Интервју со Заев: Парите мора да ги насочиме кон потребите на граѓаните, а не кон фикции и лудории

од Vladimir Zorba
687 прегледи

Со стабилизирањето на економијата и со последователниот економски раст се отвори простор за зголемување на платите, пензиите, се отвори простор за намалување на трошоците. Ова значи дека вложуваме во луѓето, а не во споменици и во фасади кои денес гледаме како се распаѓаат на посилен ветер. Ние имаме стабилен буџет, предвидлива фискална политика, сме ја ставиле економијата на здрави основи и кога се во прашање луѓето, тука нема дилеми – парите мора да ги насочиме кон потребите на граѓаните, а не кон фикции и лудории, изјави во интервју за Локално лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

На прашање за разговорите кои ги достави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски до обвинителството, а во кои се слуша неговиот глас, поранешниот премиер вели дека во тие разговори убедува пратеници зошто е важно да се усвои Законот за јавно обвинителство.

– ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана – Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен, вели тој.

Според него, предизборната коалиција со Движењето Беса е нов исчекор кој може да го зајакне по структура и по фер поставеност, еднаквиот глас на секој граѓанин.

-Испишавме убава историја со предизборна мултиетничка коалиција на тоа сме особени горди, смета екс премиерот.

Во однос на сè поголемото иселување на младите од државава, Заев вели дека неговата влада ќе продолжи да инвестира и да работи на други теми поврзани со младите се со една цел – тие да останат тука и тука да ја градат својата кариера и својата иднина.

За економскиот бум кој го најавува опозицијата, доколку дојдат на власт, претседателот на владејачката партија посочи дека „нема поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ да зборува за зголемување на платите и за инвестирање во инфраструктурата“.

– Мицкоски е губитник, неуспешен политичар, тој не знае економија. Мицкоски и Груевски ја покачија цената на струјата, ја задолжија земјата, а парите ги украдоа и ги потрошија на стиропор фасади. Најнеуспешниот директор на ЕЛЕМ (ЕСМ) не може да води успешна економска политика. Затоа нема да ја добијат довербата од граѓаните, смета Заев.

Како ја оценувате работата на техничката влада откако се повлековте од премиерската функција на почетокот на годинава? Дали очекувавте од опозицијата слични блокади, па и ширење на лажни вести?

Однесувањето на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во преодната влада покажа дека тие се посветени само на личните и партиските интереси. Граѓаните добро се потсетија што значи ВМРО-ДПМНЕ во Влада. Од многу места слушнав коментари дека со своето однесување во техничката влада тие покажале дека воопшто не се промениле и дека ВМРО-ДПМНЕ е нереформирана ретроградна партија со политики кои повеќе пати веа отфрлени од граѓание.

Наместо да учествуваат во Владата за да придонесат кон организацијата на фер и демократски избори за што впрочем им е и мандатот, тие одлучија да тераат партиска промоција, да го кршат Уставот, да загрозуваат меѓународни операции за разоткривање нелегална трговија со дрога и да вршат мобинг и притисок врз вработените во администрацијата. Ваквите појави, особено со нереформирани партии како ВМРО-ДПМНЕ отвораат простор за сериозна дебата и одлука, дали и во иднина навистина ни треба ваков вид на Влада 100 дена пред избори.

Во врска со лажните вести кои извираат од белата палата, нема на кого не му е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ е фабрика за дезинформации. Ни самите веќе не се сеќаваат кој ден што излажале. До толку загазија во лаги, што дури и кога кажуваат по некоја вистина, тешко е да им се поверува. Но, најважно е дека народот ги прочита. Нам ни се препишуваат храбрите одлуки, ним лажните вести. Впрочем, тоа е изборот на 12 април. Храбри одлуки со СДСМ или лажни вести со ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски на два наврати објави и до обвинителството достави снимки во кои се слуша вашиот глас. Дали држат обвинувањата дека договарате судски одлуки?

