Колку црвено месо треба да јадеме на неделно ниво?

од Nikola Popovski

Прашањето колку црвено месо е здраво за нашето тело е постојано актуелно, а одговорите честопати се разликуваат од експерт до експерт.

Иако има многу позитивни ефекти врз нашето здравје и е извор на некои основни хранливи состојки, црвеното месо е исто така поврзано со болести на срцето и крвните садови, како и рак на дебелото црево.

Она што е важно да се знае е што точно се смета за црвено месо. Според NHS, тоа е секое месо што е црвено пред подготовката: говедско, јагнешко, овчо месо, свинско месо, телешко месо, но исто така и патка и коњ, додека живината, како пилешко, мисирка и гуска, како и месото од други птици, но и зајакот, се класифицирани како бело месо.

Преработеното месо, како што се колбаси, сланина, шунка и разни салами, вклучувајќи ги и оние направени од пилешко и мисирка, честопати се нарекуваат нездрави поради додавањето сол и разни конзерванси.

„Богато е со протеини и е потребно за урамнотежена исхрана, така што телото произведува доволно аминокиселини“, изјави нутриционистката д-р Џесика Бартлет за „Метро“.

Таа додава дека аминокиселините се клучни за градење и „санирање“ на мускулите и коските поради производството на хормони и ензими, па може да се каже дека црвеното месо му дава енергија на организмот на најосновно ниво, па затоа и не добро е целосно да се елиминира од исхраната.

„Сепак, има и друга храна што содржи протеини, како што се тофу, јајца или леблебија“, објаснува таа, па во тој случај месото би можело да се замени со оваа храна.

„Препорачливо е повремено да се јаде квалитетно свежо црвено месо поради протеини, минерали и витамини, како што се железо, цинк и витамини од групата Б“, додава Бартлет, иако истражувањата го поврзуваат неговиот висок внес со покачени нивоа на холестерол и поголем ризик од срцеви заболувања и рак на дебелото црево.

Тековните истражувања, вели таа, покажуваат дека тие се предизвикани од природните хемикалии што ги има во него, така што во големи количини може да бидат штетни.

Светскиот фонд за истражување на рак (WCRF) ги советува возрасните да конзумираат многу малку или воопшто преработено месо и 350 до 500 грама варено црвено месо неделно, додека британските упатства покажуваат дека дневниот внес е максимум 70 грама.

Нутриционистите затоа се согласуваат дека црвеното месо треба да се замени со растителни опции што е можно повеќе, заради подобрено здравје на дигестивниот систем и намален ризик од заболување.

Слични содржини