Карантин и за вакцинираните Израелци поради делта видот

од Stefanija Kuzmanovska

Израел денес ги овласти здравствените власти да го стават во карантин секој што ќе проценат дека бил изложен на делта видот на коронавирусот, дури и ако претходно биле вакцинирани или се опоравиле од болеста.

Одлуката уследи по вчерашното предупредување на израелскиот премиер Нафтали Бенет поради новата епидемија предизвикана од делта видот на вирусот и скок на бројот на дневни инфекции, пренесува „Ројтерс“.

Во обраќањето пред парламентот, израелскиот министер за здравство, Никан Хоровиќ, рече дека казната ќе им биде изречена на израелските граѓани или жителите кои патуваат во земјите кои се наоѓаат на „црната листа“, поради големиот ризик од ковид-19.

Според ажурираните директиви од Министерството за здравство, на вакцинираните или претходно заразените лица може да им се наложи да се изолираат до 14 дена, доколку надлежните органи проценат дека можеби биле во „близок контакт“ со лице заразено со опасниот вид на вирусот, јави „Танјуг“.

Околу 55 проценти од израелското население од вкупно 9,3 милиони граѓани ги прими двете дози на вакцината „Фајзер-Бионтек“, а ненадејниот пад на случаите поттикна укинување на повеќето економски ограничувања.

Минатиот месец, програмата за вакцинација беше проширена на адолесценти на возраст од 12 до 15 години, но одговорот во таа возрасна група беше низок.

Слични содржини