Кина ѝ се закани на Европа поради новиот закон: „Ќе преземеме противмерки“

Кина ја предупреди Европската Унија дека ќе преземе „противмерки“ доколку нејзините компании бидат оштетени од новиот европски закон, чија цел е да се зајакне индустријата на Унијата во однос на поевтиниот увоз

од Кристијан Димков
26 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/CNA

Станува збор за еден од најсериозните обиди на Брисел да се спротивстави на кинескиот високотехнолошки увоз, кој сè почесто се перципира како закана за клучните европски сектори, како што е автомобилската индустрија. ЕУ притоа постави амбициозна цел – да го зголеми уделот на производството во БДП на 20 проценти до 2035 година, во однос на минатогодишните 14,3 проценти, пишува ФТ.

Овој закон доаѓа во чувствителен момент за глобалната трговија: САД и Кина преговараат за продолжување на кревкото примирје во трговската војна, поради што Пекинг настојува да ги одржи отворени комуникациските канали со Европа, пазар кој му е исклучително важен за извозот.

Кинеското министерство за трговија во понеделникот порача дека предложениот закон, познат како „Закон за индустриско забрзување“, би довел до тоа кинеските инвеститори да „трпат дискриминација, што е во спротивност со темелните начела на пазарната економија, како што се слободата на работењето и чесната пазарна конкуренција“.

Додаваат и дека законот „се противи на важниот консензус на кинеските и европските лидери за правилно управување со несогласувањата и разликите, и сериозно ги нарушува очекувањата на кинеските претпријатија за инвестирање во Европа“.

Пекинг нагласува дека е „подготвен да води дијалог и комуникација со европската страна за ова прашање“, но предупредува: „Ако ЕУ ги игнорира кинеските предлози… Кина нема да има друг избор освен да преземе противмерки“. За какви точно мерки станува збор, не е прецизирано.

Во Брисел овој закон се гледа како одговор на долгогодишната практика во Кина, каде што странските компании често мораа да влегуваат во инвестиции со домашни партнери и притоа да ја споделуваат својата технологија. Како што кинеските производители постепено овладуваа со тие технологии и почнаа да произведуваат стоки со поголема додадена вредност, европските конкуренти сè погласно предупредуваат дека веќе не можат рамноправно да им конкурираат.

Според проценките на ОЕЦД, кинеските производители добиваат три до девет пати поголеми субвенции од оние што им се достапни на нивните конкуренти во развиените економии.

Трговските партнери ја обвинуваат Кина дека со прекумерно субвенционирање на производството создава рекордни трговски суфицити и ги преплавува странските пазари со стоки, што доведува до деиндустријализација на локалните економии.

Пекинг ги отфрла тие обвинувања, тврдејќи дека нема проблем со вишокот на производствени капацитети и настојува да се прикаже како столб на глобализацијата, особено во моментот кога САД воведуваат царини, а ЕУ ја засилува заштитата на своите сектори од, како што се тврди, нечесната конкуренција.

Според предлогот, ЕУ би вовела ограничувања за странските инвестиции поголеми од 100 милиони евра од земји кои држат повеќе од 40 проценти од глобалното производство во стратешки сектори како што се батериите, соларните панели и нуклеарната енергија.

Таквите инвестиции би морале да задоволат строги услови:

– најмалку 50 проценти од работната сила би морала да доаѓа од ЕУ;

– локалните компании би морале да учествуваат во производството;

– инвеститорите би морале да го споделуваат технолошкото знаење со европските партнери.

Пред законот да стапи на сила, за него сè уште мора да преговараат државите членки и Европскиот парламент.

Кинеското министерство за трговија тврди и дека предлогот крши низа начела на Светската трговска организација (СТО), како и меѓународните договори за интелектуална сопственост и субвенции. „Тоа ќе ја забави зелената транзиција на ЕУ, ќе ја наруши чесната пазарна конкуренција на европскиот пазар и ќе донесе нови шокови за мултилатералните трговски правила“, порачуваат од Пекинг.

Кина притоа го повикува Брисел да ги отстрани „дискриминаторските барања кон странските инвеститори, обврските за локална содржина, присилниот пренос на правата од интелектуална сопственост и технологија, рестриктивните политики за јавни набавки и другите спорни одредби“.