-Јас во тие разговори убедувам пратеници зошто е важно да се усвои Законот за јавно обвинителство, за таквите како Антонио да си одговараат до крај пред инстититуциите и врз основа на обезбедени докази да им се докаже вина или да докажат невиност. Ништо друго.
Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство – покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд која предвидуваше паѓање на предметите, на што алармирам во разговорите. Сега, со ЗЈО за кој Мицкоски и ДПМНЕ толку многу се противеа, овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази.

ВМРО-ДПМНЕ се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеа дека предметите на СЈО беа под закана – Милошоски го знае новиот закон, тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуди врз основа на обезбедените докази. Спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен.

Ја добивме битката, ние бевме за Законот и за правна разрешница на сите предмети од СЈО врз основа на обезбедените докази, а тие беа против законот и против правда.

За разрешувањето на главната инсталација на Никола Груевски во судството, Јово Вангеловски има бројни правни аргументи, поради нечесно и несовесно работење и тие не може да ги оспори Милошоски, за кого има предмет во СЈО.

Јас, уште во август мината година во јавноста ги коментирав информациите дека некој го штити кумот на Трајко Велјаноски, Јово Вангеловски во Судскиот совет и повикав на одговорност за сите согласно законите, без оглед на функцијата којашто ја врши.

Граѓаните знаат дека Милошоски и Мицкоски не сакаат да одговараат оние кои му овозможија на Груевски да побегне, тие се фокусирани на одбрана на криминал.

Граѓаните знаат, целата јавност гледа дека сега судството е ослободено од секаков вид притисоци, уцени, закани и нарачаки од политичарите кои се дел од власта.

Коалициските договори меѓу партиите се актуелна тема пред изборите. Неодамна споменавте дека вашата партија има најголем коалициски потенцијал, по што дојде и официјализирањето на соработката со БЕСА. Ќе продолжи ли соработката со ДУИ, со оглед на тоа дека последната анкета на „Стратум R&D“ вели дека ако тие останат на власт дури половина од гласачите очекуваат влошување на состојбите во државава?

-Првата предизборната коалиција меѓу македонска и албанска политичка партија е логично продолжување на сите досегашни политики и заложби за напуштање на концептот на поделби по етнички кампуси за сметка на создавање црврсти темели на новата политичка платформа на СДСМ за градење „едно општество за сите“.

Предизборната коалиција со Движењето Беса е нов исчекор кој може да го зајакне по структура и по фер поставеност, еднаквиот глас на секој граѓанин. Испишавме убава историја со предизборна мултиетничка коалиција на тоа сме особени горди.

Нашата земја е мултиетничка со векови. Овој нов квалитатив којшто со прогресивни политики го создаваме со конкретен ефект и почеток од 2016 година кој денес уште повеќе го зацврстуваме во најголема, најразнолика коалиција која е сигурен победник на изборите на 12 април.
Сите ние, како политичари и како политички партии мора да се менуваме кон подобро.

Мораме да го слушаме гласот на граѓаните и она за што ни забележуваат, да го менуваме. Ова треба да го разбере и ДУИ, и тие треба да се менуваат на подобро. Тоа во интерес на унапредување на општеството, на политичкиот плурализам, на нив како партија, но пред се во интерес на граѓаните.

Очекувате ли и други партии да се приклучат на коалицијата?

Вратите за идно коалицирање се уште се отворени. Даваме простор на секој политички субјект кој ги дели принципите и вредностите на СДСМ, кој е спремен да работи за доброто на граѓаните, да ни се приклучи.

Тоа секако не е и нема да биде случај со ВМРО-ДПМНЕ со ова актуелно раководство кое се профилира како целосно деструктивно, под контрола на Груевски, постојано работејќи спротивно од стратешките интереси на земјата.

ЕУ амбасадорот во земјава, Самуел Жбогар, пред неколку дена изјави дека во текстот за Законот за јавното обвинителство никаде не гледа дека има амнестија за било кого. „Законот дава можност одговорноста да биде воспоставена“, вели тој. Ќе ја видиме ли конечно долгоочекуваната правда по носењето на Законот или тој ќе биде, како што обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, „само за спас за луѓето блиски до власта“?

