Истражување: Повеќето Германци сметаат дека работата не се исплати поради бенефициите за невработеност

од Radmila Tasevska

Мнозинството Германци веруваат дека повеќе не вреди да се работи, со оглед на зголемената државна поддршка, покажува истражувањето на јавното мислење објавено денеска.

Според истражувањето на институтот ИНСА за дневниот весник „Билд“, 52 отсто од испитаниците сметаат дека работата не се исплати, 40 отсто го мислат спротивното, а осум отсто одбиле да одговорат на прашањето.

Во понеделникот, веста дека работник во магацин од Бад Ајнхаузен во западна Германија ја напуштил работата откако дознал за најновото зголемување на бенефициите за невработеност го привлече вниманието на јавноста.

Според последната одлука на Владата, оваа помош од 1 јануари 2024 година ќе се зголеми за 61 евро, со што ќе изнесува 563 евра месечно за самец. Треба да се додаде дека државата ги покрива сите трошоци за домување и здравствено осигурување за примателите на помош.

Магационерот кој даде отказ тврди дека со малку „прикриена работа“ и државна помош може да заработува повеќе месечно отколку на работа.

Весникот „Билд“ пресметал дека вработен кој работи за минимална саатница (моментално 13,90 евра) заработува околу 2.000 евра бруто и дека по одбитоците за данок, пензиско и здравствено осигурување и по плаќањето кирија и комуналии, му остануваат околу 600 евра, малку повеќе од бенефиции за невработеност.

Повеќето од оние кои мислат дека повеќе не вреди да се оди на работа се гласачите на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД). Гласачите на партиите на владејачката коалиција, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Зелените и Либерално-демократската партија (ФДП) сметаат дека работата се исплати.

Министерот за финансии Кристијан Линднер минатата недела рече дека бенефициите не треба да делуваат како дестимулација за оние кои сакаат да работат.

„Најдобар начин за излез од сиромаштијата е да се биде вработен“, рече Линднер.

Претседателот на најголемата опозициска партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц изјави дека оние што одат на работа на крајот на месецот мора да имаат повеќе во џебот од оние што добиваат државна помош.

Слични содржини