Кога ќе погледнеме каде бевме пред една година и каде сме денес, разликата е повеќе од очигледна. За време на претходната влада, економијата се градеше врз системски основи. Постоеја јасни правила, предвидливост и почитување на обврските на државата кон стопанството. Мојата суштинска одговорност како вицепремиер за економија беше токму тоа, да изградиме економски модел што нема да зависи од политичката волја на било кој премиер или министер, туку ќе функционира врз база на институционални механизми, вели во интервју за „Локално“, пратеникот на СДСМ и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи.
За Битиќи, моделот на заем „држава-држава“ сам по себе не е проблематичен, сè додека е транспарентен, правно уреден, економски исплатлив и поддржан од институционални механизми за отчетност.
-Но кога ваквите аранжмани се склучуваат надвор од очите на јавноста, без јасни анализи, без дебата во парламентот, без вклучување на Фискалниот совет, без план за продуктивна реализација, тогаш тие се инструмент за зависност. И тука влегуваме на теренот на т.н. корозивен капитал, порачува пратеникот.
Смета дека кај Владата има јасна политичка незаинтересираност и потценување на една историска шанса што Европската Унија ѝ ја понуди на нашата земја.
-Планот за раст на ЕУ е повеќе од финансиска програма, тој е конкретен инструмент за предвремена интеграција на економиите од Западен Балкан во европскиот пазар, со директна поддршка за реформи, дигитална трансформација, зелена транзиција, поврзување и подобрување на јавните услуги. Тоа е шанса нашите граѓани да почувствуваат дел од европските стандарди уште пред формалниот влез во Унијата, порачува Битиќи.
Според соговорникот, вистинската слика за една економија не се гледа во партиски слогани или во самопрогласени титули како „четврта економија во Европа“.
-Таа се гледа таму каде што животот е најконкретен, на каса во маркет, на фактура за струја, во паричникот. А таму, граѓаните гледаат поинаква реалност во која основните трошоци растат побрзо од приходите и во која платата не го следи животот, тврди Битиќи.
Запрашан за очекувањата од локалните избори, пратеникот нагласува дека тие не се темелат на аритметика од минатото, туку на способноста да се допре до реалните проблеми на граѓаните и да се понуди веродостојна визија за иднината.
-ВМРО-ДПМНЕ сака да создаде чувство на неминовност и капитулација кај СДСМ, но политиката не е спортски резултат што се претпоставува однапред , таа е жив процес, зависен од доверба, работа и посветеност, вели меѓу другото Битиќи.
Една година влада на ВМРО-ДПМНЕ, една година економијата во рацете на новата власт. Каде бевме, каде сме во моментов?
Кога ќе погледнеме каде бевме пред една година и каде сме денес, разликата е повеќе од очигледна. За време на претходната влада, економијата се градеше врз системски основи. Постоеја јасни правила, предвидливост и почитување на обврските на државата кон стопанството. Мојата суштинска одговорност како вицепремиер за економија беше токму тоа, да изградиме економски модел што нема да зависи од политичката волја на било кој премиер или министер, туку ќе функционира врз база на институционални механизми. Повратот на ДДВ беше редовен, инвестициите се поддржуваа со јасни критериуми, дијалогот меѓу Владата, синдикатите и работодавачите не само што постоеше туку и даваше резултати. Имаше систем кој обезбедуваше стабилност, а со тоа и доверба. Тоа беше економија што испорачуваше раст дури и во време на кризи, економија што се обидуваше да биде инклузивна, во смисла на споделување на резултатите.
Денес гледаме сосема спротивна слика. Економијата е ставена на пауза. Владата нема институционално конзистентна политика, туку управува од ден за ден. Институциите се пасивни, дијалог нема, обврските кон приватниот сектор доцнат или се игнорираат. Со една системска флуидна ситуација се испраќа и лоша порака кон странскиот капитал, па затоа и странските директни инвестиции се намалија од 397,5 милиони евра во четвртиот квартал на 2024 година, на 135,8 милиони евра во првиот квартал на 2025. Тоа е огромен пад од 65 отсто, нешто што на квартално ниво се нема случено од 2020 година кога македонската економија беше на жесток налет на светската економска криза. Капиталните инвестиции речиси не постојат, инфлацијата повторно притиска, а граѓаните живеат се потешко. Потрошувачката кошница достигна речиси 64 илјади денари, а дури и две минимални плати не се доволни за да се покрие. Повторно се зборува за кошнички, попусти и административни мерки, како единствен одговор на економска криза што бара сериозни системски политики.
