Избори на 21 март: Членовите на СДСМ ќе бираат претседател на партијата

од Nikola Popovski

Централниот одбор на СДСМ одлучи на 21 март оваа година да се одржат првите внатрепартиски непосредни избори за избор на претседател на партијата. Било заклучено дека процесот на ажурирање на членството тече одлично ширум републиката и дека се создадени сите услови за следната фаза, одржување на првите внатрепартиски избори.

„Ова е врв на внатрепартиската демократија и тоа во земјава за прв пак ќе го направи СДСМ.

Во оваа насока ЦО на СДСМ го утврди Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на СДСМ и воедно донесе одлука за формирање на Централна изборна комисија која ќе ги спроведе внатрепартиските избори.

За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку 5 години членство во СДСМ и најмалку еднаш да бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата (Претседател, Заменик претседател, член на Централниот одбор или член на Надзорниот одбор на партијата)“, објавија од партијата.

Во своето обраќање претседателот на СДСМ, Зоран Заев посочил дека процесот на непосредни внатрепартиски избори, ја става СДСМ во врвот на најмодерните партии на светско ниво.

„Горди сме што сме пример и што водиме напред во многу државни но и партиски процеси. СДСМ се менува, се демократизира, се подобрува, за подобро да им служи на граѓаните и да внесе нови демократски вредности во нашето општество. На овој начин ќе поттикнеме поголема демократија во државата, но и други партии во нашата држава да се демократизираат. Носиме нова, додадена вредност во плурализмот во Република Северна Македонија.” порачал претседателот Заев.

Генералниот секретар, Љупчо Николовски акцентирал дека СДСМ, како модерна, напредна и организирана партија е целосно подготвена за овој процес од сите можни аспекти.

„Веќе од утре Централната изборна комисија ќе започне да функционира, во сите 80 општини каде што СДСМ има општински организации ќе се формираат општински изборни комисии, ќе следуваат и Одбори на избирачките места и се што е потребно за овој процес кој за прв пат се организира кај нас. СДСМ е прогресивна, модерна, европска партија и овој процес ќе го направиме по највисоките демократски и организациски стандарди. Следуваат серија активности за кои граѓаните ќе бидат информирани,“ рекол генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски.

Слични содржини