Интервју со Поповска: ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да останат монопол, затоа блокираат една изборна единица

од Aleksandar Todeski

Фото: Борче Поповски

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ немаат аргументи зошто се против една изборна единица, отворени листи и еднаква родова застапеност, па затоа ги блокираат законите со илјадници амандмани. Овие 6.000 амандмани можеле да се стават во три до пет амандмани и побрзо да помине расправата, вели во интервју за Локално пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска. Според неа, може да се седне и да се разговара за одложено стапување на сила на законите, но тоа да се случи сега, кога се има волја и мнозинство за овие законски решенија. Изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека за овие законски решенија треба да се зборува по изборите не ја гледа како лицемерие, туку како став во кој повторно изостанува аргументација.

Поповска вели дека таа и лидерката на ДОМ, Маја Морачанин би гласале за укинување на лустрацијата, бидејќи беило очигледно дека таа се злоупотребува и едни неправди во едно време биле заменети со други неправди во друго време. За блокадата на Законот за Јавно обвинителство и Законот за одбрана, пратеничката истакнува дека се предизборни блокади со цел да не можат да се вбројат како успеси на владејчакото мнозинство.

По осумнаесет години поминати во собраниските клупи, пратеничката на ДОМ вели дека нема да се кандидира за нов мандат и оти дошло време да се повлече. Вели, првиот чекор бил барањето да не биде кандидирана за лидерската позиција во партијата, а собраниските клупи ги остава за како што рече, нови борци од партијата. За нејзиниот последен пратенички мандат вели дека бил најтрауматичен, најлош и најненормален мандат во сите 18 години минати во Собранието, со физички и психолошки повреди, говор на омраза, тензии и дисторзии.

Фото: Борче Поповски

Локално: Каде заглави амандманската расправа за една изборна единица, отворени листи и еднаква родова застапеност на листите?

Поповска: Заглави во желбата на две партии да го задржат монополот и да продолжат од позиција на монопол да диктираат услови на политичката сцена. Затоа ги блокираа законите со илјадници амандмани. Интересно е да се види на кој начин е тоа направено, на начин што 90% од амандманите се однесуваат на променети термини за важење на законите. Замислете, тргнал еден ист пратеник, почнува од 2030 година, а последна година за стапување на сила е 2080 година. Едно педесетина години ги реди во различни термини да може да заврши законот. Мислам дека тоа е подигрување со една сериозна институција како што е Собранието на Република Македонија и исто така, тоа е подигрување и со граѓаните затоа што тоа не е начин за сериозна дебата. Ако имаат аргументи зошто се против една изборна единица, зошто се плашат дека би изгубиле еден до двајца пратеници и што тоа би значело драматично во нивната моќ, од друга страна нека објаснат зошто се против отворени лсити на локални избори, нешто за што граѓаните со години се залагаат и зошто се против еднаков број на жени и мажи на листите, замислете, сега има 40% жени, а предлагаме, 50%, што тоа ним ќе им смени во моќта?

Бидејќи немаат аргументи со кои реално би можеле да ги оспорат овие измени кои се барање на целата демократска јавност во Македонија со години. Ние како ДОМ за ова се бориме 14 години, од 2006 година, кога излеговме сами на парламентарни избори, кога се формиравме и кога со освоени гласови за тројца пратеници, добивме само еден пратеник. Од тогаш сфативме што значи шест изборни единици и каков губиток тоа значи и од тогаш се залагаме за една изборна единица. Во меѓувреме многу политички субјекти и граѓани го разбраа значењето и гледаме дека на последното истражување на јавно мнение, 50% од граѓаните сметаат дека е потребно една изборна единица.

Со оглед на тоа што овие две партии, колегите немаат аргументи да кажат зошто се против, применуваат вакви необични техники на блокирање. Велиме ајде, нека се закаже седница на Комисијата за политички систем, нема проблем, ќе дискутираме, овие сите 6.000 амандмани очгиледно може да се групираат во три до пет амандмани, затоа што промената на терминот е работа на еден амандман. Сакаат да сменат, наместо еден, да важи друг термин, можби ќе се усогласиме. Сите тие 6.000 ако се групираат во три до пет амандмани, може полесно да се дебатира и да се затвори темата во некој логичен тек, можеби ќе се најдеме некаде.

