“Како што ‘рѓата му е вродена на железото, а црвите на дрвото, така и на секоја демократија ѝ е вродена охлократијата (владеење на толпата) и насилниците. Секогаш во историјата, кога власта ќе ја дограбат луѓе од дното на општеството, целото општество полудува. Сè што било на дното, наеднаш станува мерка за сè.

пишува Слободан Богоески
Во познатиот дух-народе напред, јас после вас, деновиве Црни Грујо го повика македонскиот народ во одбрана на татковината од тиранската платформа на четирите албански партиии клетиот Заев кој наводно ја прифатил. Тој самиот цврсто стоел на браникот на државата, но самиот не можел да ја добрани без помош на народот. Овој патетичен крик на немоќ и повик на патриотизам на народот, сите нè возбуди-нели, татковината е во прашање!?
Од громогласниот повик на нашиот бранител, сличен на Хектор пред ѕидините на Илиј во Троја, не можеме да го чуеме тивкиот вокал на неговиот партнер Али Ахмети. Осум години братска делба на пленот, наречен власт, не е за потценување. Разделбата е вистинска трагедија за партнерите. Ах да беа сега живи Есхил и Софокле, мајсторите на драмските сцени на неверството сторено не по своја волја, туку по божја промисла. Само “победник со победник” можат да бидат во љубов рекоа уште далечната 2007 година во месецот на љубовта. Нели само победниците ја имаат божјата милост. На простосмртните таа не им прилега.
Грујо си ги има своите Бефулчи Али своите “јазичници”. Тие се верни до смрт и сон не ги фаќа едните заради патењето на вождот кому му догорува свеќата, а другите по јазикот. Да имаше јазично разбирање, љубовта меѓу нив ќе беше вечна-до гроба брате, како што би рекол стариот партнер Тачи. Но, јас сепак не можам докрај да ја разберам нивната драма на разделбата .
Зарем за една изјава (Декларација) за јазик да се раскине таква долга и страстна љубов?
Згасна ли страста по пари, имоти и тендери?
Каде отиде неизмерната желба да се управува со туѓите животи или се изморивте од народот кој не знае да ја цени вашата грижа и почитува вашиот божествен происход! Можеби Црни Грујо погреши што не побара до сега Али да се откаже од јазичната декларација. Тоа го побара од сите – од Заев, од т.н. претседател и од сите албански партии и целиот народ, од ЕУ, НАТО, САД. Но, досега тоа не го побара од Али.
Ниту пак овој не покажа загриженост за неуморната борба на Црни Грујо и неговите Бефулчи за “Унитарна” Македонија. И едниот и другиот сакаат бинационална Македонија, макар и техничка. Ако целата држава е техничка-Влада, Собрание, Претседател, градоначалници, Јавниот сектор и сè друго, тогаш зошто да не бидат во скриена, техничка, љубов и тие двајца, да внесат малку страст на скриеното во нивната долгогодишна врска.
Страсни ли врски
Ваквите скриени страстни врски се општо познати во историјата, посебно во владеечките семејства. Но, најголемата опасност за тајните врски никогаш не бил народот туку “дворјаните, односно сопствените Бефулчи. Полибије, во неговите”Истории” мајсторски ги опишува генезата и пропаста на ваквите тајни врски компаративно со судбината на “демократските” тирани: “Како што ‘рѓата му е вродена на железото, а црвите на дрвото, така и на секоја демократија и е вродена охлократијата (владеење на толпата) и насилниците. Секогаш во историјата, кога власта ќе ја дограбат луѓе од дното на општеството, целото општество полудува. Сè што било на дното,наеднаш станува мерка за сè.
Тие власта ја гледаат како голема врчва, полна со народни пари кои тие треба само да ги разграбаат и по нешто поделат на своите Бефулчи кои ги следат во пљачкашкиот поход.
Неизмерно се плашат од сè што е нормално, напредно и доблесно во општеството и прават сè да го сатанизираат.
Оние кои им се најголема опасност,задолжително ќе бидат затворени или протерани од својата земја. Имаат нескриен и несовладлив нагон за одмазда кон сè што е убаво, славно и возвишено. Мислат дека ако тоа го уништат,тие ќе станат единствената вистина. Тогаш својата несреќа ќе можат да ја проектираат на сите. Самите несреќни, својата среќа ја гледаат во несреќата на другите. Само така се чувствуваат сигурни бидејки самите знаат дека се ништо кое се обидуваат да го облечат во божествено руво (“власта е дадена од бога”).
