Келтите за Аристотел биле „највоинствениот народ“. А дека биле токму такви, потврдуваат и археолошките наоди. Индоевропско семејството – Келти, кое верувало во многу богови, принесувало човечки жртви и не јадело зајци, гуски и пилиња, било присутно и во областа Македонија. Тие навлегле во областа Македонија сè до Делфи, но не се насилиле, туку оттаму се разделиле: едни продолжувајќи во Мала Азија, а други се вратиле кон реките Сава и Дунав.
Изворите ги потенцираат страшните последици од келтската наезда во областите низ кои поминале и фактот дека за долго време оставиле пустош за себе, страв и трауми кај локалното население.
– Токму таква е сликата што ни ја нудат досега откриените археолошки наоди од тоа време по долината на Вардар, вели професорот Драги Митревски во неговиот труд за Келтите.
Замира животот по Вардарска долина
Според професорот Митревски, досега откриените археолошки наоди зборуваат за големата криза и депопулација долж главните комуникации, посебно по Вардарската долина во време на келтската инвазијата кон југ, околу 279 година пред Христа, и посебно после тоа.
– Тие продори имале неспорно пљачкашки карактер, биле рушителски, дури фатални за натамошниот развиток на локалната култура во државата, особено по долината на Вардар, вели тој.
Археолошките наоди говорат дека, речиси сите повеќеслојни населби по долината на Вардар, оние со подолг и континуиран живот низ претходните периоди замираат во исто време некаде во првите децении на третиот век пред новата ера.
– Најголемиот број од нив никогаш повеќе не биле обновени. Таква е ситуацијата со познатите долновардарските праисториски населби- телови (Кастанас, Вардарофца, Вардино), како и со населбите од другата страна на денешната граница во Валандовско-Гевгелискиот регион (Исар – Марвинци, Глос – Грчиште и Вардарски Рид Гевгелија). Во исто време, по Горен Вардар замираат сите утврдени населби околу Скопската Котлина (Градиште-Нерези, Градиште – Бразда, Градиште – Бучинци, Исар – Студеничани, Кале – Варвара и др.), кои имале богат и интензивен живот во текот на петтиот и четвртиот век пред Христа. На сето ова треба да се додаде и истата судбина на големиот класичен центар во Демир Капија (античко Стенае), објаснува археологот.
Дали причината за готово едновременото замирање на животот во овие населби бил продорот на Бреновите Келти, може само да се претпостави. Иако елементи од келтска култура на нив не се откриени, сепак, ситуација со скопските утврдувања сериозно упатува на тоа, забележува професорот Митревски.
Не е откриена дарданска култура
Тој потенцира дека, долго време се сметало оти крајот на животот на овие рано-антички населби треба да се поврзе со продорите на Дарданците и нивно населување во Скопско, кон почетокот на третиот век.
– Но, не само што не е откриена дарданска култура од тоа време во Скопската котлина, туку засега немаме никакви археолошки наоди, како од трети така и од втори век пред Христа. Слична е ситуацијата и со останатите, покомуникативни области на исток од Вардар. Едноставно, по главните комуникации кон југ, пред сè по Долината на Вардар, но и по Пчиња, Бреганица и Лакавица, третиот век пред Христа археолошки како да го нема, вели проф. д-р Митревски.
Тој претпоставува дека во Скопско, Дарданците можеле да навлегуваат, но само во евентуални пљачкашки походи за набавка на робови и собирање на тоа што останало после поминувањето на Келтите. Според пишаните извори, таа земја била за долго испустена.
– Од друга страна, Дарданците во тоа време биле организирана сила каде поединци поседувале по илјадници робови и кои, при враќањето на Келтите низ дарданската земја кон север, токму тие им го задала решавачкиот удар. Во секој случај, од продорот на Келтите во 297 година до основањето на римско Скупи, во Скопската котлина како да немало поорганизиран живот, забележува археологот.
После келтските рушења и комплетно уништување на дотогашното високо економско и културно живеење, Скопската област била непогодна територија за постојани населби и во неа не може да се смета на евентуално дардански населувања.
– Досега не се откриени остатоци од живеење во населби во Скопско од периодот на трети и втори век пред Христа. Единствените археолошки наоди блиски до тоа време се наодите на поедини доцнолатенски садови од Градиште – Средно Нерези. Два груби лонци украсени со врежани и чешлести орнаменти како и еден фин, сиво печен сад со т.н. „с“ профилација се откриени на едно место, вкопани во рушевинскиот слој од веќе два века срушената раноантичка населба на Градиште. Садовите заедно со една денес изгубена фибула, претставуваат наоди типични за подоцнежните келтски, поточно, скордиско-дачки упади во земјава, објаснува професорот.