И најважното, кога отсуствува вредносна основа, тогаш нема и доверба. Нема сигнал до бизнисите, нема сигнал до граѓаните, нема сигнал до инвеститорите. Она што го градевме како систем, сега е заменето со ад-хок импровизации и популистички изјави. Владата не испраќа порака на стабилност, туку на неизвесност. И тоа е најголемиот ризик. Бевме на пат на предвидлив раст, сега сме во состојба на институционална конфузија.
Најголемо „достигнување“ досега се чини се заемите од Унгарија и Велика Британија, кои би требало да стигнат до 6 милијарди евра. Власта ги нарекува историски и најавува економски развој, но колку е ова уште едно задолжување кое генерации ќе го плаќаат, а земјата нема да види многу „аир“ од него?
Зад секое задолжување треба да стои јасна развојна визија, а зад секој заем одговорност кон сегашноста, но уште повеќе кон иднината. Тоа е етичкиот и економскиот основ на јавните финансии. Меѓутоа, кога заемите се претставуваат како „историски успеси“ без детална анализа за нивната економска исплатливост, без реална проценка на нивното влијание врз продуктивноста, извозот, вработувањето или дигиталната и енергетската трансформација, тогаш тие престануваат да бидат алатка за развој и стануваат товар кој го префрламе врз грбот на идните генерации. Токму тоа го гледаме денес со заемите од Унгарија и Велика Британија.
Во најавите слушаме бројки од шест милијарди евра. За проектите за кои слушаме дека ќе се реализираат со овие пари, може да видиме дека нема јасно дефинирани крајни цели, нема јавна дебата, нема проценка на т.н. мултипликативен ефект. Уште полошо, институциите што треба да бидат контролен механизам се целосно исклучени од процесот. Собранието е заобиколено, Фискалниот совет игнориран, а јавноста оставена без суштински информации. Кога заем се договара без консултација со парламентот и експертската јавност, тогаш не зборуваме за стратешка инвестиција, туку за политичка одлука со долгорочни последици.
Особено загрижува структурата на унгарскиот заем, со вградени скриени трошоци, висока ефективна каматна стапка, дополнителни провизии и правни обврски кои ја поткопуваат фискалната и институционалната сувереност на државата. Власта вели дека ова се средства за развој, но кога ќе погледнеме дека дел од општините, за кои се наменети 250 милиони евра, во првиот квартал на годинава имаат реализација на капитални инвестиции и под 3%, станува јасно дека не постои административен капацитет ниту визија за нивна реализација. И останатите 250 милиони евра за стопанството, макроекономски не може да се препознаат.
Затоа и зборуваме за ризик, не само фискален, туку и вредносен. Со ваквиот пристап, Владата ги навикнува граѓаните дека развојот доаѓа преку долг, а не преку труд, иновации, институционална изградба и европска интеграција. Ги учиме младите дека иднината не се гради, туку се купува со пари кои не се наши, а кои тие ќе ги враќаат.
Како гледате генерално на овие заеми „држава-држава“, дали е тоа правилен начин за добивање средства за развојни проекти? Дали се ставаме можеби во подредена положба на овие држави и се прави некако лост за политичко влијание, посебно од Унгарија, која знаеме какви ставови има под водство на Орбан?
Во суштина, моделот на заем „држава-држава“ сам по себе не е проблематичен, сè додека е транспарентен, правно уреден, економски исплатлив и поддржан од институционални механизми за отчетност. Но кога ваквите аранжмани се склучуваат надвор од очите на јавноста, без јасни анализи, без дебата во парламентот, без вклучување на Фискалниот совет, без план за продуктивна реализација, тогаш тие се инструмент за зависност. И тука влегуваме на теренот на т.н. корозивен капитал.