Локално: Гледате ли лицемерие во изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој по средбата со тогаш премиерот Зоран Заев рече дека би разговарал за една изборна единица, но по изборите?

Поповска: Не, нема тука лицемерие, тоа е став, меѓутоа повторно изостанува аргументацијата зошто би бил против. И тоа е за разговор, датумот на важење, јас не спорам дека и тоа е за дискусија. Ајде да видиме зошто не сега и од кога да важи, меѓутоа да го договориме сега, кога очигледно има поддршка. Седумнаесет пратеници ги поднесовме законите, формирана е легитимна иницијатива од пратеници од различни партии и независни пратеници, а се придружија и други колеги, а имаме и поддршка конкретно од 65 пратеници, така и законот помина во скратена постапка во парламентот. И сега, при една состојба на очигледно обезбедено мнозинство, СДСМ си достоја на зборот и го поддржува законот. Зошто од две партии се блокира, ајде да седнеме да разговараме.

Локално: Разговаравте ли со вашите колеги од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ за тоа што ги кочи партиите во моментов и зошто блокада со толкав број на амандмани?

Поповска: Разговаравме, побаравме и разговори со претседателите, но не нѐ удостоија со разговор на тоа ниво, меѓутоа со колегите пратеници сме разговарале. Не гледам некои јасни образложенија, не разговараат со задоволство на оваа тема.

Фото: Борче Поповски

Локално: Вашиот коалиционен партнер СДСМ поднесе Закон за укинување на лустрацијата. Како вие и вашата лидерка како пратенички од ДОМ гледате на овој Закон и дали би гласале за укинување на лустрацијата?

Поповска: Да, би гласале заота што процесот на лустрација се спроведе на начин на кој што многу луѓе очигледно беа оштетени и процедурата очигледно не се спроведуваше целосно според Законот. За тоа имаше одредени сознанија и од незаконски сниментие разговори, но имаше и сознанија во текот на самото спроведување на Законот, бевме сведоци на некои навистина бизарни одлуки, да речеме во поглед на писателот Славко Јаневски и слично. Се отиде во лустрација на починати лица и тоа навистина се претвори во негација на идејата дека тоа ќе биде процес на исправање на историски неправди. Лустрацијата инаку како Закон ја гласавме сите, тоа беше со консензус изгласано. Сите бевме „за“ да се исправат неправдите од еден еднопартиски систем каде што немало демократичност и многу човечки животи биле злоупотребени и апсолутно беше потребен. Најголем дел од земјите кои излегле од социјалистички систем го имаат тоа направено, меѓутоа дали затоа што ние предоцна тоа го направивме и уште повеќе поради тоа што несоодветно се направи, тој процес од желба за правда се претвори во неправда кон многумина и затоа сметам дека треба да се поништи. Не ја спорам потребата од лустрација, но го спорам начинот на кој таа се спроведе, беше очигледно дека се злоупотребува и практично едни неправди во едно време беа заменети со други неправди во друго време.

Локално: Каде ја гледате вината за ненавременото носење на реформските закони, конкретно зборувам за Законот за одбрана кој што е тука во Собранието и чека само гласови од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која упорно не сака да ги даде тие гласови?

Поповска: Сега истекуваат последните денови од овој мандат и ова е време во кое се играат многу политички игри. Јас го гледам како дел од политичките игри за блокирање на владејачкото мнозинство да донесе што помалку закони кои ги смета за потребни и да не може да ги вброи во постигнати резултати. Јас така го гледам тоа на едноставен начин затоа што и целото тоа и со техничката влада што се прави, како што гледаме сите, станува многу невкусно и мислам дека треба сериозно да размислиме да престане веќе оваа пракса. Вторпат се случува ова, се избира техничка влада. И двата пати се покажа дека во тој меѓу период практично не функционира државата, туку се користи за чисто политички цели и мислам дека треба да се размисли да престане ваков избор на техничка влада зошто не само што не се обезбедува добри услови за подготовка за избори, туку се создаваат полоши услови. Сѐ се претвора во меѓусебно обвинување на сите тие министри, заменици и дополнителни министри и е штетно. Следниве три месеци уште попроблематично ќе фунцкионираат институции кои се важни за обезбедување нормални услови за фер и демократски избори.

