Јаневски: Намалениот број бугарски, албански и косовски туристи ќе биде надополнет со зголемен број гости од Полска, Хрватска, Србија, Романија и Словенија

од Vladimir Zorba

Првичните исклучително позитивни бројки од првиот квартал, на македонскиот туризам му  остави широк простор за уште поамбициозни проекции за следниот период од годинава, па дури и надминување на резултатите од 2019 година.  Ќе има зголемен број туристи од Полска, Хрватска, Србија, Романија и Словенија, а со тоа ќе биде надминат “минусот’’ гости од Бугарија, Албанија и од Косово.

„Поради специфичните политички односи помеѓу двете земји ќе недостасуваат посетители од Бугарија, а ќе има и намалување на албанските и косовските туристи кои патуваат во други дестинации, бидејќи последните две години поради пандемијата максимално беа насочени кон нашите туристички места“, вели за „Локално“, директорот на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот во РСМ, Љупчо Јаневски.

Новите гости ќе го амортизираат „минусот“, а веќе се прави и стратегија за привлекување на кинеските туристи.

„Во рамките на Отворен Балкан се очекува поголем број на авионски линии од Кина со Белград и Тирана што индирекно ќе овозможи шанса за македонскиот туристички сектор и вклучување на нашата земја во кружните патувања на кинеските туристи на неколку денови“, посочува Јаневски.

Според него,  Агенцијата веќе побарала подршка од Владата во насока на побрзо аплицирање и добивање на виза за овие туристи.   Во меѓувреме, статистичките податоци се повеќе од оптимистични, а тие покажуваат дека  во првиот квартал на 2023 година туризмот во македонската економија влеал 93 милиони долари, а очекувањата се дека на годишно ниво оваа индустрија ќе регистрира промет од 530 милиони долари.

Ако се водиме од досегашните бројки за реализиран број на туристи, најавите за оваа сезона се оптимистични. Зголемувањето особено се однесува на странските туристи во првиот квартал од годината и тоа за 35,1%, што само по себе  поттикнува уште поамбициозни очекувања за претстојната летна сезона. Колкав број посети очекувате?

-Според стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2023 година кое е продолжување на предходните две се е насочено кон постигнување на резултатите од 2019 година, нивно надминување со целта од 3,3 милиони ноќевања. Очекувањата се  повеќе од 530 милиони долари промет од туристичката индустрија да се влејат во македонската економија. Туризмот како област е многу чуствителен на опкружувањето и голем број процеси влијаат дирекно или индирекно врз неговато планирање, успешност, раст и развој. Токму годинава туризмот во Македонија ќе биде исправен пред неколку предизвици, односно надополнување на бугарските туристи и ноќевања кои очигледно поради специфичните политички односи помеѓу двете земји ќе недостасуваат посетителите од Бугарија, намалувањето на минусот на албанските и косовските туристи кои патуваат во други дестинации бидејки последните две години поради пандемијата максимално беа насочени кон нашите дестинации. Поради овие три пазари, се мисли на албанскиот, косовскиот и бугарскиот враќањето на резултатите од 2019 година се очекува да биде во втората половина на 2023. Минусот од овие туристи ќе се амортизира со зголемениот број  на туристи од Полска, Хрватска, Србија, Романија, Словенија.

Сепак 2023 година треба да покаже дека отворањето на нови пазари, воспоставувањето на нови чартери и редовни линии, реализацијата на првиот дел на  медиумската кампањаод страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот веќе во првиот квартал од 2023 година создаваат позитивна клима и раст на холандските, турските, романските, англиските, српските туристи надополнети со други секундарни пазари, од кои се очекува раст од 20% до 30%. Овие резултати нема да беа возможни доколку сите заедно во македонскиот туристички сектор низ изминатите три години неуморно работевме, прилагодувајки се на новата реалност во туристичката индустрија после пандемијата и оперативните планирања кои се наметнати со руската агресија врз Украина. 

Покрај традиционалните гости од Европа, најава на туристи има и од прекуокеанските земји, Африка и Индија. Останува дилемата што треба да се стори за да се привлечат и кинеските туристи кои се особено бројни низ европските туристички центри?

