз Украина, војна која сè уште се случува, а и никој не може да предвиде како ќе се развива. Постојат многу променливи фактори кои влијаат врз инфлацијата, а врз кои ние немаме влијание иако сме изложени на нивните последици.
Претседателот на СКСМ, Азески вели дека економијата треба да биде пред политиката, а извозот над сите нив и побара консензус, потпишан од сите чинители, сегашни и идни креатори на економските политики, со цел да ѝ се даде приоритет на економијата во однос на политиката и да се направи пресврт. Ни треба ли таков консензус и стратегија со цел да не се менуваат политиките од кој и да дојде на власт?
-Одговорот е јасен и директен, да ни треба и веќе работиме на тој консензус, преку спроведување на еден од најинклузивните процеси кои оваа држава ги имала од својата независност, процес кој го работиме веќе две години а тоа е Националната развојна стратегија.
Националната развојна стратегија се потпира на четирикратен хеликс, кој е добро познат на професионалците кои се занимаваат со развој, станува збор за државата, академијата, бизнисот и граѓанскиот сектор. На тој начин обезбедуваме вклученост и усогласување, односно консензус, а со тоа и доследност за спроведувањето од сите чинители во земјава.
Оваа стратегија ни припаѓа на сите нам, токму затоа инклузивноста во нејзиното креирање е нашиот најголем императив, токму преку таа инклузивност ќе дојдеме до посакуваниот консензус и ќе имаме јасен пат на приоритети и јасност за нашиот развој во следните 20 години.
Колку енергетската криза ја приближи земјава до тоа да бидеме помалку зависни од увоз на енергенси? Очекувате ли деценијава да станеме енергетски независни? Дали и енергетската криза ја сопре зелената транзиција кон чиста енергија на земјава?
-Енергетската криза не само што не ја запре зелената транзиција, туку истата ја забрза, и не натера со многу покрупни чекори да продолжиме кон остварување на т.н. зелено сценарио. Пред кризата увезувавме околу 30% од нашите потреби за електрична енергија, а сега со инвестициите кои веќе се случија во фотоволтаични и други извори на енергија, како и со напорите на Владата и имплементација на мерките за заштеда увезуваме само 11% од вкупните наши потреби за електрична енергија.
Диверзификација на снабдувањето со природен гас веќе се случува со зголемениот капацитет на гасоводот кон Бугарија со што нашата земја веќе не е 100% зависна од снабдување со руски гас. Изградбата на интерконекторот со Грција дополнително ќе обезбеди диверзификација и стабилност во снабдувањето со природен гас, како и поголем избор при набавката на природен гас со што ќе може да се постигнат и подобри и поконкурентни цени.
Со изградбата на далноводот Битола-Елбасан се комплетира коридорот 8 од енергетското поврзување на државата, со што се постигнува електро-енергетското поврзување на Бугарија, Македонија, Албанија и Италија. Удвојувањето на капацитетот на далноводот Битола-Лерин е дел од стратегијата нашата држава спремна да го дочека енергетското поврзување север-југ, особено земајќи ја предвид големата експанзија на инвестиции во обновливи извори на електрична енергија која се случува не само кај нас туку и во регионот.
Сите претходно споменати преземени чекори треба да ја гарантираат нашата енергетска независност која секако можеме да ја постигнеме кога е електричната енергија во прашање, затоа што ние како држава немаме и не можеме истото тоа да го направиме по однос на нафтата и нафтените деривати, затоа што едноставно ги немаме како ресурс.
До крајот на оваа деценија очекувам голем дел од крупните проекти со кои ќе се обезбеди нашата енергетска независност да бидат комплетирани, или мал дел од нив да бидат во завршна фаза. Финишира процесот на евалуација на понудите за проектот „Чебрен“, со проценета вредност на инвестиции од милијарда евра и предвиден капацитет од 300-330MW. Во последните 2 години инсталирани и приклучени на мрежа се фотоволтаични централи со капацитет од повеќе од 207MW. Дополнително привлековме приватни инвестиции од преку една милијарда евра во обновливи извори на енергија, кои во наредниот период ќе изградат капацитет од над 1GW.
