Киев преговара со западни компании за производство на оружје во Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Украинскиот заменик министер за стратешка индустрија Сергеј Бојев изјави дека Киев е во преговори со западни компании за производство на оружје на украинска територија и дека украинските власти би можеле да потпишат договори со производителите во наредните месеци.

Според украинскиот претставник, во тек се преговори со производители од Германија, Италија и Франција за компаниите да започнат со производство во самата Украина.

„Со нив сме во многу детални разговори. И сигурни сме дека ќе ги потпишеме договорите во следните неколку месеци“, изјави Бојев за „Ројтерс“ на маргините на аеромитингот во Париз.

Тој изјави дека конкретно разговарал со производители на дронови, од големи меѓународни компании до мали добавувачи.

„Станува збор за различни нивоа на соработка, а некои од компаниите велат дека се подготвени да дојдат да инвестираат и да произведуваат дронови“, рече Бојев.

Тој додаде дека за одвраќање на агресијата во иднина ќе биде потребна силна одбранбена индустрија во Украина и силни украински вооружени сили.

„Затоа сметаме дека доаѓањето на меѓународните партнери во Украина, воспоставувањето производство и вклучувањето на Украина во безбедносната рамка на слободниот свет е од суштинско значење“, рече Бојев.

Слични содржини