 За азиските туристи Балканот преставува една туристичка дестинација посетувајки го со аранжмани од 14 до 21 ден на кружни патувања, во повеќе регионални земји. Во 2024 година според предвидувањата на Светската Туристичка Организација (UNWTO) Балканот ќе биде посетен од 350 до 400 илјади кинески туристи кои во земјите ќе генерираат помеѓу 4,9 -5,5 милиони ноќевања, кои сериозно ќе влијаат во просечниот престој на дестинациите и потрошените парични средтства. Во рамките на Отворениот Балкан се очекува поголем број на авионски линии од Народна Република Кина со Белград и Тирана што индирекно ќе овозможи шанса за македонскиот туристички сектор и вклучување на нашата земја во кружните патувања на кинеските туристи на неколку денови.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот преку информација до Владата ги презентираше придобивките од кинескиот туристички пазар и потребата од следење на позитивните практики од останатите регионални земји и Отворениот Балкан за побрзо аплицирање и добивање на виза, со што ќе се овозможи за 2024 година драстичен позитивен ефект во македонскиот туристички сектор и зголемен број на кинески туристи во нашата дестинација. Потребно е се поголем фокус на јужноамериканскиот пазар кој веќе има зголемен интерес за регионот од страна на бразилски и мексикански туроператори и првите групи кои ја посетуваат Македонија во 2023 година на кружни патувања. 

Колку просечно остануваат странските туристи во Македонија и дали се тоа семејства или пак мали групи?

Во оваа прилика би презентирал податоци од последните истражувања на Аналитикс и 68 комисија на Европа при Светската Туристичка Организација- UNWTO неодамна одржана во Софија за македонскиот туристички сектор. Во македонската туристичка индустрија се вработени помеѓу 30000 и 33000 лица во зависност од сезоналноста што преставува околу 5% од вкупниот број на вработени во македонската економија. Со намалување на сезоналноста и зголемувањето на просечниот престој кај странските и домашните туристи ќе се зголеми бројот на вработените на неодредено време во македонскиот туристички сектор, ќе се намалат сезоналните вработувања, просечна исполнетост на хотелските капацитети на годишно ниво над 45%, ќе ја зголеми просечната плата во секторот и ќе се успори миграцијата на работната сила во други држави. Оваа состојба се постигнува со долгорочна стратегија во туристичката индустрија, ново реархитектуирање на АППТ со создавање на дестинациски менаџмент организации-ДМО, вложување во човечкиот капитал,  стратегија доволно флексибилна за да одговори на се поистенчените вкусови на новите целни групи во светскиот туризам.

Зголемување на буџетските средства на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на ниво од 2020 година, и зголемување на нејзините ингеренции се нотирани како многу значајни од UNWTO, бидејки доколку не се случат ќе следи успорување на растот на нашата дестинација на среден рок. Континуирана дигитализација на секторот и создавање на Е-туризам платформа, формирање на туристичка инспекција  ќе овозможи  намалување на сивата зона во туризмот кај нас која изнесува 40-45%. Овие среднорочни планови треба да бидат јасен сигнал за странските и домашните инвеститори за нови вложувања кои ќе привлечат различни целни групи на туристи во Македонија.    

Дали според Вас треба да се зголеми процентот на субвенциите за туризмот и за колку?

 Субвенционирањето во туристичката индустрија треба да преставува мерка која на краток рок на неколку години ќе овозможи развој на оваа гранка, додека долготрајноста според мене преставува зависност и фокусирање на туроператорите само на субвенциите. Поради фактот дека моделот на субвенционирање на странските и домашни туроператори со неизменет модел трае повеќе од 12 години сметам дека истиот е застарен и неефикасен и без развојна компонента. Ова беше потврдено со анализата и резулататите од моделот за субвенционирање кои беа преставени пред стопанските комори, туристички асоцијации и Министерството за економија во 2019 година со предлог модел за субвенционирање кој требаше да поттикне поширока расправа и резултира со нов модел.

