ИНТЕРВЈУ со Јонуз: Барањето на опозицијата за формирање Влада за национален спас е закаснето, истото подразбира дека државата пропаѓа

„Влада за национален спас во старт подразбира дека државата пропаѓа. А ако тоа е така, опозицијата не гледам дека има капацитет да се спасува самата себеси, а камо ли државата. Затоа сметам дека треба, заедно со локалните да има уште едни парламентарни избори, на кои без оглед на се, после тоа во еден период, ќе има Влада на широка коалиција“, вели аналитичарот и колумнист, Агим Јонуз во интервју за „Локално“.

Јонуз смета дека подемот на Левица се должи на илустрацијата на „one man show“ на Апасиев и вели не е сериозен импакт на политичката сцена. Но, како и други мали партии, Јонуз смета дека Левица може да игра на уценувачката карта кога се во прашање носењата на важни закони.

Во однос на историскиот спор со Бугарија, на којшто се должеше и ветото во ЕУ за отпочнување на пристапни преговори за С.Македонија, Јонуз смета дека македонските политичарите се на потег, во однос на тоа колкав, односно колку мал ќе биде цехот по сето ова. Исто така, додава и дека моментално далеку сме од ферплеј и разумни меѓународни односи, коишто ги класифицираме како „добрососедски“.

Во однос на Ковид пандемијата пак, аналитичарот и колумнист Јонуз, смета дека С.Македонија ќе ги добие дозите помеѓу последните земји, па оттаму категорично посочи, не се согласува со тезите дека ќе биде нашата земја по однос на ова прашање „експериментален глушец“. Меѓудругото вели, и со оглед на нашиот здравствен капацитет, нашата земја и одлично се справува со оваа пандемија.

Што сметате во однос на ветото на Бугарија и македонските евроинтеграции, како и историските барања на соседна Бугаријаи извесниот „Нон пејпер“ во кој се вели дека делот за заедничка историја опфаќа само чествување на заеднички празници и ликови од историјата?

-Бугарија има историска можност, да ја искористи ситуацијата и уценувачки да ја доведе Македонија во ситуација “на ѕид“. Тоа што Бугарите го прават и нивниот метод е вон сите разумни и  ферплеј меѓународни односи и најмалку базирани на „добрососедски “ односи. Она што Македонија ја чини хендикепирана, е што како мала земја зависи, од ставовите и мислењата од големите сили, и рамноправните ставови на земјите гласови на еу, да мора да глуми јагне наместо волк затоа што на крајот на краиштата, онаа старата вели кого треба да молиш не треба да го лутиш. Трагичноста на ситуацијата, вели дека Бугарија нема да си дозволи себеси „пораз“ затоа што тоа ќе биде погубно во ситуација на историски двобој да не извлече барем неколку поени со коишто ќе ја задржи сопствената гордост, дигнитет и „поголемост“ во односот со Македонија. Дека Македонија ќе плати цех, на своето младо „официјално“ постоење, тоа е неизбежна судбина. Но, прашање на зрелост на нашите политичари и способност, е колку мал ќе биде тој цех. Она што сега ќе се втемели, низ временска призма тешко дека во догледно време, потоа ќе може да претрпи измени. Доколку Македонија и влезе „скоро“ во ЕУ, многу мали се можностите, за релативизирање на тој цех, а со оглед на тоа дека микрорегионално, Балканот бил и ќе остане конфликтно опкружение.

Кој е вашиот коментар во однос на воведувањето нов образовен систем во основното образование, односно новиот концепт во истото?

-Новиот образовен процес во основното образвоание, како и да биде концептиран не смее да отскокнува од стандардите на современо европските едукациони модели. Тоа не значи дека историјата како наука, треба да биде забранета и анатемисана, но тоа е предмет којшто во основното образование, е чист сервис на информација за пласирања на историска материја која е потребна за оддржување на морално државнички потреби. Лично сметам дека во основното образование, барем засега нема т.н. златна средина понајдена за изучување на барем на елемнтарните нешта што секој еден млад човек треба да ги осознава и се дел од историјата. Таа отсекогаш била релативна, но прашање е, кој „релативен“ модел ќе се изнајде, и волкот да биде сит и овците на број.

Што сметате за пописот 2021. Година, со оглед на различните ставови, од една страна дека ќе ги даде реалните бројки, а од друга страна ќе биде „исфорсиран“ и на истиот ќе му се даде маска?