Локално: Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји вчера порача дека треба да се донесе Законот за Јавно обвинителство и дека треба да се имплементира целосно договорот од Преспа. Гледате ли можност да не продолжи имплементацијата на договорот од Преспа доколку се смени власта?

Поповска: Во моментот немаме маневрски простор како држава, како Македонија и ќе треба да велеземе во некои меѓународни структури и да станеме еднакви, да станеме дел од елитниот клуб за да можеме да се повикаме на едкави права како и другите членки на тој елитен клуб. За жал до тогаш ќе бидеме во една неудобна и потчинета ситуација во која што сме сега.

Локално: Зошто мислите дека се уште не е донесен Законот за Јавно обвинителство?

Поповска: И тоа е дел од тие политички игри за блокада за нешто што и е битно на владата, јас така го толкувам. Можеби некој проценува и дека не би им одговарало, иако во меѓувреме се сменија многу ставови во врска со овој Закон, така да мислам дека во моментов по некои работи кои се случија и со СЈО, целиот концепт треба да го препрочитаме сите, да видиме што содржи, затоа што се соочивме со злоупотреба на моќта од претставници на институција во која сите многу верувавме. Мислам дека ако има политичка волја, може да се најде решение.

Фото: Борче Поповски

Локално: Дали вие и лидерката на ДОМ, Маја Морачанин почнавте разговори со некоја од поголемите политички партии за идни коалиции бидејќи е веќе извесно дека измените во Изборниот законик за една изборна единица нема да се донесат?

Поповска: Не сме почнале, ние едноставно работиме на своја програма. Пред секои избори ние како ДОМ секогаш имаме своја програма и кога сме настапувале самостојно и кога настапуваме во коалиција. Ние сме субјект со своја програма, свој профил идеолошки, зелен. На тоа сме фокусирани и на промоција на резултатите и на заложбите за кои се залагаме.

Локално: Вие сте еден од пратениците со најголем стаж во Собранието. За неки овој пратенички состав донесе големи и крупни промени, а според некои ова е најлош пратенички состав. Како гледате на работата на овој парламентарен состав?

Поповска: Јас не би зборувала за стоставот, би зборувала за мандатот. Ова е за мене најлош, најтрауматичен и најненормален пратенички мандат откако сум јас пратеничка, од 2002 година, значи 18 години сум веќе тука. Имаше многу трауматични моменти, многу дисторзии, многу тензии меѓу пратеничките групи, многу повреди и психолошки и физички. Многу навреди, многу говор на омраза и севкупно собрано, ова според мене е најлошиот мандат и најлошото издание на Парламентот што некогаш го имал и ќе остане во најлошо помнење. Многу големи трауми се случија, ќе остане како црна флека во мојата меморија и мислам и во меморијата на многу граѓани.

Локално: Во вашето полнолетство во Собранието, ќе барате ли уште еден пратенички мандат, односно дали повторно ќе ве видиме на листите?

Поповска: Доволно е, за секоја работа треба да знаеш кога треба да престанеш. Затоа неслучајно уште минатата година јас не дозволив да бидам кандидирана како претседател на ДОМ. Сметам дека три мандати беа доволно. Оставив да го довршам овој пратенички мандат за да имам една убава, блага транзиција и сум задоволна што токму во тоа успејавме. Оваа една година сме заедно тука со новата претседателка Маја и до следниот мандат што ќе биде за некои други колеги внесовме редица закони кои ги сметавме дека се битни за животната средина. Идниот мандат некои нови борци ќе ја продолжат оваа борба.

Александар Тодески

Слични содржини