Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски одбива да одговори дали ќе разрешат судии за кои ќе има докази дека делеле случаи на рака и го злоупотребиле електронскиот систем за распределба на предмети, информира АлсатМ.
Караџовски кусо објасни дека не сака да дава одговори на хипотетички прашања. Ќе чекал да стигне извештајот од Комисијата од Министерството за правда. Ќе го анализирале напишаното и евентуалните злоупотреби утврдени по проверките на АКМИС–от во Кривичниот, Апелацискиот и Врховниот суд, па дури потоа ќе одлучеле дали се надлежни да постапуваат.
„Прашањето ви е полно со хипотези и претпоставки, што ако. Значи немам, каков одговор да дадам на ова прашање. Доколку го достават извештајот како што велат, во рамки на нашите законски надлежности, ќе видиме што напишале и што можеме согласно нашите надлежности да преземеме“ – изјави Зоран Караџовски, Претседател на Судски совет
Судскиот совет на денешната седница избра претседатели на неколку судови и унапреди судии на повисоки судски нивоа. Нов претседател на тетовскиот суд е Хасан Асани. Тој по бодови беше четврт на списокот од шест кандидати. Нов шеф на штипска Апелација е Наке Георгиев, а претседател на основниот суд во Куманово, судијката Снежана Манев. Судскиот совет не успеа да избере судија Македонец во Врховниот суд. Немаше потребно мнозинство гласови од членовите од другите етнички заедници. Но, сепак имаше согласност апелацискиот судија Африм Фидани да биде унапреден и е нов член на Врховниот суд. Најголем интерес имаше за судии во Апелацискиот суд. Советот бираше двајца судии кривичари и двајца судии по граѓанско право. Во кривичниот оддел нов судија е Тања Милева, додека советот не даде зелено светло за ниту еден судија од заедниците кои се малцинство. Токму за место во Апелација за да работат на кривична материја, пријави имаше најмногу од скопска единица. Конкурираа судии кои изминатиот период го привлекоа вниманието на јавноста преку предметите на СЈО. Екс шефот на Кривичен, Владмир Панчевски, поранешната в.д. шефица Татјана Михајлова, судијката од „Диво насеље“, Верка Петковска, Александра Попстефанија за која СЈО бара да биде разрешена, како и судијката која овозможи влез на СЈО во УБК, Весна Димишкова. Иако беше со највисоки оценки, судијата Лазар Нанев кој е и претседател на комисијата која го проверува АКМИС–от во судовите, не доби поддршка да стане апелациски судија. Но, освен за избор на судии, пред Судскиот совет се и шест претставки за разрешување судии. Седницата е затворена за јавноста.