Смртно се уплашени од враќањето на дното од каде дошле бидејки тоа е нивното бивство-несреќата на подземниот свет од каде што мислат дека побегнале. Затоа секој шум, шепот или говор на нормалните луѓе, кои не можат да го поднесат теророт на Ништото за нив е како катаклизмична бура-се плашат да не ги разголи и однесе во подземниот свет. Затоа се плашат од слободата и еднаквоста на луѓето, посебно од слободата на јавниот збор.
Тие го сакаат самосимплекс говорот-оној на нивните Бефулчи и медијски труби. Тој е нивниот Тифон -катаклизмичната небесна бура која го збришала од лицето на земјата сè што е живо и убаво на овој свет. Од громогласната бура на воскликот “За заедничка Македонија” сите ние, другите, се скривме во огромниот процеп на Земјата од срам предпатриотизмот на “Тврдокорните”.
Но, во општата галама и излив на љубов кон Татковината, заборавивме на божествената природа на говорот, пред сè јавниот говор. Платон вели дека божествениот говор е мазен, тивок и одмерен, а зборувањето и галамата се долната, дива и лажна природа на говорот, слично на влакнестите нозе и копита на козата. Љубовта кон татковината, бога и партнерот се искажува со тивкиот говор на срцето и страста во душата. Големата галама ја убива, таа е смртната сенка. Затоа, ве молам за Тишина, престаните на таков начин да ја “сакате” Македонија бидејќи ја легнавте на смртна постела.
Kaкo и секоја скриена љубов и оваа епска љубов на Црни Грујо и Али Јазичникот, мора да има божествен закрилник. Кој друг ако не Св. Ѓорге Грчишки.
Инаку, овој светец е познат убиец на аждајата и заштитник на народот и Родината. Тој сега има тешка задача да се избори со “Тиранската” платформа и бројните Иринии кои се надвиснале над Македонија, пострашни и од митските аждаи. Но, можеби е изморен од борбата со нафтената платформа на братучедите на Црни Грујо-Мијалкови, црните платформи- Змејови на Црниот бизнис со цигари, акцизни “стоки”, Рекетот, Казината и кладилници, Тендерските платформи, Судско-Обвинителските и бројни други “платформи”.
Па и светците не можат све-зар Бог не им го допушта тоа инаку би дошло до Самрак на боговите. Затоа сите да му помогнеме на нашиот Св. Ѓорге.
Еве од мене мала помош во вид на совет. Ѓорге, внимавај да не ја убиеш “Тиранската” платформа бидејќи таа ја изгради Али Јазичникот за да не потони во реката Стикс Црни Грујо, а има гарантен рок од четири години. Без неа ќе исчезнат како привид и двајцата, слично на Елена Тројанска пред очите на Менелај. Не ја напаѓај да не ја убиеш, тоа ќе ти биде слично на последниот поглед на Горгоната во огледалото на подземниот свет (случајно има име слично на твоето,можеби…) Повеќе сврти се кон страшната Иринија чие име надига морници кај нас простосмртните. Таа, покрај Сеќавањето, е најгрдото бесмртно чедо на Бога на кого не му е судено да погине од светци.
Името ѝ е Безаконие
Не призивајте е срдбата на Бога зошто ќе бидеме сите спржени од планетарен гром и Фортуна тешка од која први ќе бидат збришани тие кои се на отворено-на Платформи… Не повикувај го името божје без потреба зошто ќе бидеш казнет, велат светите книги.
За крај, не конечен туку на моите мали совети, ќе ти го повикам Св. Ѓорге Сеќавањето.
Денес е Благовец, слава стара повеќе од 3500 години кај Македонците, но и кај сите народи од целиот свет. Тоа е празник на Светлината. Не само сончевата туки и на васеленската. Тоа е денот кога после шестнеделната смртна темнина предизвикана од борбата на бозите, титаните, змејовите и аждајите, Врховниот го расчистил небото и преживеаните на Земјата го виделе новото Сонце. Од тогаш нема аждаи и змејови. Заедно со светците и тие на платформите ги Создателот ги сместил далеку во бескрајниот Етер. Тие сега се само Сеќавање.
Ние, оттогаш ја славиме Светлината. Засега, толку од мене Св.Ѓ0рге, Црни Грујо и Али Јазичнику.
Скопје, 7 април,на Благовец 2017 год.
Aвтор Слободан Богоески