Корозивниот капитал не е само финансиски поим, туку политички и геостратешки концепт, тоа се инвестиции или заеми што изгледаат атрактивно на прв поглед, но кои носат со себе скриени услови, правна нерамнотежа и најопасното, политичко влијание. Унгарија, која денес функционира надвор од европските вредносни координати, веќе со години е канал за вакви влијанија во регионот. Кога една држава, како што е Македонија, презема заем во износ од една милијарда евра, со правни, каматни и институционални услови кои ја врзуваат државата во следните 15 години, тогаш прашањето не е само фискално, туку и политичко: што ќе бараат за возврат?
Истото го гледавме и во други примери низ Балканот, заемите не доаѓаат без геополитички пакет. Унгарија, која веќе се задолжува во Кина, пренесува во регионот модел на економска зависност комбиниран со авторитарни вредности. Ако преку овие аранжмани станеме финансиски зависни од држави што се во конфликт со европските принципи на транспарентност, владеење на правото и плурализам, тогаш неизбежно е и политичкото влијание кое следува. И не се работи само за Орбан, се работи за системот што го пренесува.
Затоа овој модел, особено во начинот на кој Владата го применува, е ризичен затоа што не е базиран на институционален интегритет.
Кос изминатава недела беше во посета, Планот за раст на ЕУ во фокусот на разговорите со Мицкоски. Филипче изајви дека 43 милиони евра од Планот за раст, пари наменети за реформи, останале неискористени. Не е ставен во функција ниту авансот од 52 милиони евра од Планот раст. Се испраќа ли некаква порака со оваа незаинтересираност на власта и дали воопшто се работи за тоа?
Овде не станува збор за недоразбирање или бирократски застој. Овде станува збор за јасна политичка незаинтересираност и потценување на една историска шанса што Европската Унија ѝ ја понуди на нашата земја. Планот за раст на ЕУ е повеќе од финансиска програма, тој е конкретен инструмент за предвремена интеграција на економиите од Западен Балкан во европскиот пазар, со директна поддршка за реформи, дигитална трансформација, зелена транзиција, поврзување и подобрување на јавните услуги. Тоа е шанса нашите граѓани да почувствуваат дел од европските стандарди уште пред формалниот влез во Унијата.
Но, што прави Владата? Наместо да ја стави оваа програма во центарот на својата економска и фискална политика, таа дозволува 43 милиони евра, средства кои се веќе одобрени за реформска поддршка, да останат неискористени. Уште повеќе, 52 милиони евра кои се веќе исплатени како аванс, не се ставени во функција. Не станува збор за техничка грешка, станува збор за вредносен избор. Избор на инертност, на одолговлекување, на недејствување. И тоа испраќа порака дека оваа власт, намерно или не, не ја разбира ни природата ни важноста на европската интеграција.
Планот за раст е замислен како мотор на трансформација, како поттик за државата да се усогласи со четирите столба: европска пазарна интеграција, регионална соработка, клучни реформи и апсорпција на финансиска поддршка. Но за тоа е потребен функционален систем, јасна буџетска рамка, проактивна фискална стратегија, институции што ќе испорачуваат резултати. Наместо тоа, Владата поднесува ребаланс на Буџетот во кој нема ни трага од реформи, од дигитална или зелена транзиција, од унапредување на јавните услуги.
Несработените домашни обврски, пропуштените рокови, административната неподготвеност, тоа ја чини државата средства, време и кредибилитет. Големите политички теми кои се обидуваат да ги наметнат како причина за блокадата на евроинтегративниот процес се само изговори.
Порака која ја испраќаме не е само до Брисел, туку и до нашите граѓани е дека не сме подготвени да ја преземеме одговорноста за сопствениот напредок. И тоа е најголемиот пораз.
Велат четврта економија во Европа, но обичниот човек не може да си дозволи да пазарува во маркети. Инфлацијата над 3 отсто, минималната плата стагнира. Што очекувате во следниот период, дали куповната моќ на обичниот граѓанин ќе продолжи да паѓа?