Археолошки наоди
Неспорната криза и депопулација на Скопскиот регион,според професорот, не се доволни да го документираат и илустрираат продорот на Келтите низ државата, на нивниот пат кон Делфи. Сепак, како што вели, сликата значително ја дополнуваат поедини наоди од археолошките истражувања по Долен Вардар или во Валандовско-Гевгелискиот регион.
– Во последните децении таму се истражувани три предримски населби (Исар Марвинци, Глоска Чука – Грчиште и Вардарски Рид-Гевгелија). Сите тие се повеќеслојни со континуирана употреба низ целиот прв милениум пред Христа. Во вековите пред римската доминација имаат градски карактер, така што за населбата на Исар – Марвинци, се смета дека е историскиот Добер, според едни или Идомене според други автори, а за Вардарски Рид е изнесено мислењето дека е македонската Гортинија. Помеѓу овие два локалитети, на самиот лев брег на Вардар се наоѓа последно истражуваната населба на Глоска Чука во село Грчиште. На сите локалитети јасно се издвојува живеењето во т.н. класична населба од петти и четврти век пред Христа, од следната помлада населба што егзистирала од втората половина на трети низ втори до први век пред Христа. Крајот на „класичното“ живеење секаде е одбележан со насилни рушења, некаде во текот на првите децении од 3 век пред Христа, вели професорот Митревски.
Над таквите рушевини, по извесно време била подигната нова населба од нов тип, со сосема нова урбанизација, нови градежни техники и нова материјална култура.
– Ова е најевидентно на Вардарски Рид во Гевгелија, вели тој.
Вардарски рид
Вардарски Рид, бил во континуирана употреба од крајот на Бронзеното доба до почетокот на Римско време. Во неговата стратиграфија се издвојуваат шест последователни населби, од кои последната била во употреба до први век пред Христа. Предпоследната или петта населба егзистирала низ петти и четврти век пред Христа, низ три градежни фази или обнови.
– Била економски моќна населба со репрезентативни јавни градби и богата материјална култура. Централен и најрепрезентативен објект била големата градска Стоа со две градежни фази или обнови. Постарата фаза била во употреба во четврти век документирана со монети на Филип Втори и Александар Трети откриени на подовите во поедини простории. Некаде во првите децении на трети век објектот бил изненадно и насилно срушен. Сите истражувања покажуваат спалени остатоци од петтата населба од петти и четврти век пред Христа, кои формираат дебел слој пепел и гар, вели професорот.
Според него, наодите јасно го определува карактерот на настаните што ја срушиле петтата населба на Вардарски Рид и ги датира токму во времето на Келтската поход на Делфи.
За опаѓањето на моќта, улогата и значењето на Вардарски Рид, значајна улога имале повторно келтските продори, поточно Скордиските.
Во таа смисла најилустративен пример е куќата од втори век пред Христа, откриена на Источната Тераса и веќе позната како „Куќа на колекционерот“.
– Именувана е така поради откриените различните предмети што се карактеристични за различни периоди од седми- втори век пред Христа. Сите тие се со посебни естетски вредности и се чувале на посебен начин во централната просторија на куќата. Некаде во тоа време куќата била изненадно срушена. Сопствениците, а ни рушителите не стигнале да ги извадат драгоцените предмети од главната просторија. Врз целиот инвентар, во изворна положба била падната кровната конструкција и делови ѕидовите. Набрзо потоа, директно врз рушевинските остатоци биле извршени одредени преградби и обнова. Со тоа објектот доби сосема друг карактер, поврзан со нов инвентар, во кој се откриваат доста војнички елементи и тоа поврзано со латенската култура, објаснува професорот.
Најголема опасност келтските продори
По Александровиот поход на исток, античка Македонија била крајно податлива и привлечна за пљачкашки притисоци од надвор. Најголемата опасност во таа смисла биле секако келтските продори.
– Многу остави на тешки сребрени монети од тоа време биле криени пред келтската опасност, а многу од нив останале за секогаш закопани бидејки сопствениците не успеале да се вратат по нив, вели професорот Митревски.
Според него, бројни настани во текот на последните три века од првиот милениум пред Христа, се поврзани со одредено келтско присуство во областа Македонијa.
– Иако тие настани значително влијаеле врз историскиот и културен развиток на областа Македонија, сепак во науката не им е посветено посериозно внимание, соодветно на нивното значење, улогата. Во оваа смисла, археологијата не нуди многу податоци за тие настани, вели професорот.
Воени судири, во областа Македонија траеле подолго и со тоа оставиле и повеќе археолошки остатоци.
– Поради тоа тие настани веќе мораме да го третираме како посебна и мошне значајна страница во културно-историскиот развиток на земјава, заклучува професорот.
Ирена Радовановиќ МИА