-Недовербата во институциите, недоволниот авторитет на институциите на системот во народот, по дифолт, ќе донесе попис којшто ќе биде се, само не идеален. Има неколку елементи. Првиот е тоа што го правиме пописот „после свадба тапани“, во смисла се донесоа многу закони, правила и уредби врзани за бројност, а темелени на информации и статистички бројки за населението кои се апсолутно релативни. Сталин рекол: „На избори не победува тој што има најмногу гласови, туку тој што ги брои“, затоа сметам дека, овие избори ќе бидат идеални за пеглање на сето она што е веќе направено, а може да биде Армагедон, доколку се покаже дека сите нешта се правени во стилот „рачун без крчмар“. На пример, рамковниот договор, е базиран на статистика, која е многу стара. Што правиме, ако бројките не се баш тие? Дали тоа значи дека Македонија треба да оди назад во иднината. Но, истото се однесува и за Македонците и за сите останати. Вториот елемент е опозицијата, која по ниедна цена, нема да дозволи пописот да биде „идеален“ затоа што со самото тоа ќе признае дека актуелната власт може и умее. Пописот ќе биде тема, со којашто долго ќе се занимаваме, а истовремено ќе биде идеално, за медиумско покривање за секојдневните општествено економски проблеми. Децидно тврдам, дека пописот од 2001. Година, „ќе биде крстен“.

С.Македонија влезе во економска рецесија и официјално. Каков е вашиот став, односно кое би било решението за враќање на економијата, барем во прекризна состојба?

-Македонија оддамна живее „на вересија“. Ако инфраструктурно, реално економски и по основ на потенцијалот што го носиме, ако се потпираме на тие елементи сметајќи дека ќе се извадиме од рецесијата, сметам дека час поскоро треба да се разбудиме од сонот и лажните надежи. И поголеми економии од Македонија многу тешко ќе се вратат во време на пред рецесија. Единствениот спас за Македонија е час поскоро влегување под капа на ЕУ, која сама по себе ќе наметне економски решенија. А Македонија треба, час поскоро, да биде слободна економска зона.

Во однос на барањата на опозицијата за предвремени избори и формирање на Влада за национален спас, како и подемот на Левица, како аналитичар, кој е вашиот став?

-Барањето на опозицијата за формирање Влада за национален спас, е закаснето. Да се има Влада за национален спас, и да се има Влада која подразбира широка коалиција не е исто. Влада за национален спас во старт подразбира дека државата пропаѓа. А ако тоа е така, опозицијата не гледам дека има капацитет да се спасува самата себеси, а камо ли државата. Затоа сметам дека треба, заедно со локалните да има уште едни парламентарни избори, на кои без оглед на се, после тоа во еден период, ќе има Влада на широка коалиција. Само така, ќе се воведе политички мир во којшто никој никому нема да му стои на патот да се носат решенија за добробит на државата. Изборите како такви, би требало да бидат едно конечно квалитетно мерење на силите., кои за спас на државата, не би требало да имаат никакво значење. Хипокризијата на поимот Влада за национален спас, подразбира, дека во Македонија може е најдобро да се има експертска влада, затоа што ако веќе е „влада за спас“ секако експертите подобро ќе ја спасат отколку изгубените декларативни, национални спасители од кои огромен дел се залутани во политиката. Покрај тоа, етноцентризмот, во политиката во амбиент на македонската држава еднаш за навек мора да биде минато. Современиот граѓански концепт на држава, не признава и познава една огромна маса внатрешни проблеми кои само ја кочат државата.  Растот на популарноста на Левица пак, се темели на феноменот на „one man show“  на Апасиев. Не сметам дека Левица е политички фактор кој може да има сериозен импакт во политичкото секојдневие, освен како и многу други помали партии, да играат на уценувачката карта со своите мал број пратеници, кога ќе треба да се носат сериозни закони, разликата во броењето ќе биде тесна.

С.Македонија како и светот се соочува со Ковид пандемијата. Имено, дали сметате дека нашата земја ќе биде „експериментален глушец“ во процесот на вакцинацијата и како здравствените власти сметате дека се справуваат со оваа криза?

-Не би се согласил со тезата на поединци дека ние апропро вакцината ќе бидеме експериментални глувци, затоа што најавата е дека ќе ја примиме меѓу последните. Тоа значи дека ако некој треба „да биде глушец“, тоа први го направија развиените земји. Не би се согласил, дека сме неспремни за борба против пандемијата, затоа што ако се свртиме назад и ја видиме реалната ситуација, ќе заклучиме дека тоа ни е капацитетот. Ако се базираме на капацитетот на здравството сметам дека и одлично се справуваме. Ние отсекогаш сме биле, и сме останале последна автобуска станица, а на таа станица секогаш има гужва и многу нешта кои се далеку од паметот.

А.В.

Слични содржини