Вистинската слика за една економија не се гледа во партиски слогани или во самопрогласени титули како „четврта економија во Европа“. Таа се гледа таму каде што животот е најконкретен, на каса во маркет, на фактура за струја, во паричникот. А таму, граѓаните гледаат поинаква реалност во која основните трошоци растат побрзо од приходите и во која платата не го следи животот.
Во март минималната плата се зголеми за 1.812 денари, но во наредните два месеци потрошувачката кошница кумулативно скокна за 2.053 денари. Тоа значи дека инфлацијата не само што го надмина ефектот од зголемувањето, туку го изеде и она малку што граѓаните го добија како компензација. Тоа е суштината на кризата со куповната моќ, платите статистички растат, но животот станува поскап побрзо.
Уште посилен доказ за овој тренд доаѓа од самиот ребаланс на Буџетот. Иако даночните приходи се најголем столб на јавните финансии, учествуваат со 65,6% од вкупните приходи, кај најдиректниот индикатор за лична и приватна потрошувачка, даноците на стоки и услуги, не е проектирано апсолутно никакво зголемување. Остануваат на исто ниво 123,4 милијарди денари, и покрај тоа што просечната инфлација за првите пет месеци изнесува 3,7%. Тоа не е техничка неусогласеност, тоа е сигнал дека реалната потрошувачка опаѓа. Граѓаните купуваат сè помалку, за истите или повеќе пари. Во нормални услови, буџетот е рефлексија на економските движења, кога се троши повеќе, се собира повеќе. Кога се троши помалку, тоа значи дека куповната моќ е падната. Во овој случај, Владата со ребалансот самата го признава она што одбива да го каже јавно, а тоа е дека животниот стандард стагнира, а потрошувачката реално паѓа.
Ако на ова се додаде и непостоечка стратегија за раст на платите, нефункционален дијалог со синдикатите и отсуство на било какви мерки за ценовна стабилизација, тогаш перспективата е јасна. Куповната моќ ќе продолжи да паѓа, а граѓаните ќе продолжат да плаќаат повеќе за помалку.
Водевте голема битка за Закон за Кочани, кој не помина во Собрание. Дали државата може да издржи таков „финансиски терет“, како што вие го предлагавте?
Трагедијата во Кочани стана симбол на прашањето како државата се однесува кон своите граѓани кога институциите ќе затаат. И не е прва. Пред неа беа и Ласкарци, и модуларната болница во Тетово, и „Беса Транс“. Секоја од овие трагедии откри исти ранливости, слаби системски одговори, отсуство на превенција, доцна реакција. Но најболното прашање останува: дали државата има капацитет не само да реагира, туку и да понесе морална одговорност? Законот за Кочани беше токму тоа, обид државата да покаже дека стои зад граѓаните кога тие се оставени сами во најтешките моменти.
Затоа кога се поставува прашањето дали државата може да го издржи финансискиот терет, одговорот е: да, апсолутно може. Но поважно е друго, дали има волја да го направи тоа. Не станува збор за фискален проблем, туку за вредносна ориентација. Кога има средства за скапи инфраструктурни проекти, за софтвери за следење на медиуми и социјални мрежи и за нови долгови, тогаш не може да се каже дека нема капацитет за достоинствена поддршка на семејства погодени од трагедии. Во овој случај, изговорот за „немање пари“ е начин да се избегне одговорноста, а не реален економски аргумент.
Гувернерот Трајко Славески побара да се намалат банкарските провизии. Според информациите, банките само од тоа заработиле 115 милиони евра за една година. Поддржувате ли ваков предлог?
Ја поддржувам секоја мерка што има потенцијал да го олесни животот на граѓаните и да ја поттикне економската активност, особено кога се работи за системски прашања како што е функционирањето на банкарскиот сектор. Намалувањето на банкарските провизии е иницијатива што оди токму во тој правец, директно влијае врз трошоците на граѓаните, но и на малите и средни претпријатија, кои често се најизложени на фиксни банкарски провизии. Затоа ја поддржувам оваа иницијатива и сметам дека е време да се отвори сериозна дебата за улогата на банкарскиот сектор во економијата.
