Кој ќе си оди, а кој останува во кабинетот на Ковачевски?

од Берта Китинска

Течат последните консултации за тоа кој ќе си оди, а кој останува во кабинетот на Димитар Ковачевски.Веќе е познато дека министерот за здравство Венко Филипче, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за образование и наука Мила Царовска нема да бидат дел од новата влада.

Во медиумите се споменува министерот за правда Бојан Маричиќ како кандидат за нов министер за евроинтеграции и вицепремиер, додека за актуелниот вицеоремиер Никола Димитров се шпекулира дека е кандидат за амбасадор во САД. Петре Шилегов е во игра за министер за транспорт и врски,вицепремиерот Љупчо Николовски би можел да се врати во Министерството за земјоделие, а неговото место да го заземе Сања Лукаревска, директорка на УЈП и потпретседател на СДСМ.

„Алтернатива“ викендов ги објави имињата на кандидатите за министерските места. Се очекува новата влада да се формира откако премиерот Зоран Заев ќе ја достави оставката која ја најави по поразот на локалните избори.

Партијата доби вкупно 47 функции, меѓу кои и директорски позиции во МЕПСО, Клиничката болница во Тетово, ПИОМ, АД „Железници на Македонија – Транспорт“,Управа за водење на матични книги и Агенцијата за странски инвестиции.

Царовска веќе најави дека нема да биде дел од новата влада.

Донесов одлука да не учествувам во новата Владата со новиот мандатар, соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

-Во изминатите пет години заедно со мојот тим навистина испорачавме политики во интерес на граѓаните. Јас продолжувам да се борам и да се застапувам за истите вредности и за истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата, како и во силата на жените и младите, рече Царовска.

Министерката за одбрана пред неколку дена изјави дека нема да биде дел од новата Влада.

– За жал, мојот впечаток е дека од тие лекции не ги научивме и дека некои од пораките на јавноста не ги чувме или не ги разбравме, и затоа мислам дека единствената чесна и принципиелна одлука е да не учествувам во следната Влада, нагласи Шекеринска.

Таа потсети дека пред осум месеци се повлекла од партиската функција заменик-претседател на СДСМ оти не се согласувала со дел од политиките, кои според неа, придонеле за пораз на локалните избори и не очекува работите да се сменат.

Воедно и Филипче кажа дека веднаш по изборот на новата Влада, ќе се врати на својата основна професија, на Клиниката за неврохирургија.

-Ова беше едно големо искуство, но доста е од политика. Веднаш по завршување на владината реконструкција, се враќам на мојата основна професија како неврохрируг во Клиничкиот Центар, рече денеска Филипче во изјава за ТВ 24.

Новиот владин кабинет на премиерот во најава Ковечавски нема да донесе промени, туку ќе биде само надградена и проширена верзија на заевизмот, коментира лидерот на опозцисиката ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по информациите дека новата Влада ќе има променет состав во редот на социјалдемократите. За Мицкоски, новиот лидер на СДСМ ќе биде нелигитимен премиер. Решение за проблемите на граѓаните се уште гледа во предвремени избори.

Мицкоски коментира и дека со неодамнешниот предлог лидерот на Алтернатива Гаши да биде технички премиер сакал да покаже дека ДУИ и СДСМ ги користат етничките теми за да ги прикријат вистинските проблеми.

Пендаровски, пак, во рок од 10 дена треба да го додели мандатот на новиот мандатар. Ковачевски ќе има 20 дена да ја состави Владата и да ја напише програмата.

Слични содржини