Кличко: Украина би можела да биде присилена да се откаже од делови од територијата, никогаш нема да ја признаеме руската окупација

од Milan1
46 прегледи

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави за Би-би-си дека Украина може да биде принудена да се откаже од делови од својата територија како дел од мировниот договор со Русија, поради, како што е наведено, зголемениот притисок од американскиот претседател, Доналд Трамп, да се прифатат територијални отстапки.

-Едно од сценаријата е… да се откаже од територијата. Тоа не е фер. Но, за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено, рече Кличко.

Меѓутоа, овој поранешен боксер нагласи дека украинскиот народ „никогаш нема да ја прифати руската окупација“.

Неговите зборови дојдоа само неколку часа по рускиот ракетен и беспилотен напад врз Киев во кој загинаа 12 лица, а повеќе од 90 беа повредени, во она што медиумите го оценија како еден од најсмртоносните напади на руските сили врз украинската престолнина во последните месеци.

Зборувајќи за Би-Би-Си од својата канцеларија во центарот на Киев, Кличко истакна дека е „одговорен за главниот град на Украина“, кој го опиша како „срцето“ на земјата разурната од војна.

Тој додаде дека претседателот Володимир Зеленски би можел да биде принуден да донесе „болно решение“ за да се постигне мир.

На прашањето дали Зеленски разговарал со него за можно решение, Кличко одговори дека не го сторил тоа.

„Претседателот Зеленски го прави тоа самиот. Тоа не е моја функција“, додаде тој.

Кличко и Зеленски се политички противници, истакнува Би-би-си.

Градоначалникот постојано го обвинува претседателот и неговиот тим дека се обидуваат да го поткопаат неговиот авторитет.

Слични содржини