Додека преминувањето низ каналот обично се наплатува по фиксна тарифа преку резервации, фирмите без резервиран термин можат да поминат така што ќе платат дополнителен надомест на аукција за слободни слотови, кои се доделуваат на највисокиот понудувач, наместо со денови да чекаат пред бреговите на Панама Сити.
Таа цена во изминатите недели нагло порасна откако Иран и САД создадоа тесно грло на клучната поморска рута – Ормускиот теснец, па побарувачката за тие термини експлодираше.
Бродовите сè почесто минуваат низ Панамскиот канал бидејќи пратките се пренасочуваат, а купувачите нарачуваат стока од други земји за да ја избегнат трговијата преку сега исклучително ризичниот Блиски Исток.
„Со сите бомбардирања, ракети, дронови… компаниите велат дека е побезбедно и поевтино да се помине низ Панамскиот канал“, вели Родриго Нориега, адвокат и аналитичар во Панама Сити.
Во меѓувреме, Нориега вели дека панамската влада го максимизира она што може да го заработи од Панамскиот канал.
Просечната цена за премин низ каналот се движи меѓу 300.000 и 400.000 долари, во зависност од пловилото. Претходно компаниите, за да дојдат побрзо на ред, плаќале дополнителни 250.000 до 300.000 долари. Во последните недели просечниот дополнителен трошок се искачи на околу 425.000 долари.
Рикаурте Васкез, администратор на каналот, изјави дека една друга компанија, чие име не го откри, платила дополнителни четири милиони долари кога нејзиниот танкер со гориво морал да го промени одредиштето поради актуелните геополитички тензии.
„Тоа беше брод што превезуваше гориво за Европа, па беше пренасочен кон Сингапур и мораше што побрзо да стигне бидејќи Сингапур останува без гориво“, изјави тој.
Други нафтени компании платиле и повеќе од три милиони долари над основната такса за премин, за да го забрзаат транзитот во услови на нагло зголемување на цените на нафтата.
Васкез нагласи дека бродовите не се натрупуваат чекајќи за премин низ каналот и дека високите износи повеќе може да се објаснат со нагли промени на рутите и поголемата итност пловилата што побрзо да стигнат од една до друга точка во услови на зголемен трговски хаос.
Тој истакна дека овие трошоци не се нова општа пазарна цена, туку привремена такса што ја сносат самите компании.
„Тие сами одлучуваат колку високо ќе одат со понудата“, рече Васкез.
Додека заработува повеќе пари од овој нов бран на сообраќај, панамската влада истовремено трпи и удари поради геополитичкото надмудрување.
Во средата тамошното Министерство за надворешни работи го обвини Иран дека незаконски запленил брод под панамско знаме, на италијанската компанија „MSC Francesca“, во Ормускиот теснец.
Панама, земја со една од најголемите бродски регистрации во светот, соопшти дека бродот бил „насилно преземен“ од страна на Иран. Не беше веднаш јасно дали пловилото сè уште се наоѓа во ирански притвор.
„Ова претставува сериозен напад врз безбедноста на море и непотребна ескалација во момент кога меѓународната заедница се залага Ормускиот теснец да остане отворен за меѓународна пловидба без закани или каква било присила“, се наведува во соопштението.
Нориега смета дека износите што компаниите ги плаќаат за премин низ Панамскиот канал би можеле дополнително да растат доколку конфликтот продолжи, со оглед на тоа што цените на нафтата веќе драматично растат. Цената на барел Брент нафта оваа недела накратко се искачи над 107 долари, во споредба со околу 66 долари по барел пред една година.
„Никој всушност не ги предвиде потенцијалните ефекти што војната ќе ги има врз глобалната трговија“, изјави Нориега.