-Со носењето на Законот за Јавно обвинителство и со останатите системски закони како извршна и законодавна власт сторивме се за непречено функционирање на правдата. Подготвивме целосна професионална законска рамка за судовите и обвинителствата да можат да постапуваат независно, ослободени од каков било политички притисок.

Сега притисокот доаѓа искличиво од граѓаните. И во најновиот извештај на Европската Комисија кристално јасно се забележува дека законските реформи поврзани со правната држава се исполнети.

Сега на ред е правосудството, да испорача правда и наместо делата да застаруваат, конечно да добијат правен епилог, а оние кои се виновни да одговараат.

Со Законите, судството сега е ослободено од политички и партиски влијанија и конечно ред е секој за кој низ судска постапка се докаже дека го прекршил законот да одговара без разлика на неговата етничка, верска и најмалку партиска припадност.

Дали Законот за ЈО беше последната пречка за добивање датум за преговори со ЕУ? Очекувате ли „зелено светло“ или ново „вето“ од Макрон на самитот во Загреб?

-Носењето на Законот за Јавно обвинителство не беше услов, но е аргумент плус пред нашите пријатели во ЕУ. Ние сработивме се што се очекуваше од нас, на ред е ЕУ. Дали тоа ќе се случи во март, мај или јуни не е најважното прашање.

Поважно од тоа е дека ЕУ ја согледува својата грешка и дека Мицкоски останува единствениот кој нема да се радува на моментот кога ќе ги почнеме преговорите. Исто како што беше единствениот што не аплаудираше кога во Собранието сите пратеници гласаа ЗА членство на Северна Македонија во НАТО.

Затоа, јас сум убеден дека ние ќе ги завршиме преговорите за 6 години, а ВМРО-ДПМНЕ тоа не да може, ниту ќе сака да го направи за цели 60 години.

Остана впечатокот дека во вашиот мандат акцент ставивте на надворешната политика, односно на Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор, кои на земјава и донесоа членство во НАТО и безбедност, но и дека не остваривте некои од ветувањата кои ве донесоа на власт, како тоа дека сè што било украдено од претходната власт ќе биде вратено, општество со нула корупција, намалување на огромната администрација, почиста животна средина, намалување на сиромаштијата итн. Дали всушност ги решивте прашањата кои го интересираат обичниот граѓанин?

-Во мандатот од нешто повеќе од две и пол години се посветивме на решавање на сите наталожени проблеми како на надворешен, така и на домашен план. Ние сме во интензивна внатрешна домашна реформа по сите основи, а особено во економијата. Од држава во финансиски колапс стигнавме до држава во која платите растат многу брзо.

Официјалните податоци покажуваат дека странските инвестиции се на рекордно високо ниво, за разлика од претходно. Платите растат во сите сектори. Околу 90.000 граѓани денес добиваат повисока минимална плата за 60 отсто или за 5.500 денари, невработеноста ја донесовме на рекордно најниски 17 отсто, трошоците се значително намалени, а за првпат државата враќа пари директно на сметките на граѓните преку мерката Мој ДДВ. Сето тоа значи пари плус во секое семејство. Социјалната помош ја покачивме за 300% и постојано го зголемуваме опфатот на корисници.

Се разбира, се уште има прашања и предизвици на кои треба да одговориме и затоа сега пред граѓаните бараме нов целосен мандат за напредокот и развојот да продолжи уште позасилено, за реформите да продолжат во сите полиња со што уште повеќе ќе го подобриме секојдневниот живот на сите граѓани.

„Едно општество за сите“ – концепт кој го нарековте ваш, но и императив на вашата Влада, во едно општество кое е длабоко поделено по секоја основа. Мислите ли дека оваа ваша стратегија и чекорите кои ги преземате за нејзино реализирање вродија со плод? Гледате ли шанса за помирување?

