ИСИС чекаше точно 9 години за да му се одмазди на Путин: Еден потег на „царот“ во Сирија ја стави Русија на врвот на листата на терористите

од Симе Стоиков

Терористичкиот напад во Москва во петокот вечерта ја фрли Русија на колена додека тагува за невините жртви. Остатокот од светот стравува од нов бран напади, а одговорноста за масакрот ја презеде терористичката група ИСИС-К.

Најмалку 137 лица загинаа, а над 180 од нив беа ранети. Рускиот претседател Владимир Путин објави дека се уапсени 11 осомничени, а руските безбедносни служби се сомневаат дека терористите сакале да побегнат преку Украина.

Сепак, се чини дека мрачниот план на ИСИС да му се одмазди на Путин започна кога тој интервенираше во војната во Сирија и таму го зачува режимот на претседателот Башар ал Асад.

Сè ескалирало вечерта во петокот, на 22 март, во концертната сала „Крокус сити хол“ каде што требаше да настапи бендот „Пикник“.

Огранок на Исламска држава, милитантна група која некогаш контролираше делови од Ирак и Сирија, ја презеде одговорноста за терористичкиот напад во концертната сала во Москва.

Поконкретно, одговорноста за нападот ја презеде ИСИС-К, авганистанскиот огранок на Исламската држава. ИСИС-К значи Исламска држава Хорасан. Хорасан е стар термин за регион кој вклучува делови од Иран, Туркменистан и Авганистан.

Огранокот се појави во источен Авганистан кон крајот на 2014 година и има историја на напади внатре и надвор од Авганистан. Во септември 2022 година, нејзините милитанти ја презедоа одговорноста за смртоносниот напад врз руската амбасада во Кабул.

Новинската агенција на Исламската држава – Амак, по масакрот објави соопштение на Телеграм, во кое се наведува дека нејзини борци ги нападнале предградијата на Москва.

Во соопштението се вели дека тие убиле и раниле стотици, „предизвикувајќи големо уништување на местото пред безбедно да се повлечат во своите бази“.

Американската амбасада во Русија на 8 март предупреди дека „екстремистите“ имаат непосредни планови за напад на Москва, неколку часа откако руските безбедносни служби соопштија дека спречиле планирано пукање на ИСИС во синагога.

Експертите велат дека ИСИС-К со години му се спротивставува на рускиот претседател Владимир Путин.

„ИСИС-К беше насочена кон Русија во последните две години, често критикувајќи го Путин“, рече Колин Кларк од Центарот Суфан, независен центар за истражување надворешна политика.

Мајкл Кугелман од Центарот Вилсон со седиште во Вашингтон рече дека ИСИС-К „ја гледа Русија како соучесник во активностите кои редовно ги угнетуваат муслиманите“.

Тој додаде дека групата вклучува и голем број милитанти од Централна Азија кои имале свои поплаки против Москва.

Сепак, мотивот за нападот може да бидат настаните во Сирија, кога Путин го смени текот на сириската граѓанска војна, интервенирајќи во 2015 година, поддржувајќи го претседателот Башар ал Асад против опозицијата и Исламската држава.

Војната започна во 2011 година, откако продемократскиот бунт против авторитарното владеење на Ал Асад брзо прерасна во жестоки борби, при што Исламската држава зазеде големи делови од Сирија и Ирак до 2013 година.

Во својот врв, Исламската држава држеше околу една третина од Сирија и 40 отсто од Ирак, но до крајот на 2017 година изгуби 95 отсто од својата територија.

Исто така, постои кавкаски огранок на ИСИС, кој оперира главно во претежно муслиманскиот севернокавказски регион во Русија, во руските републики Чеченија, Дагестан, Ингушетија и Кабардино-Балкарија.

Пошироко гледано, Исламската држава долго време регрутира борци од Русија и други делови на поранешниот Советски Сојуз.

Слични содржини