Рускиот претседател Владимир Путин немаше несакани ефекти откако ја прими втората доза на вакцината против коронавирус и е во добра здравствена состојба, изјави денеска за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Путин рече дека кога ја примил првата доза на вакцината, почувствувал помала непријатност во левата рака неколку часа по имунизацијата, пренесе ТАСС.
Тој додал дека, пред спиење тој ден, ставил топломер на ноќната маса за секој случај.
– Не знам што ставил претседателот на ноќната маса, но имајќи предвид дека денес има прилично напорен работен ден, се осмелувам да кажам дека е во добра здравствена состојба, исто како и по првата доза – рече портпаролот на Кремљ, одговарајќи на прашање како се чувствува претседателот по приемот на втората доза на вакцина.
– Ни сега нема несакани ефекти – потенцира Песков.
Претседателот на Русија ја прими првата доза на вакцината на 23 март, додека вчера објави дека ја примил втората доза на вакцината против ковид-19.