Камчев во притвор 30 дена – се сомничи дека перел пари со Груевски и Мијалков

од Vladimir Zorba

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамките на своите надлежности до Основниот кривичен суд – Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Јордан Камчев е едно од шестте осомничени лица за кои во октомври минатата година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка заради постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик“ – стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Екс премиерот и бегалец, Никола Груевски наводно незаконски си присвоил најмалку 1,3 милиони евра од донациите за ВМРО-ДПМНЕ додека бил претседател на партијата и потоа со тие пари си купувал плацеви на Водно. Според истрагата, на Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Мијалков и Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен. Новачевски е третоосомничен. Груевски во периодот од 2006 до 2012 година, дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари.

Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој наводно ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на таа фирма бил кумот Ристо Новачевски. Парите од донациите, прибавени со кривично дело „Затајување“, биле префрлани на сметката на фирмата-ќерка и потоа Новачевски со тие пари им плаќал на сопствениците на земјиштето за да се скрие изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000 метри квадратни, покажала истрагата.

Покрај четворицата споменати во незаконската игра со плацевите наводно учевствувале и мајката на Орце, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Слични содржини