Интервју со Борозанов, „Џонсон Мети“: Нестабилноста на пазарот бара прилагодување на нашите распореди за производство, но сега нема планови за технолошки вишок

од Vladimir Zorba
583 прегледи

Нашите резултати ја одразуваат пазарната реалност. Сепак, морам да истакнам дека сум многу горд на тоа како нашиот тим се претставува во овие предизвикувачки времиња. Нестабилноста на пазарот бара од нас да продолжиме да ги прилагодуваме нашите распореди за производство, но сега нема планови за технолошки вишок поврзани со краткорочни нарушувања, вели во интервју за „Локално“ Боријан Борозанов, управител на компанијата Џонсон Мети Македонија

Борозанов смета дека ситуацијата во Украина и другите макро фактори всушност ги забрзале „зелените иницијативи“ во однос на енергетската транзиција и зависност.

– Џонсон Мети е совршен пример за трендот на насочување на масивни и нови ресурси за истражување и развој во развојот на нашето упориште во водородни технологии. Се обврзавме да инвестираме 1 милијарда фунти до 2030 година, а нашите најдобри научници неуморно работат за постигнување на нашата визија за почист и поздрав свет, истакнува тој.

За тоа како ги оценува економските политики на Владата во однос на компаниите кои сакаат да инвестираат во земјава, Боразанов е дециден дека тие треба да се прилагодат и да бидат поагилни како и компаниите.

-Сепак, фокусот на основите не се менува: нулта корупција, макроекономска и законодавна стабилност, помала бирократија и многу силна поддршка за создавање конкурентен и модерен образовен систем, посочува управителот на компанијата Џонсон Мети Македонија.

Кризата ги погоди компаниите низ Европа и светот, цените на производите и услугите растат, инфлацијата го „јаде“ буџетот на граѓаните и ја намалува потрошувачката. Како се справува „Џонсон Мети“ во овој турбулентен период?

-Не е ново дека сите живееме во невидени времиња. Многу предизвици за граѓаните и бизнисите ширум светот кои бараат од сите да бидат поагилни, да се приспособуваме и да го трансформираме начинот на кој работиме. Џонсон Мети Македонија секако не е исклучок. За нас е многу јасно дека единствениот начин да се оди напред е активно да се ангажираме со сите наши засегнати страни, имено со нашите клиенти, нашите вработени, нашите добавувачи и секако нашите локални заедници.

Колку вашиот бизнис страдаше во Северна Македонија за време на кризата со пандемијата Ковид-19, но и со актуелните настани? Дали планирате намалување на производството поради состојбите, но и намалување на вработените?

-Нашите резултати ја одразуваат пазарната реалност. Сепак, морам да истакнам дека сум многу горд на тоа како нашиот тим се претставува во овие предизвикувачки времиња. Нестабилноста на пазарот бара од нас да продолжиме да ги прилагодуваме нашите распореди за производство, но сега нема планови за технолошки вишок поврзани со краткорочни нарушувања. Џонсон Мети Македонија останува стратешка локација за нашиот Clean Air оддел и го позиционираме нашето работење имајќи ги предвид нашите долгорочни стратешки приоритети.

Синџирите на снабдување стануваат светски проблем и доцнењата растат. Како компанија која се занимава со производство на катализатори за автомобилската индустрија, кога (и дали) очекувате подобрување на ситуацијата?

-Со оглед на немирните настани што се случија во последно време, можеби ќе поминат години пред глобалните синџири на снабдување да се вратат на нешто повеќе слично на она на што сме навикнати. Она што исто така го гледаме е дека профитабилноста не е толку поттикната од обемот, туку се повеќе и повеќе од додадената вредност и содржината. Во таа насока, сите ние треба да идентификуваме нови начини за надминување на очекувањата на нашите клиенти за да останеме конкурентни. Нашите технологии, решенијата за циркуларност и стратешките односи со клиентите заедно со нашиот мотивиран тим се клучниот диференцијал кој води напред.

Иако се чини дека плановите за префрлување на „зелена енергија“ се заглавени поради моменталната ситуација во Украина, светот се движи кон префрлување на електрични автомобили и ставање крај на моторите со внатрешно согорување. Дали тоа ќе влијае на работењето на вашата компанија?

-Напротив, верувам дека ситуацијата во Украина и другите макро фактори всушност ги забрзаа „зелените иницијативи“ во однос на енергетската транзиција и зависност. Џонсон Мети е совршен пример за трендот на насочување на масивни и нови ресурси за истражување и развој во развојот на нашето упориште во водородни технологии. Се обврзавме да инвестираме 1 милијарда фунти до 2030 година, а нашите најдобри научници неуморно работат за постигнување на нашата визија за почист и поздрав свет.

За да се постигнат амбициозните глобални цели COP 26 за нето нула до средината на векот, пенетрацијата на пазарот на електрични возила со батерии (BEV) ќе игра значајна улога. Сепак, оваа транзиција нема да се случи преку ноќ и ќе бара многу дополнителни инвестиции во различни типови на инфраструктура. Во крајна линија, јас силно верувам дека Џонсон Мети  Македонија е многу подобро позиционирана да напредува и да се трансформира во споредба со кој било од нашите конкуренти или локални компании.

Дали подготвувате промена на стратегијата во работењето (општо, но и во државата) поради промените што ќе настанат поради новонастанатата состојба со побарувачката на суровини и, така да се каже, расчистувањето на Западот со Русија и потешките односи со Кина?

-Краткиот одговор е „Не“. Геополитичките и макроекономските фактори се сериозно земени в предвид во нашата тековна анализа на ризик. Да повторам, Џонсон Мети Македонија останува една од нашите клучни глобални стратешки локации за бизнисот Џонсон Мети Clean Air.

Како ги оценувате економските политики на Владата во однос на компаниите кои сакаат да инвестираат во земјава? Што мислите, каде треба да се посвети најмногу внимание на промената на законодавството?

-Владите треба да се прилагодат и да бидат поагилни како и компаниите. Сепак, фокусот на основите не се менува: нулта корупција, макроекономска и законодавна стабилност, помала бирократија и многу силна поддршка за создавање конкурентен и модерен образовен систем. Повеќе од странските инвеститори ќе одлучат да ги прошират своите активности и да создадат поголема додадена вредност доколку има проактивни услуги кон „грижата за корисници“ кои поддржуваат одржлив раст на бизнисот.

Може ли да очекуваме нови инвестиции во Македонија, како и нови вработувања?

-Повеќе од 12 години Џонсон Мети Македонија инвестираше и продолжува да инвестира во нашите капацитети, опрема и нашите луѓе. Нашиот тим е многу горд со она што го постигнавме и што ќе го постигнеме во иднина. Пазарот се менува и ние мора да се прилагодиме – во моментот сме фокусирани на она што го правиме најдобро: да ги задоволиме нашите клиенти и да испорачаме продуктивност.

В.З.

 

Слични содржини