Кина ќе го прикажува целото филмско творештво на Милчо Манчевски

од Nikola Popovski
20 прегледи

Државниот Филмски архив на Кина обезбеди прикажување на сите филмови на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Филмскиот архив, кој е и единствениот дистрибутер на странски авторски филмови во Кина, низ земјата ќе ги прикажува „Пред дождот”, „Прашина”, „Сенки”, „Мајки”, „Бикини Мун”, „Врба”, „Кајмак” и краткометражните „Четврток” и „Крајот на времето”.

Во 2017, Манчевски беше првиот македонски уметник со сеопфатно претставување во Азија воопшто. Три големи институции во Шангај одвоено го поканија да гостува пред кинеската публика. На јубилејното 20. издание на фестивалот во Шангај во 2017 имаше ретроспектива на филмовите на Манчевски, а тој беше и во жирито за главната награда на фестивалот. Потоа одржа и мастерклас при Универзитетот во Шангај, а имаше изложба фотографии и се промовираше негова книга со фотографии и есеи што е издадена во Кина. Беше поканет и да предава на државната филмска академија во Пекинг.

Филмовите на Манчевски се многу популарни во Кина и се предаваат на универзитетите во Пекинг, Шангај и Чонкинг, а со „Пред дождот” студентите учат за филмска структура.

„Пред дождот” беше прв македонски филм прикажан во Кина, наиде на голем успех и има култен статус. Неколку кинески режисери – како Лу Је и Шу Хаолун – го цитираат како еден од клучните филмови во нивниот развој. Менаџерот на Шангајскиот фестивал Мао Лијун вели дека филмската академија го предава „Пред дождот” „како библија во филмската нарација во три чина”.

„Една вечер ме однесоа низ сокачиња преполни со луѓе, по скали, па во еден стан, низ една соба, па во собата назад, каде што имаше еден огромен постер на стар француски филм, цела библиотека книги и врамени слики на ѕидот: Бергман, Орсон Велс, Тарковски, Жан-Лик Годар, Трифо… Се вика Кафе-кино ‘Шаброл’, во стан, каде собира само 15 луѓе. Секоја вечер си пуштаат филмови и ги дискутираат. И една од врамените слики на ѕидот, среде Шангај, до Трифо, Вуди Ален и Кишловски, беше турскиот постер на ‘Пред дождот’,” рече Манчевски по ретроспективата во Шангај во 2017.

Во 2019 Манчевски беше и во жирито на Интернационалниот филмски фестивал во Хаинан, заедно со француската филмска ѕвезда Изабел Ипер и култниот американски режисер Абел Ферара.

Слични содржини