-Концептот едно општество за сите даде резултати. Денес меѓуетничките, меѓучовечките тензии се надминати. Не сакаат да се помират само оние кои се свртени кон национализмот, оние кои во конфликтите и поделбите гледаат своја шанса а тоа највеќе е изразено кај ВМРО-ДПМНЕ. Но она што го покажавме досега отвора простор за сериозно надминување на поделбите од секаков вид.

Видовме во изминатите години дека поделбите, тензиите не водат никаде. Затоа е важно овој концепт да продолжи, затоа што е во интерес на сите граѓани, во интерес на државата.

Заедно можеме повеќе и тоа досега се докажало многу пати и ќе се докажува и во иднина.

Зголемување на минималната плата, покачување на пензиите, раст на платите во администрацијата…дали ова е реален епилог од подобрените индикатори во економијата или пак предизборен поткуп?

-Се што правевме во изминативе години беше намалување на непродуктивните трошоци со цел повеќе пари да има за граѓаните. Со домаќинско и чесно работење покажавме дека во државата има пари за се.

Со стабилизирањето на економијата и со последователниот економски раст се отвори простор за зголемување на платите, пензиите, се отвори простор за намалување на трошоците.

Ова значи дека вложуваме во луѓето, а не во споменици и во фасади кои денес гледаме како се распаѓаат на посилен ветер.

Ние имаме стабилен буџет, предвидлива фискална политика, сме ја ставиле економијата на здрави основи и кога се во прашање луѓето, тука нема дилеми – парите мора да ги насочиме кон потребите на граѓаните, а не кон фикции и лудории.

Иселувањето на младите продолжува. Неодамнешно истражување на „Мрежата за спречување на одлив на мозоци“, во која членуваат седум граѓански организации, посочува дека државата губи по 15.848 евра на годишно ниво за секој отселен млад човек. Неодамна од вашата партија го обвинија ВМРО-ДПМНЕ и нивните политики за време на 11 годишното владеење за тешката ситуација. Што сепак направи вашата Влада за да го спречи овој тренд?

-Станува збор за повеќедецениски проблем за кој активно работиме на негово решавање.

Мерките кои досега беа креирани и имплементирани навистина даваат резултат, а показател за тоа е намалувањето на стапката на невработеност кај младите лица којашто изнесува 35,3% споредено со 2016 кога беше 48,6%. До 2023 година, младинската невработеност ќе ја спуштиме под 20%.

Секое младо лице до 23 години кое е вработено или самовработено во компанија со претежно производствена дејност или како индивидуален земјоделец, преку центрите за вработување ќе добива месечен надоместок од 3.000 денари. Аплицирањето е едноставно со поднесување на барање во Центрите за вработување, а средствата се уплаќаат директно на сметка на корисникот.

Преку Оперативниот план вложуваме во обуки за напредни ИТ вештини и други обуки, пришто во 2019 година вкупно 3.704 лица успешно завршија обука. Станува збор за најразлични обуки, детектирани за потребите на пазарот на трудот: монтери, инсталатери, оператори за веб дизајн, изработувачи на мебел, оџачари, гастрономи, електромеханичари, автомеханичари, заварувачи, фризери, козметичари. Со ова, од една страна сакаме да обезбедиме подобро платени работни места за младите лица со завршено средно образование, од друга страна да одговориме на потребите на компаниите и барањата на пазарот на трудот.

На седница одржана на 14.01.2020 година, Собранието го изгласа Законот за младинско учество и младински политики.

За прв пат во нашата држава имаме закон кој ја дефинира категоријата млади во државата. Млади се сите луѓе на возраст од 15 до 29 години.

Собранието донесе закон кој ја гарантира вклученоста на младите во донесување одлуки. Во секоја општина ќе се формира Локален младински совет. До крајот на годината ќе се формираат 80 младински центри (во сите општини).

Блоковите В и Г во студентскиот дом „Гоце Делчев“ се реновирани и пуштени во употреба, со што најголемиот студентски дом во државата е целосно обновен. Со реновирањето, студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој има капацитет од 1.200 студенти станува и енергетски ефикасен.