Растот на минималната и просечната плата е тоа на кое што оваа Влада најмногу се фокусира, но зголемувањето на секојдневните трошоци како да го поништи целиот раст. Не стоиме лошо по овие показатели во однос на земјите од Западен Балкан, но се движиме ли во вистинска насока за да имаме „европски примања“? Дали „југословенскиот стандард“, за кој зборуваше премиерот, е реперот кој треба да го имаме?
-Императив на нашата држава, на актуелната влада е европскиот стандард, тоа е референтната точка за споредби или компарации. Ако погледнеме наназад во 2021 година ќе видиме дека GDP per capita на ниво на ЕУ изнесува 29.900 евра, додека пак во Германија, која е една од најатрактивните земји за нашите граѓани, изнесува 43.292 евра, додека пак во истата година во нашата држава GDP per capita изнесува 5.651 евра. Оваа е разликата која треба да не инспирира и мотивира за засилена економска динамика која ќе испорачува повисок раст на БДП. Разликата која ја напоменувам креира расчекор помеѓу нивните очекувања и реалната економска активност. Затоа нашата одговорност е со сите напори, институционално и системски да ја придвижуваме нашата економија поблиску до европската.
Во ова придвижување водиме сметка и за надминување на диспаритетот во економскиот развој помеѓу регионите во земјава и да создадеме подеднаква можност за развој на граѓаните кои живеат во посиромашните региони со тие што живеат во најбогатиот. Развојот мора да биде инклузивен и рамномерен, мора да испорача резултати кои ќе ја намалуваат разликата помеѓу најразвиениот Скопски регион, кој учествува со 43,9% во БДП, и Североисточниот, кој учествува со 4,9% во БДП. Една од основните идеи која е содржана во заокружувањето на изградбата на Коридорите 8 и 10д е токму ова, создавање на еднакви можности за сите наши сограѓани, за нивна мобилност, пристап до добро платени работни места и професионален развој, независно од местото каде што живеат.
Кога сме кај платите, важно е да се спомене дека воспоставивме системско решение за раст на минималната плата, до кое дојдовме преку дијалог со синдикатите и работодавците. Повеќе таа не е предмет, ниту пак може да биде, на преговори, уцени или политички поени. Дојдовме до минимална плата од 20.175 денари, а која во 2016 година изнесуваше само 10.080 денари, и секако истата во март идната година ќе продолжи да се зголемува. Имаме систем на поддршка и мотивација на работната сила активно да се вклучи во економските текови и на тој начин да има поголем инпут во создавањето на дополнителна вредност во стопанството.
Доколку пропадне политичкото пазарење кое не очекува во следниот период, останува договорот на кој се повикаа интегративците дека 3 месеци пред избори треба да има премиер Албанец. Генерално тоа не значи дека тој треба да дојде од нивните редови, па дали би прифатиле вие една таква позиција и да станете првиот албанец премиер на Северна Македонија?
-Моето влегување во политиката не се случи со калкулирање за давање или добивање на одредени функции, а најважно во овој момент е да испорачам максимум од позицијата вицепремиер за економски прашања.
Доколку развојот на политичката ситуација доведе до контекст во кој ќе имаме извршна власт во која ќе партиципираат сите политички партии, можеби добро за развојот на демократската политичка култура ќе биде да се отвори и дискусија дали припадноста на одреден етникум треба да биде критериум за носител на јавна функција.
Да се служи подразбира и достапност и храброст за предизвик на кој твојата држава те повикува. Би било чест да им служам на сите мои граѓани од премиерската функција, секако доколку тоа биде побарано од мене, како што тоа го правам и од оваа функција. Во оваа држава живеат многу етникуми и за сите нив претставувањето во општеството е важно. За такво едно општество и еднаква шанса за сите работам и секогаш ќе се борам.
В.З.