Кордалов: Потегот на Андреа не треба да се политизира, да се обединиме под боите на знамето

од Vladimir Zorba

Не стивнуваат реакциите на македонската јавност по видеото на кое се гледа како македонската претставничка на Евровизија, Андреа Коевска го фрла македонското знаме во Торино.

Иако се извини за својот непромислен потег, и понатаму продолжуваат критиките упатени кон неа како и кон македонската евровизиска делегација.

За комуникологот Бојан Кордалов, објаснувањето и извинувањето од страна на Андреа се „потег на место“.

-Се што треба едноставно следно да се направи е повторно да се стави во фокусот односот на нашата претставничка и со знамето и со песната, на претставувањето на различни начини на нашата земја. Преку пеењето и настапот сите заедно треба да се сплотиме, обединети под боите на знамето и под песната и духот кој Еврозија ја носи, да навиваме за подобар пласман, вели Кордалов за „Локално“.

Според него, големите настани како што е Евровизија и слични на него, буквално прават светлата на камерите, не само на вечерта на настанот туку и пред и по настапот, да бидат вперени во изведувачите.

-Се мери секој потег, секој настан се што се случува, особено како што е знамето и химната, и тоа може да ве стави во центарот на вниманието. На крајот на краиштата сме имале и други вакви случувања кога била погрешено испеана химната и слично, и сето тоа наидува на коментари во јавноста што е очекувано, но во исто време мислам дека извинувањето или кажаниот збор, беше сосоема на место и беше јасно кажано за што станува збор. Односно, по мое мислење, сакам да верувам дека настанот е непромислен од едноставна причина што претставничката на Евровизија е таму да не претставува под боите и со боите на македонското знаме, појаснува тој.

Кордалов смета дека овој настан не смееме да дозволиме да се политизира.

-Не мислам дека ваков инцидент е нешто невидено на светската сцена или на некои помали или поголеми случувања од ваков тип и во Европа и САД и целиот свет, така што со ова оставаме впечаток за полнење на страниците на медиумите што е сосема ок, бидејќи станува збор за вест, меѓутоа не смееме самите ние да дозволиме да се политизира настанот. Не гледам придобивка ако повеќе од она што се случи вечерта и извинувањето го продолжиме понатаму во една политичка консталација. Сега е време да продолжиме понатаму, се случи што се случи дојде извинувањето ајде да продолжиме под боите на земјата, знамето, пред се песната и да уживаме во Евровизија, подвлекува комуникологот.

Потегот на Андреа е скандалозен, велат од МРТ

„Јавниот сервис ја разгледува можноста за нејзино повлекување од Евровизија, иако ќе се води сметка да не се предизвика поголема штета по МРТ. Против одговорните во македонската делегација ќе бидат презмени сите законски можности за најстрого санкционирање за овој скандал“, се вели во реакцијата на МРТ.

Според законите, недоличната употреба на државното знаме е казниво дело. Од Јавното Обвинителството информираа дека немало индиции дека во настанот имало намера државното знаме да се изложи на подбив и исмејување.

Б.М.

Слични содржини