Ќе ги седне ли Законот за Јавно обвинителство на преговарачка маса Заев и Мицкоски пред изборите?

од Aleksandar Todeski
346 прегледи

Лидерот на владејачката СДСМ, Зоран Заев нема ништо против да се сретне со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а во врска со Законот за Јавно обвинителство, кој треба да биде донесен со дво-третинско мнозинство.

Законот е заглавен во партиските дебати помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а откако опозициската партија со низа барања одбива да даде глас за законот. По неколкумесечен молк, партиските разговори продолжија откако евроамбасадорот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји кажа дека треба да биде донесен Законот за евроинтеграциите на државата.

„Ако има реална потреба, би седнал да разговарам со Мицкоски, бидејќи е важно за државата. Се работи за системско решение кое е дво-третинско и сите имаат одговорност. Се надевам дека ако не пред, по изборите ќе го донесеме“, рече Заев.

Од опозициската партија пак, кажаа дека од понеделник ќе излезат со став за законското решение и дека во моментов нивниот тим на есперти го разгледува предлогот. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е дел од преговрачкиот тим на опозицијата, јасно го произнесе ставот на неговата партија дека трансферот на поранешниот специјални јавни обвинители во Обвинителството за организиран криминал и корупција е невозможен.

Од најголемата опозициска партија велат бараат парламентот да обрати поголемо внимание на овој предлог закон и сметаат дека не може да се постигне компромис до 12 февруари кога треба да се распушти Собранието поради предвремените парламентарни избори.

„Премногу е кратко времето. Експертската комисија на ВМРО-ДПМНЕ го разгледува предложеното законско решение, работиме на тоа во моментов. Со конкретни информации ќе излеземе откако целосно ќе го разгледаме предлогот. Како што ги следиме сите други законски решенија, го следиме и ова“, изјави вчера за Локално претседателот на комисијата за правни работи во ВМРО-ДПМНЕ Тони Менкиноски.

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска пак, смета дека неносењето на Законот е предизборен трик на опозицијата. Таа во интервју за Локално рече дека сепак треба да се разгледа уште еднаш предложеното законско решение.

„И тоа е дел од тие политички игри за блокада за нешто што и е битно на владата, јас така го толкувам. Можеби некој проценува и дека не би им одговарало, иако во меѓувреме се сменија многу ставови во врска со овој Закон, така да мислам дека во моментов по некои работи кои се случија и со СЈО, целиот концепт треба да го препрочитаме сите, да видиме што содржи, затоа што се соочивме со злоупотреба на моќта од претставници на институција во која сите многу верувавме. Мислам дека ако има политичка волја, може да се најде решение“ рече Поповска.

Законот, според претседателот на СДСМ, Зоран Заев ако не биде донесен од овој пратенички состав, треба да биде донесен веднаш по изборите на 12 април, со цел да се даде плус аргумент на членките на Еворпската Унија за позитивна одлука на Европскиот совет.

Слични содржини