Како изгледа животот на децата на Роман Абрамович?

од Vladimir Zorba

Роман Абрамович потврди дека го продава Челси, а нето приходите од продажбата на клубот ќе бидат проследени до новоформираната фондација за жртви од војната во Украина. Се шпекулира дека сумата за која рускиот богаташ го продава клубот треба да изнесува околу три милијарди фунти, но официјална потврда за тоа нема.

По неколкудневни медиумски написи и притисок од англиската јавност поради руската воена инвазија на Украина, сегашниот сопственик реши да го повлече потегот за кој се зборува веќе подолго време. Неговата изјава е објавена на официјалниот сајт на клубот, кој е актуелен освојувач на Лигата на шампионите и Светското клупско првенство.

Богатството на Абрамович се проценува на 12,5 милијарди долари. Целата приказна за Челси го изнесе на виделина животот на еден богат Русин, кој има седум деца.

Најстарата е 29-годишната Ана, која студирала филозофија на Универзитетот во Колумбија. Абрамович ја доби во бракот со Ирина, од која се разведе во 2007 година. Во брак поминаа 11 години, а Ирина му беше втора сопруга, а претходно три години беше во брак со Олга Лисава.

Ана се најде на насловните страници откако се вери на 18 години. Таа тогаш била сè уште средношколка, а наводно татко и бил бесен поради свршувачката со тогашното момче Николај Лазарев. Младата двојка никогаш не стигнала до олтарот бидејќи претходно раскинале. Прославата на нејзиниот осумнаесетти роденден е платена стотици илјади евра и таа моментално живее во Њујорк.

Две години помладиот Аркадиј, како и неговиот татко, е фудбалски навивач и често може да се види на „Стемфорд Бриџ“. Како и во другите традиционални руски семејства, Аркадиј е најверојатниот кандидат да ја продолжи работата на неговиот татко.

Но, Аркадиј исто така работи на создавање своја империја. Тој е основач и сопственик на ARA Capital, која, меѓу другото, поседува акции во „Газпром Нефт“. Тој наводно бил заинтересиран за купување на ЦСКА Москва.

Софија е една година помлада од Аркадиј, а позната е како дивото дете во семејството. Таа е многу активна на социјалните мрежи каде објавува фотографии од својот одмор на приватни јахти. Дипломирала менаџмент и маркетинг на Универзитетот Ројал Холовеј и повеќе била заинтересирана за луди забави и јавање отколку за нејзините студии.

Кога станува збор за нејзиниот 18-ти роденден, ангажиран е поп-бендот McBusted, а меѓу нејзините блиски пријатели се и децата на Дејвид и Викторија Бекам.

Откако започна руската инвазија на Украина, Софија јавно се спротивстави на тоа.
„Најголемата и најуспешната лага на Кремљ е дека повеќето Руси го поддржуваат Путин“, рече таа.

Дваесет годишната Арина е љубител и на јавањето, а доста успешна и со својот коњ „Прингл“. Наводно, нејзиниот татко дал мало богатство за коњот за неговата сакана да биде успешна на натпревар во 2013 година. Арина наводно сака да се пресели во Австралија и да се занимава со зоологија.

Илија е едвај полнолетен и најмалку познат на јавноста. Засега не се знае што ќе прави и дали ќе запише факултет.

Последните две деца на Абрамович се родени во Њујорк, се разбира – на Менхетен. Бракот со Ирина заврши поради убавата ќерка на руски богаташ – Даша Жукова. Арон (11) и Леа Лу (7) живеат со својата мајка во Њујорк откако таа и Абрамович се разведоа во 2017 година. Тие посетуваат приватни училишта, а по разводот Абрамович редовно патува во Америка за да ги види.

Кога е во Европа, тој комуницира со децата и поранешната сопруга преку видео разговори.

Слични содржини