Кој е Филип кој го изврши масакрот во Хамбург: Заработувал 250.000 евра дневно, бил огорчен на Јеховините сведоци

од Nikola Popovski

Страшниот напад на центарот на Јеховините сведоци во Хамбург, во кој загинаа седум лица, ја зави Германија во црно. Меѓу убиените е и осомничениот за нападот, Филип Ф. , а според последните информации причина за крвавиот пир би можело да биде тоа што убиецот од пред 18 месеци има исклучително лоши односи со оваа заедница, чиј член бил и самиот.

Филип Ф. најпрвин пукал во автомобилот пред зградата, но возачот успеал да побегне и да повика полиција. Потоа преку прозорецот на приземјето влегол и почнал да пука во ходникот. Во тој момент во салата биле присутни 36 луѓе, пишува „Јутарњи лист“.

Кога на местото на настанот пристигнале припадниците на специјалната единица, затекнале неколку тешко повредени и неколку мртви лица. Додека ги евакуирале луѓето, слушнале истрели. Тие се качиле на првиот кат од салата и пронашле уште едно лице – напаѓачот кој се самоубил.

Жртвите се четворица мажи и две жени на возраст меѓу 33 и 60 години, а меѓу повредените има и жена која била во 28 недела од бременоста и го загубила своето дете. Повредени се осум лица, од кои четворица потешко.

Кој беше Филип Ф.?

Осомничен сторител е Филип Ф.(35), самец кој живеел во Хамбург од 2014 година. Тој е поранешен член на заедницата на Јеховините сведоци. Хамбуршкиот весник „Abendblat“ пишува дека осомничениот ја напуштил заедницата пред околу 18 месеци од непозната причина – доброволно, но веројатно не во добри односи.

Според истражителите, Филип Ф. законски го поседувал оружјето со кое се извршиле убиствата. Дозвола за чување и носење оружје добил во декември минатата година.

Истрагата покажала дека на местото на злосторството испукал девет куршуми од вкупно 15, а со себе имал уште 20 куршуми. Во претресот во неговиот стан биле пронајдени уште 15 рамки и дополнителни 200 парчиња муниција.

Според началникот на полицијата Мартин Мајер, постоеле индиции дека 35-годишниот можеби не е способен да носи оружје поради недијагностицирана ментална болест. Имено, полицијата добила анонимно писмо во кое пишувало дека Филип Ф. е лут на верските следбеници, особено на Јеховините сведоци и на својот поранешен работодавец.

Откако добиле анонимна дојава, тие на 7 февруари извршиле ненајавена проверка на оружјето. Освен муницијата надвор од оружјето, полицијата не нашла други причини кои би укажувале на потреба од понатамошно постапување.

Инаку, на своите веб-страници Филип се претставувал како консултант. Тој нудел различни консултантски услуги во области од „контрола“ до „теологија“, кои скапо ги наплаќал.

Неговите услуги чинеле 250.000 евра дневно, според британски „Телеграф“.

Што се однесува до неговото детство, тој пораснал во строго евангелистичко семејство во Кемптен во регионот Алгау, дознава Шпигел. Студирал бизнис администрација, а себеси се опишувал како „признат Европеец“.

Слични содржини