Со новата реалност во туризмот потребен е нов модел на субвенционирање фокусирам на развојна компонента, третирајки ја сезоналноста, типот на категоризираниот објект, аранжманот како и висината на субвенционирање која треба да биде пониска во сезона и повисока надвор од сезона. Ова ќе доведе до реална категоризација на сместувачките објекти како и продолжување на сезоната во туристичките места. Сметам дека во многу брз временски интервал заедно со Министерството за економија и Советот на АППТ ќе отпочнеме со анализи за нов модел на субвенционирање кој нема дополнително да го оптерети буџетот, но ќе создаде зголемен позитивен ефект во македонскиот туристички сектор. 

И покрај голем број најави, многу малку е направено во однос на бањскиот туризам, кој пак е многу развиен кај нашите соседи. Што треба да се направи во овој дел, и каде го гледате проблемот?

Најавите секогаш треба да ги оставиме на страна и да се фокусираме на реалните можности и точките за подобрувања кои треба да покажат во одредени закони во повеќе министерства каде се проблемите, доколку сакаме вложувања во развојот на бањскиот и медицинскиот туризам. Ова е долгорочен процес на градење на стручен медицински кадар, хотелски комплекси и привлекување на светски брендови кои ќе ја постават нашата дестинација на светската мапа на овој тип туристичка понуда. Пандемијата ја наметна уште повеќе потребата од ваков тип на туристичка понуда, а системскиот пристап во македонскиот туризам наметнува третирање на туризмот на уште повисоко ниво како во останатите регионални и европски земји.

 Колку изнесува приливот од туризмот и какви се проекциите на Агенцијата во оваа насока?

Планот во три чекори на АППТ за излез од пандемијата подготвен со Советот и координативното тело во туристичката индустрија и стратешките планови подготвени од тимот на Агенцијата во целост се покажаа како ефикасни и реални остварувајки ги своите цели. Растот на туризмот во Македонија не се случува стихијно туку во последните пет години планирано и мерливо. Доколку го компарираме учеството на туризмот во бруто домашниот производ – БДП во 2011 изнесувал 0,4%, 2018 2,4% додека во 2022 година изнесува 3,6%, достигнувајки 481 милион долари. Доколку ги споредиме првите квартали ( Q1) на приливот од туризмот 2018/2019/2020/2021/2022 година и покрај пандемијата која започна во 2020 година нема забележено пад, што не може да се случи ако изостанува планирање, мерливост и евалуација на стратешките планови во АППТ. 

За прв пат во првиот квартал на 2023 година туризмот во македонската економија влеал 93 милиони долари што е за 19% повеќе од 2022 година или 41% повеќе од 2019 година, што не охрабрува да констатираме дека сме на вистински пат да ги зацртаме целите за 2023 година и продолжиме кон целта за 2025 година кога треба да ја надминеме најуспешната 1988 година во македонскиот туризам со над 3,7 милиони ноќевања.  Мое мислење е дека туризмот во нашата земја потребно е да се третира на многу повисоко државно ниво следејки ги примерите од многу поуспешните дестинации кои имаат формирано министерство за култура и туризам кое ќе помогне во развојот и градење и третирање на оваа област како една од петте економски гранки на кои ќе се темели македонската економија во следните десет години.

Економска гранка која покажа дека е дијаметрално различна од перцепцијата на економијата која е во длабока криза за разлика од туризмот кој се врати уште појако после пандемијата во која скоро и да не постоеше. Иницијативата на Отворениот Балкан е уште една можност за туризмот создавајки дестинација доволно конкурентна во регионот и Европа за зголемен број на туристи и инвестиции, бидејки веќе немаме 2 милиони домашни туристи туку 12 милиони кои треба да ги мотивираме да не посетат. Можности кои треба во туризмот да се искористат и дојдено е времето кога „Каков туристички сектор ќе изградиме во таков туристички сектор ќе работиме и оставиме на генерациите после нас“. Време е за секојдневни индивидуални победи во македонскиот туристички сектор кои ќе ни овозможат да стигнеме до зацртаните цели и направат да се гордееме со резултатите.

К.В.С.

Слични содржини