Минатата година е потпишан договор за реновирање на седум студентски домови и тоа во Битола, Охрид, Штип Прилеп и во Скопје. Проектот вреден 25 милиони евра, почнува оваа година, а ќе се финализира 2024.

Воведуваме и субвенциониран оброк за сите редовни студенти кои се на додипломски студии на државните но и на приватните универзитети во нашата држава.

Субвенционираниот износ изнесува 2.400 денари месечно или 120 ден. дневно и ќе биде на товар на државниот буџет, а ќе се исплаќа на давателите на услуги кои што услужиле студент.

Ќе продолжиме да инвестираме во младите затоа што тие се наша иднина. Ќе работиме и на други теми поврзани со младите се со една цел, тие да останат тука и тука да ја градат својата кариера и својата иднина.

Дава ли надеж динамиката во економијата во последните две и пол години за да очекуваме 100.000 работни места, просечна плата од 600 евра и минимална плата од 300 евра во текот на следните 4 години, кои ги ветивте во новата економска програма на СДСМ? Опозицијата вели дека досега тоа што сте го ветиле, како 500 евра плата, 5% раст и помал долг, не сте го исполниле.

-Ако можевме за 2,5 години да отвориме 60.000 конкретни, јасно видливи работни места главно во реалниот сектор, знаеме и можеме за полн мандат од 4 години да отвориме 100.000 нови работни места.

Ако за скратен мандат од 2,5 години просечната плата успеавме да ја донесеме на 450 евра, знаеме и можеме до 2024 да ја донесеме на 600 евра или 36.000 денари.

Во исто време, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ветуваат зголемување на просечната плата за 25% за 4 години. Па, тоа што тие го ветуваат, ние СЕГА го остваруваме.

Од јуни 2017 до декември 2019 ја зголемивме просечната плата за над 4 илјади денари. Тоа е зголемување од околу 17,6% за две и пол години. Ако продолжи да се зголемува со исто темпо платата, ние ќе надминеме 25% за четири години. Мицкоски слободно може да гласа за СДСМ, неговите ветувања ние сега ги остваруваме.

А колку тие остварија? Колку ВМРО-ДПМНЕ ја зголеми платата за еден мандат?

Од јуни 2013 до јуни 2017 просечната плата е зголемена за точно 1.700 денари. За 4 години ја зголемија просечната плата за околу 8%, а сега ветуваат зголемување од 25%?

Па, граѓаните не се толку наивни. Граѓаните знаат кој се здолжуваше, а не ја зголемуваше платата и кој сега ја зголемува. Затоа ќе бидат казнети на 12 април, затоа што 11 години на власт не се грижеа да ги зголемуваат платите, а се задолжуваа со милијарди евра.

Како ги коментирате најавите на Мицкоски за економски и инфраструктурен бум и дека примарна задача по нивно доаѓање на власт ќе им бидат зголемувањето на пензиите и платите?

Нема поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ да зборува за зголемување на платите, за инвестирање во инфраструктурата.

Токму таа партија се противеше на раст на платите и пензиите, токму таа патртија преку криминално работење остави инфраструктурен пустош во државата и затoа несериозни се нивните ветувања за раст на економијата, на платите, за инвестиции во инфраструктурата.

Мицкоски е губитник, неуспешен политичар, тој не знае економија. Мицкоски и Груевски ја покачија цената на струјата, ја задолжија земјата, а парите ги украдоа и ги потрошија на стиропор фасади.

Мицкоски е најнеуспешниот директор на ЕЛЕМ, во нивно време, струјата поскапе 100%!.

Во нивно време домашното производство на електрична енергија падна за 25%, а увозот се покачи за 38%. Домаќинствата се исклучуваа од парно греење, а државата ги принудуваше да плаќаат паушал иако не ја користеа услугата. Ја укинавме евтината тарифа на струјата, и беа против враќање на евтината тарифа на струјата во 2017.

Најнеуспешниот директор на ЕЛЕМ (ЕСМ) не може да води успешна економска политика. Затоа нема да ја добијат довербата од граѓаните.

В.З.

Фото: Борче Поповски

Слични содржини