Коронавирусот го напаѓа човечкиот систем кој дава одговор на стресот

од Nikola Popovski

Европските научници објавија дека за прв пат докажале дека коронавирусот го напаѓа човечкиот систем за одговор на стресот со тоа што го ослабува одговорот на надбубрежната жлезда на Ковид-19.

Истражувањата покажаа дека коронавирусот ги напаѓа надбубрежните жлезди, а со тоа ја слабее способноста на телото да произведува хормони на стрес кортизол и адреналин, кои се потребни за борба против тешката инфекција.

Дел од одбранбениот систем на телото, овие жлезди се неопходни за опстанок во стресни ситуации, особено кога станува збор за инфекција со коронавирус.

Истражувањето било објавено во ноември во „The Lancet Diabetes and Endocrinology“ од група научници од Лондон, Регенсбург, Цирих и Дрезден.

„Резултатите од нашето најново истражување сега за прв пат покажуваат дека вирусот значително влијае на човечкиот систем за одговор на стресот“, рече Стефан Борнштајн, директор на Центарот за интерна медицина во Универзитетската болница во Дрезден.

-Дали овие промени директно придонесуваат за адренална инсуфициенција или долг ковид сè уште не е познато, рече тој. Тоа треба да се истражи.

Потсетувајќи дека неодамнешните истражувања покажуваат дека земањето стероиди го спречува влошувањето на болеста кај пациенти со Ковид-19, научниците веруваат дека некои лекови можат да помогнат во ублажувањето на ефектите од коронавирусот.

„Тие докази ја истакнуваат потенцијално важната улога на стероидите во борбата против Ковид-19“, велат научниците од Универзитетот во Цирих.

Истражувачите ги анализирале податоците собрани од 40 пациенти во Дрезден кои починале од Ковид-19 и откриле дека патохистолошката анализа на примероците од ткиво покажала јасни знаци на воспаление на надбубрежните жлезди.

Фото: RUSSELL KIGHTLEY / Sciencephoto / Profimedia

Слични содржини