Кина спроведува воена вежба со боева муниција околу Тајван

од Stefanija Kuzmanovska

Кина изведува воена вежба со боева муниција во Тајванскиот теснец, како дел од тридневната воена акција на „тотално опкружување“ на островот организирана во знак на протест против средбата меѓу претседателката на Тајван и претседателот на долниот дом на американскиот Конгрес.

Во текот на викендот, борбени авиони и воени бродови симулираа таргетирање на островот како дел од воената вежба наречена „Единствен меч“, која Тајван ја осуди.

САД го повикаа Пекинг да покаже воздржаност.

Целта на вежбите е да се симулира целосно опкружување на островот од 23 милиони жители.

Кина испрати авиони, бродови и војници во поморскиот и воздушниот простор околу островот, соопшти кинеската војска.

Кина денеска соопшти дека мобилизирала борбени авиони „кои носат боева муниција“ за да извршат симулирани напади во близина на Тајван и дека е распореден носачот на авиони Шандонг.

„Повеќе групи борбени авиони H-6k кои носеа боева муниција извршија неколку бранови симулирани напади врз важни цели на островот Тајван, објави кинеската државна телевизија.

Источната команда на војската соопшти дека во вежбите учествувал и носачот на авиони Шандонг.

Вежбите беа организирани по состанокот меѓу тајванската претседателка Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на САД Кевин Мекарти во средата во Калифорнија, на кој Пекинг рече дека ќе одговори со „цврсти и енергични“ мерки.

Од граѓанската војна во 1949 година, Тајван сака независност од Кина, која го смета за дел од својата територија и ја осудува секоја форма на политичка комуникација со владата на островот. Кина тврди дека ќе го сочува Тајван под своја контрола, „макар и со сила“.

Пекинг смета дека контактите меѓу странските претставници и демократската влада на островот ги охрабруваат Тајванците кои сакаат формална независност, што Кина не сака да го дозволи по цена на војна.

Тајванската претседателка Цаи Инг-вен во саботата го осуди авторитарниот експанзионизам на Кина и вети дека ќе продолжи да работи со САД и другите земји за одбрана на вредностите на слободата и демократијата.

Тајванското министерство за одбрана вчера објави дека утврдило дека околу островот се наоѓаат 11 кинески воени бродови и 70 авиони, а истото беше наведено и во саботата.

Претходниот пат Кина одржа воени вежби околу островот во август минатата година, како одговор на посетата на тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на островот.

Слични содржини