Сосема е легитимно прашањето зошто банкарскиот сектор, кој веќе остварува високи и стабилни профити, сè уште наплатува провизии што реално го оптоваруваат секојдневието на граѓаните и деловното работење на компаниите. Овие трошоци, иако за банките се рутински приход, за многу луѓе претставуваат значаен удар врз месечниот буџет, особено во услови на инфлација и економска неизвесност. Наместо ова прашање да остане на маргините, треба отворено да зборуваме за суштински дијалог за фер рамнотежа помеѓу профитот и јавниот интерес.
Во одржлива економија, банкарскиот сектор е стратешки актер кој има улога во создавање на праведен финансиски екосистем. Затоа поддршката за вакви политики произлегува од принцип дека секоја мерка што создава поширока корист и циркулација во економијата, заслужува сериозно разгледување и имплементација.
Покрај прашањето за провизиите, сметам дека е зрел момент да се отвори и дискусија за повисоко и поправедно оданочување на профитите во банкарскиот сектор. Кога еден систем создава високи и сигурни добивки во услови на општа економска неизвесност, тогаш е легитимно и оправдано да се постави прашањето за неговиот придонес во одржувањето на социјалната и економската рамнотежа. Не заради казнување на успехот, туку заради принципот на солидарност и фер распределба на товарот, особено во периоди кога останатиот дел од економијата се соочува со растечки трошоци.
Работници нема ни за лек, младите се иселуваат, слабо се вложува во човечкиот капитал. Тргната ли е државата на „пат без враќање“ по ова прашање?
Не верувам дека сме тргнати по пат без враќање, но верувам дека сме на критична раскрсница на која државата мора свесно да избере дали ќе инвестира во луѓето или ќе продолжи да ја губи најважната компонента на својот развој: човечкиот капитал. Затоа што прашањето денес не е само економско, туку длабоко вредносно. Дали ќе создадеме општество во кое младите ќе сакаат да останат, да создаваат, да се реализираат? Или ќе им понудиме само тишина и празни ветувања додека ги испраќаме на аеродром?
Бројките се јасни и алармантни. Просечната плата во Германија, една од најпосакуваните земји за иселување, е пет пати повисока од таа во Македонија. И тука не станува збор само за пари. Станува збор за квалитет на живот, за чувство на сигурност, за шанса за напредок. За млад човек, кој е изложен на несигурен пазар, слаби институции и недоволна поддршка, одлуката да замине е тивок повик за достоинство, а не за бегство.
Но токму затоа европските перспективи не треба да ги гледаме само како политички процес, туку како вредносен мотив да го вратиме животот дома. Европа не е само дестинација, таа е систем на вредности на правичност, можности, достоинствен труд и силни институции.
Затоа, членството на Македонија во ЕУ е повеќе од геополитичка цел, тоа е прашање на наша цивилизациска определба. Тоа значи пристап до стабилни институции, фер закони, слободен пазар, заштита на работничките права и образование што отвора перспективи, а не само дипломи. Младите ќе изберат да останат тогаш кога ќе почувствуваат дека овде се применуваат истите вредности што денес ги бараат во странство. ЕУ не е гаранција дека сè ќе биде подобро преку ноќ, но е најсилниот двигател на реформи, стандарди и стабилност што ни е неопходна за да ја изградиме Македонија како земја во која иднината нема да се бара, туку ќе се создава.
Светот се соочува со крај на ерата на глобализација, слободната трговија и отворените општества, предводена од Америка. По години царински војни, недоверба на пазарот, пад на доларот и растечки популизам, се чини се случува целосен ресет на светската економија. Како да се постави Македонија во ваква ситуација? Каде треба да ги насочиме силите да го преживееме ова менување на „софтверот“, па и хардверот?
Во време кога светот навистина влегува во фаза на геоекономска прераспределба, Македонија нема луксуз да стои настрана и да чека. Сите овие глобални потреси, од крајот на безусловната глобализација, преку пренасочување на капиталот, до кревкоста на глобалните синџири на снабдување, не се само предизвик, туку и можност. Во ваква динамика, вистинскиот одговор не е затворање, туку отвореност. Не е страв, туку подготвеност за трансформација, за промена. Секој обид да се изолираме или да останеме заложници на старата логика на зависност, ќе значи и економско маргинализирање.
