Калајџиев за разрешувањето на Русковска: Политичка одлука, срам да им е на тие што гласале

од Nikola Popovski

Калајџиев: Немаше повреди за разрешување на Русковска, треба да разрешат членовите на Советот на ЈО

Срамота за ЈО, вака професорот Гордан Калајџиев за „Локално“ ја коментира денешната одлука на Советот за јавни обвинители за разрешување на  поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска од функцијата јавен обвините.

Според него, ова е политичка одлука. Калајџиев тврди дека немало повреди за разрешување.

-Срам да им е на тие што гласале. Нив треба да ги разрешат, кратко ни рече Калајџиев.

Русковска уште претходно го предложи професорот по кривично право, Калјаџиев за сведок, но Дисциплинската комисија не дозволила да го каже своето стручно мислење на обвинувањата против неа дека сторила повреди на кривичната постапка.

Русковска денеска не се појави на седницата на ЈО, но најави дека нема да се жали на одлуката туку ќе покрене постапка за пензионирање.

Вели дека ја очекувала ваквата одлука.

-Јас ја очекував одлуката на Советот на ЈО уште кога Дисциплинската комисија не го прифати како сведок професорот Калајџиев и очекував да донесат предлог за мое разрешување и апсолутно очекував Советот да ја потврди оваа одлука, рече сега веќе поранешната јавна обвинителка.

Кон крајот на минатата година, Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавен обвинител во вршење на јавнообвинителската функција при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија донесе решение со кои се поведува дисциплинска постапка против Русковска и двете обвинителки од тоа обвинителство Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

Судирот околу претресот во Управата за финансиска полиција резултираше со суспензија и дисциплински мерки за обвинителките. Директорот на Управата, Арафат Муареми, поднесе оставка од директорската функција.

На 18 јули минатата година, Обвинителството за организиран криминал, изврши претрес во Управата за финансиска полиција. Од Обвинителството тогаш посочија дека станувало збор за обемна документација и оти во истрагата биле опфатени повеќемина вработени во Управата. Русковска наредбата ја дала по пријава на група граѓани против директорот.

Таа тврдеше дека законот во овој случај не е прекршен, сомневања за незаконско работење на Финансовата полиција имало во анонимната пријава и оти обвинител и истражители мора да го применат најефикасниот начин на ненајавена „посета“ и запленување на доказен материјал, ако сакаат да имаат ефекти во истрагата. Доказ за неа дека претресот е законски, е потпишаната наредба за претрес, од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје.

Инаку Финансиската полиција е еден од двата клучни органи на откривање на финансиски криминал и корупција, покрај Секторот за организиран криминал во МВР.

Н.П.

Слични содржини