Затоа веќе со години зборувам за концептот на near-shoring, стратегија со која производствените и услужните капацитети се приближуваат до пазарите на потрошувачка, односно до ЕУ. Македонија тука има шанса. Не како земја со евтин труд, туку како сигурен партнер, земја со предвидлива регулатива, со добра инфраструктура, со квалификувана работна сила. Но за тоа, мораме да вложиме во она што ни е најважно, институции што ќе се движат со темпото на светот, и луѓе што ќе веруваат дека тука вреди да се остане. Near-shoring е шансата за Македонија да стане регионален центар на стабилност, на поврзување и на отпорна економија.
Во еден свет што сè повеќе се дели на блокови, нашата позиција мора да биде јасна, Македонија е мала земја, но со голем потенцијал , доколку се одлучиме за храброст, наместо за калкулација. Да бидеме дел од новата европска индустриска архитектура. Да ги отвориме вратите за нови технологии, за дигитална и зелена економија, за партнерства со земји што не нè гледаат само како пазар, туку како сојузници. Ова не е време за носталгија по старото, ова е време за нови перспективи и за надминување на сопствените граници.
Македонија не може да ја гради својата иднина во изолација од соседството. Регионалниот контекст е нашата реалност, но и наша предност ако знаеме како да ја искористиме. Наместо да влегуваме во бесмислена трка кој ќе понуди пониски трошоци или поповолни услови, време е да изградиме регионална конкурентност, односно заедничка економска понуда што ќе ја направи цела Југоисточна Европа поатрактивна за инвестиции, иновации и одржлив раст. Македонија треба да ја препознае шансата во соработката, а не во натпреварот. Само така можеме да бидеме дел од новиот европски економски поредок, не како последни што чекаат, туку како активни градители на стабилен и поврзан регион
Во оваа насока, токму во вакви услови, кога светот се менува со невидена брзина, Македонија мора да има сопствен компас. Затоа беше важна и суштинска Националната развојна стратегија (НРС), првпат изработена како 20 годишна визија креирана заеднички со граѓаните, институциите, бизнисот и академијата. НРС е патоказ како да се поставиме во една нова глобална реалност, како да бидеме поотпорни, поагилни и поинклузивни. Ако навистина сакаме да ја претвориме оваа криза во шанса, мора да мислиме долгорочно, а НРС е токму таква алатка, национална рамка што ја надминува дневната политика и ја води државата по траекторија на европска, иновативна и одржлива економија.
Избори се ближат, ВМРО-ДПМНЕ вели и тие малку општини што ги имате, ќе ги изгубите. Што очекувате вие од изборите, може ли СДСМ да изненади?
Очекувањата од изборите не се темелат на аритметика од минатото, туку на способноста да се допре до реалните проблеми на граѓаните и да се понуди веродостојна визија за иднината. ВМРО-ДПМНЕ сака да создаде чувство на неминовност и капитулација кај СДСМ, но политиката не е спортски резултат што се претпоставува однапред , таа е жив процес, зависен од доверба, работа и посветеност.
Не прифаќам наратив што ги сведува изборите на броење општини, како да се работи за лична или партиска сопственост. Општините се заедници со луѓе, со конкретни проблеми и очекувања. Вистинската одговорност не се мери со тоа колку „општини имаме“, туку што направивме со можноста што сме ја добиле. И во тоа, да, има простор и за самокритичност и за рефлексија. Но има и многу локални примери каде вредносниот пристап, инклузивноста, транспарентноста и вистинската грижа за граѓаните донесоа резултати.
Мене повеќе ме интересира дали ќе знаеме да понудиме искрен разговор со граѓаните, отколку дали некој прави калкулации за изборни резултати. Тоа е единствениот начин да се изненади, со враќање на довербата во социјалдемократските вредности..
Во тој контекст, очекувам овие избори да бидат испит на вредности: дали ќе победат тие што сеат поделби или тие што нудат решенија, тие што зборуваат со аплаузи или тие што слушаат со внимание. Секоја општина е шанса да се покаже дека се може поинаку, со достоинство, со почит и со чувство дека политиката постои заради граѓаните, а не обратно. Тука лежи и можноста за вистинско изненадување.
Н.П.